Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на подрачјето на целата држава насочена кон возачите на лесни електрични возила, односно електрични тротинети. За време на акцијата, која се одвиваше во вечерните часови, полициските службеници регистрираа вкупно 167 прекршоци.
Според информациите од МВР, најголем дел од сообраќајните прекршоци се однесуваат на неносење заштитен шлем, како и неносење рефлектирачки елек при управување во ноќни услови, што е пропишана законска обврска за возачите на овие возила.
Најголем дел од санкциите ги изрече Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата со вкупно 81 прекршок, по што следат подрачјето на СВР Охрид со 26 и СВР Битола со 23 прекршоци.
Останатите прекршоци се констатирани на подрачјата на сите други сектори за внатрешни работи низ државата. Во рамки на спроведените активности, полициските службеници привремено одзедоа и два електрични тротинети.
Покрај прекршоците кај возачите на електрични тротинети, за време на контролата се евидентирани и дополнителни 206 прекршоци од друг вид. Од МВР најавуваат дека зајакнатите сообраќајни контроли продолжуваат со непроменета интензивност и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

