Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од ЕСМ апелираат да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваат сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска.
Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.
За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.