Управата за јавни приходи најави интензивни активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина, насочени кон субјекти кои остваруваат промет без регистриран фискален систем.
Според службената евиденција на УЈП, детектирани се 6.451 активен даночен обврзник со вработени лица кои воопшто немаат регистрирано фискален уред, иако дејствуваат во сектори со готовински плаќања како трговија, угостителство, туристички агенции и сметководствени услуги.
Од нив, дури 3.115 субјекти се регистрирани и како ДДВ обврзници, што дополнително потврдува дека вршат редовна деловна активност за која не издаваат фискални сметки.
Паралелно со првата фаза на контроли, Управата детектирала дополнителни 13.966 даночни обврзници во истите дејности без фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки и вкрстување на податоци. Целта е да се утврди дали овие субјекти реално работат без да го пријавуваат прометот и без да плаќаат даноци, при што од УЈП нагласуваат дека доколку се утврдат неправилности, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки.
Законот за регистрирање на готовински плаќања јасно пропишува дека секој обврзник кој врши промет на добра и услуги со готовина е должен да користи одобрен фискален систем и задолжително да издава сметки.
Даночната администрација упати јасен повик до сите деловни субјекти кои сè уште не се усогласени со законот, итно и доброволно да извршат набавка и регистрација на фискални апарати преку овластени оператори. Непостапувањето според законските одредби повлекува високи парични глоби и привремено запечатување на објектите.






