Јавното претпријатие за државни патишта го направи клучниот чекор за почеток на градбата на автопатската делница Кичево-Букојчани, со потпишување на договорот за вршење надзор над градежните работи. Договорот се однесува на делницата во должина од 11,5 километри, која е дел од стратешкиот Коридор 8.
Документот го потпишаа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, и генералниот директор на ГИМ АД Скопје, Влатко Иванов, во име на избраниот конзорциум. Договорот е резултат на двофазна меѓународна тендерска постапка спроведена според строгите правила и одобрение на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Избраниот конзорциум, предводен од Градежен Институт Македонија АД Скопје заедно со партнерите ДИВИ Македонија ДОО и ГЕИНГ ДОО Скопје, ќе има задача да го следи квалитетот, безбедноста и согласноста на изведбата со проектната документација. Проектот за изградба ќе се реализира во две одделни фази, и тоа од селото Црвевци до Кичево и од селото Долно Строгомиште до селото Црвевци.
Со реализацијата на оваа автопатска траса трајно ќе се надмине сегашното сообраќајно решение преку превојот Стража. Новото автопатско решение ќе овозможи современа и значително побезбедна патна врска низ ридско-планинскиот терен, во согласност со сите европски стандарди за безбедност и квалитет.

