Словенечката компанија „ИНЕА“ разгледува инвестиција од минимум 15 милиони евра во ТИРЗ

Словенечката компанија „ИНЕА“ разгледува инвестиција од минимум 15 милиони евра во ТИРЗ
Сподели:

Словенечката инженерска и технолошка компанија „ИНЕА“ разгледува можност за нова потенцијална инвестиција во технолошко-индустриските развојни зони во Македонија, вредна најмалку 15 милиони евра. Проектот предвидува отворање на најмалку 100 нови работни места.

За можностите и условите за реализација на оваа инвестиција, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари работна средба со генералниот директор на компанијата од Љубљана, Алесандро Лупис.

За време на средбата, директорот Димовски ги претстави поволностите кои ги нудат ТИР зоните во соработка со Владата, акцентирајќи ги стратешката локација, современата инфраструктура, стручната работна сила и пакетот мерки за поддршка. Тој потенцираше дека ДТИРЗ обезбедува континуирана поддршка за инвеститорите во сите фази од процесот. Генералниот директор на „ИНЕА“, Алесандро Лупис, изрази задоволство од средбата и најави продолжување на комуникацијата за разгледување на сите детали околу потенцијалната инвестиција.

ИНЕА е компанија специјализирана за индустриска автоматизација, дигитализација на производствените процеси, роботика и енергетски менаџмент, која со своите решенија им помага на компаниите да ја зголемат ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста. Компанијата има реализирано бројни проекти на меѓународно ниво и претставува пример за високотехнолошки развој и иновации. Со повеќе од 35 години искуство и над 3.000 реализирани проекти во повеќе од 30 земји, ИНЕА е препознаена како партнер за развој и имплементација на современи решенија во индустриската автоматизација, дигитализацијата и управувањето со енергија.

Компанијата соработува со водечки глобални технолошки компании, меѓу кои AVEVA, Siemens, Rockwell Automation и Dassault Systèmes, придонесувајќи кон унапредување на производствените процеси и воведување на иновативни технологии.