„Алкалоид“ со силен старт во 2026: Продажбата надмина 85 милиони евра, голем раст на извозот во Казахстан

„Алкалоид“ со силен старт во 2026: Продажбата надмина 85 милиони евра, голем раст на извозот во Казахстан

Најголемата македонска фармацевтска компанија „Алкалоид АД Скопје“ ја започна 2026 година со одлични деловни резултати, бележејќи раст на сите клучни позиции во првиот квартал.

Според официјалните податоци, вкупните консолидирани продажби на компанијата во периодот јануари-март достигнаа речиси 85,3 милиони евра (5.247.063.071 денари), што претставува пораст од 1% во однос на претходната година.

На домашниот пазар, компанијата оствари значителен скок на продажбата од 18%, додека на странските пазари се реализирани 63% од вкупните приходи. Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 20-пати, потоа во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Чешка каде што продажбите се зголемени 2,3 пати. Потоа следуваат оние во Грузија (раст од 95%), Косово (раст од 39%), во Грција (раст од 38%), Полска (раст од 34%), итн.

Според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93%. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 21%, препаратите ОТЦ со 19%, невролошките препарати со 13%, кардиолошките препарати со 11% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 4%, а билкарство учествува со 1%.

Компанијата бележи и раст на профитабилноста, па така консолидираната нето-добивка за првите три месеци изнесува околу 8,4 милиони евра (515.611.777 денари), што е за 5% повеќе во споредба со лани. Единечната нето-добивка пак бележи уште поголем раст од 17% и достигна 7,7 милиони евра.

Вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 7,9 милиони евра (486.313.000 денари), што е за речиси 90% повеќе од минатата година. Интересно е што речиси половина од овие средства се насочени кон „Алкалоид Енергетика“ за изградба на фотоволтаични капацитети, со што компанијата ја потврдува својата стратешка определба кон обновливи извори на енергија.

Групацијата „Алкалоид“ денес брои 3.027 вработени, а само во првиот квартал во Македонија се реализирани 28 нови вработувања. Компанијата продолжува со грижата за својот кадар, па во февруари на вработените им беше исплатен регрес за годишен одмор во износ од 764 евра (47.000 денари) во нето износ.

На берзански план, акциите на „Алкалоид“ остануваат меѓу најликвидните, со пазарна капитализација од околу 585 милиони евра (36 милијарди денари). Акционерите имаат дополнителна причина за задоволство бидејќи во мај започнува исплатата на дивидендата за 2025 година, која изнесува 11,7 евра (720 денари) бруто по акција, што е за 14,3% повеќе во споредба со исплатената дивиденда претходната година. Просечната цена на една акција на македонската берза во првиот квартал изнесуваше околу 410 евра (25.249 денари).

Асоцијација (03 јуни 2026)