Индустриското производство во август е намалено за 1,9% во споредба со истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика. Сепак, кумулативниот индекс на индустриското производство за периодот јануари – август 2026 година, во однос на истиот период од 2025 година, бележи благ пораст и изнесува 100,6.
Според сектори, најизразено опаѓање од 10,1% е регистрирано во Рударството и вадењето камен, додека Преработувачката индустрија бележи пад од 1,3%. Напроти нив, секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација оствари благ раст од 0,8%.
Намалувањето во клучната Преработувачка индустрија главно се должи на намалениот обем на работа во повеќе индустриски оддели. Најголемо негативно влијание врз вкупниот резултат имаат падот во производството на машини и уреди од 9,6%, производството на моторни возила, приколки и полуприколки од 8,7%, како и производството на електрична опрема од 6,9%. Пад е забележан и кај текстилната индустрија, хемискиот сектор, производите од пластика и металургијата.
Според главните индустриски групи, во август е евидентиран пад кај Капиталните производи за 8,9%, Енергијата за 6,5% и Интермедијарните производи за 4%. Позитивен тренд е забележан кај производите за широка потрошувачка, каде Нетрајните производи бележат раст од 7%, а Трајните производи за широка потрошувачка бележат зголемување од 5%.

