Алкалоид достигна 164 милиони евра приходи во првата половина од годината

Алкалоид достигна 164 милиони евра приходи во првата половина од годината

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2025 година продажбите достигнуваат 6.754.023.385 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.113.230.177 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Во 2024 година остваривме импресивен раст од 15%, што значително ги надмина нашите првични проекции и претставуваше речиси двојно зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %.

Од вкупните консолидирани продажби 34 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Холандија, кои се зголемени 6,6-пати; потоа во Австрија, каде што се зголемени 5,3-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Јужна Африка, каде што се зголемени 3-пати, како и во Финска каде што продажбите се зголемени 2,8 пати. Потоа следуваат оние во Ирска (раст од 66%), Грузија (раст од 45%), Ерменија (раст од 23 %), во Грција (раст од 17 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Германија (раст од 14 %), во Словенија (раст од 10 %), Србија (раст од 10 %), Хрватска (раст од 9 %) итн.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 16 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %.

Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 8 %, хемија раст од 15 %, козметика пад од 7 %, а билкарство намалување од 17 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2025 година изнесуваат 615.183.731 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.614.311.178 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 941.846.091 денари и е зголемена за 7 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.699.523.384 денари и бележи раст од 9 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 855.738.395 денари е зголемена за 4 %.

Алкалоид достигна 164 милиони евра приходи во првата половина од годината