Во периодот од 18.08.2025 до 24.08 2025 година, Управата за јавни приходи спроведе вкупно 167 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови, хотели, бутици, фризерски салони, аптеки, ПЗУ, спа центри, бензиски пумпи, приредувачи на игри на среќа и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите се реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од вкупно 167 контролирани субјекти, кај 69 (41,3%) од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. Од нив, 51 глоби се за неиздавање на фискални сметки, 14 за неводење на книга за дневни извештаи, 2 за непоседување на резервен фискален систем на опрема и 2 заради тоа што фискалната сметка не ги содржи пропишаните елементи.
За утврдените неправилности донесени се 69 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За еден субјект поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
Од УЈП апелираат до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.