Уапсена професорка на штипскиот универзитет при примање поткуп од 300 евра од студент од Турција

Уапсена професорка на штипскиот универзитет при примање поткуп од 300 евра од студент од Турција

Полициски службеници од СВР Штип вчера ја лишиле од слобода Т.А. (39) од Штип, редовна професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“, под основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“. Професорката била уапсена во полициска акција во моментот кога ги земала парите кои претходно биле криминалистичко-технички обработени.

Случајот во полицијата го пријавил дваесет и шестгодишниот К.Б., државјанин на Република Турција со привремен престој во Штип, кој студира на штипскиот универзитет. Студентот пријавил дека професорката му побарала сума од 300 евра за да му овозможи да положи испит кој бил закажан за полагање токму на денот на апсењето.

По пријавата, полицијата во соработка со Основното јавно обвинителство Штип подготвила стапица и на студентот му биле предадени три обележани банкноти од по 100 евра, кои тој подоцна ѝ ги предал на Т.А.

Полицијата ја привела осомничената веднаш по примопредавањето на парите. Бележаните банкноти се пронајдени и одземени, а Т.А. е задржана во полициска станица. По целосно документирање на овој корупциски случај, СВР Штип до надлежното обвинителство ќе поднесе соодветна кривична пријава.

Асоцијација (24 јуни 2026)