Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој носи темелна реформа и досега најстроги правила во оваа дејност. Министерството за финансии соопшти дека целта на новото решение е зајакнување на контролата, сузбивање на сивата економија и перењето пари, како и далеку поголема заштита на граѓаните и младите.
Една од клучните социјални мерки во законот е воведувањето на критериумот за оддалеченост, според кој деловните простории на одредени приредувачи на игри на среќа мора да бидат лоцирани најмалку 500 метри подалеку од основните и средните училишта. Дополнително, државата го презема целосниот монопол врз интернет, електронските и лотариските игри (со исклучок на затворената томбола), кои отсега ќе се приредуваат исклучиво преку трговско друштво во 100% државна сопственост.
За првпат детално се регулираат и интернет-подарувањата (giveaway) на социјалните мрежи, за кои се воведува обврска за добивање дозвола и плаќање соодветна државна давачка. Во делот на финансиската транспарентност, се воведуваат строги меѓународни „fit and proper“ критериуми за соодветност и интегритет на сопствениците и менаџерите на обложувалниците и казината, согласно препораките на Мoneyval за спречување на финансиски злоупотреби.
Контролата на терен драстично се засилува со обврската за задолжително поставување GPS-системи за позиционирање на секој автомат, кои ќе бидат директно поврзани со Управата за јавни приходи (УПЈ). Ова ќе спречи нелегално поставување апарати кај нелиценцирани приредувачи.
Се менуваат и правилата за рекламирање – целосно се забрануваат светлечки, агресивни или надворешни реклами на објектите, како и секакви пораки кои сугерираат дека коцкањето е решение за финансиски или социјални проблеми.
Законот става крај и на практиката со иста главнина да се отвораат неограничен број објекти, па сега за секоја дополнителна лиценца ќе биде потребен кумулативен износ на основна главнина. Во меѓувреме, се задржува социјалната компонента со која меѓу 60 и 120 милиони денари од давачките од коцкање годишно ќе се доделуваат за поддршка на Црвениот крст, националните инвалидски организации и здруженијата за борба против семејно насилство. За прекршителите на новите правила, предвидени се многу повисоки глоби и проширени основи за итно одземање на лиценците.







