Повторно измама со лажна сообраќајна несреќа во Скопје – овој пат жртви се повозрасни сопружници од главниот град, кои на измамник му дале 10.000 евра верувајќи дека помагаат на нивната внука.
Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), на 29 септември во 21:30 часот, 83-годишна жена пријавила во Полициската станица Центар дека таа и нејзиниот сопруг биле измамени од непознато лице кое телефонски им се претставило како полициски инспектор.
Според пријавата, лицето ги известило дека нивната внука наводно предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила малолетно лице кое починало, и дека за да ја избегне кривичната одговорност, потребно е итно да предадат пари.
Сопружниците, однеле 10.000 евра на договорено место. Подоцна, по враќањето дома, стапиле во контакт со нивната внука и откриле дека таа не била инволвирана во никаква несреќа, по што сфатиле дека станале жртви на измама.