„Алкалоид“ оствари продажби од 168 милиони евра и добивка од 14,4 милиони евра во првата половина од годината

„Алкалоид“ оствари продажби од 168 милиони евра и добивка од 14,4 милиони евра во првата половина од годината
Сподели:

Фармацевтската компанија „Алкалоид АД Скопје“ го заврши периодот јануари-јуни 2026 година со остварени вкупни консолидирани продажби од околу 168 милиони евра, што претставува раст од 2 проценти во споредба со истиот период од минатата година.

Единечните продажби исто така бележат раст од 2 проценти и достигнаа 111,71 милиони евра. Изминатите шест месеци компанијата реализираше 43 нови вработувања во Македонија и силен инвестициски циклус.

Скок на продажбите во Казахстан, Чешка и Швајцарија

Од вкупните консолидирани продажби, 37 проценти се остварени на домашниот пазар, додека 63 проценти отпаѓаат на извоз. Растот на домашниот пазар изнесува 12 проценти, што во најголем дел се должи на обезбедувањето на современи ретки и специфични терапии за здравствениот систем.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 18-пати, потоа во Чешка, каде што се зголемени 3,7-пати, како и во Швајцарија каде што продажбите се зголемени 2,6 пати. Потоа следуваат оние во Велика Британија (раст од 97%), Грција (раст од 54 %), во Португалија (раст од 51 %), Полска (раст од 31 %), итн.

Раст на добивката и инвестиции во фотоволтаици

Консолидираната нето-добивка на достигна 14,48 милиони евра, што е раст од 4 проценти. Консолидираната ЕБИТДА изнесува 29,76 милиони евра и бележи зголемување од 8 проценти. Единечната нето-добивка порасна за 13 проценти, достигнувајќи 17,24 милиони евра.

Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства изнесуваат 13,62 милиони евра, што претставува раст од 69 проценти во споредба со лани. Дел од инвестициите се насочени преку „Алкалоид Енергетика ДООЕЛ“ за изградба на фотоволтаични централи кои започнуваат со пробна работа во јули 2026 година.

Плати, регрес и берзански податоци

Компанијата во моментов брои 3.030 вработени, од кои 2.221 во Македонија и 809 во странство. Просечната нето-плата во компанијата во јуни изнесува 1.100 евра (67.646 денари), а на вработените им е исплатен и регрес за годишен одмор (К-15) во нето-износ од 764 евра (47.000 денари).

Пазарната капитализација на компанијата на 30 јуни 2026 година достигна 563,25 милиони евра. Цената на акцијата во првото полугодие се движеше помеѓу 390 и 444 евра (од 24.010 до 27.300 денари), односно просечно 408 евра (25.101 денар). Изминатиот мај започна и исплатата на бруто-дивидендата од 11,7 евра по акција, односно 10,5 евра нето (720 денари бруто / 648 денари нето), што е за 14,3 проценти повеќе во споредба со минатата година.