По речиси 50 години од нејзината изградба во 1977 година, објектите на трансформаторската станица 400/110 kV „Дуброво“ официјално се запишани како државна сопственост во корист на АД МЕПСО. Со ова се затвора еден од најголемите долгогодишни имотно-правни проблеми во македонската електроенергетска инфраструктура и се отвора патот за сигурно одржување, модернизација и идни инвестиции во преносната мрежа.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со АД МЕПСО и надлежните институции, започна системски процес за уредување на сопственоста на енергетските објекти кои со години беа административна пречка за реализација на нови капитални проекти.
Решавањето на статусот на ТС „Дуброво“ е резултат на одлуката на Владата за формирање посебна Работна група за регулирање на имотно-правниот статус на 110 kV трафостаниците помеѓу АД МЕПСО и ЕВН АД. По иницијатива на министерката Сања Божиновска, воспоставена е директна координација со цел забрзано надминување на сите отворени прашања во секторот.
Паралелно со овој процес, во тек се активности за уредување на имотно-правниот статус и на ТС 110/20 kV „Бунарџик“, каде што се подготвува договор за отстапување без надоместок на половина од имотот во корист на АД МЕПСО. Со тоа ќе се создадат услови за изградба на новиот 110 kV далекувод ТС „Бунарџик“ - ТС „Миладиновци“, кој е од клучно значење за стабилно снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во земјава.

