Во услови на глобална нафтена криза и ценовен шок предизвикан од конфликтот меѓу САД и Иран и тензиите околу Ормутскиот теснец, „Макпетрол АД Скопје“ во првите шест месеци од 2026 година оствари вкупни приходи од околу 287,8 милиони евра. Ова претставува раст од 22,21 процент во споредба со истиот период минатата година.
И покрај екстремните осцилации на светските берзи и притисокот врз маржите, компанијата ја заврши првата половина од годината со добивка пред оданочување во износ од околу 8,97 милиони евра, што е за 8,72 проценти повеќе во споредба со првото полугодие од 2025 година.
Трговците под притисок на регулативата, сепак зголемен прометот
Од компанијата посочуваат дека се соочиле со силен притисок од домашната регулаторна рамка. Според нивното образложение, методологијата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за пресметка на малопродажните цени заснована на 5-дневен просек, како и намалувањето на признатиот трошок за работење преку склад за 30 проценти (на 1,20 денари за литар), привремено ги принудиле трговците да продаваат горива под набавната цена.
Сепак, преку оптимизација на трошоците и диверзификација на портфолиото, „Макпетрол“ ја зачува пазарната стабилност и оствари позитивни оперативни показатели:
- Количествен промет: Зголемување на прометот со деривати за 1,16 проценти.
- Малопродажба: Раст на приходите на мало за 17,4 проценти, поддржан од зголемениот асортиман на бензинските станици (раст од 13,7%).
- Големопродажба: Раст од 55 проценти, главно благодарение на зголемената продажба на млазно гориво.
- Извоз: Продажбата на странски пазар (главно млазно гориво) зазема 5,93 проценти од вкупните приходи.
Трошоци, дивиденда и нови инвестиции
Вкупните расходи во изминатиот период достигнаа 278,86 милиони евра, што е за 22,7 проценти повеќе од лани. Растот е главно резултат на повисоките набавни цени на дериватите на светските берзи (раст на набавната вредност за 25,31%), кои зафаќаат околу 88 проценти од сите приходи. Трошоците за вработени забележаа раст од 5,91 процент (достигнувајќи 861.626 евра).
Во текот на првите шест месеци компанијата реализираше и нов инвестициски циклус од околу 2,54 милиони евра, наменети за реконструкција и изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти.
Во поглед на дивидендата, на Собранието на акционери одржано во мај е донесена одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во бруто-износ од 467,28 милиони денари (7,6 милиони евра), односно 4.620 денари (75,1 евра) бруто по акција, која ќе се реализира најдоцна до 30 септември 2026 година.

