Домашниот банкарски систем е стабилен и соодветно капитализиран, а Народната банка на секојдневна основа го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност и изложеноста на ризици. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со актуелните медиумски наводи за прекугранични трансфери на парични средства, нагласувајќи дека централната банка презема соодветни мерки во рамките на своите законити надлежности секогаш кога за тоа постои правна основа.
Поводот за реакциите во јавноста, односно наводите за трансфер на средства од Србија кон странство, е проследен со појаснување дека Народната банка на Србија веќе има објавено официјално соопштение и дека одливите на капитал од одредена држава се предмет на интерес исклучиво на нејзините матични институции.
Според Славески, прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од современите економски активности, а самата трансакција на средства од една во друга земја не претставува индикатор за сомнителна активност, туку одлука на инвеститорите кои бараат поповолна инвестициска клима, повисоки приноси или сигурност во периоди на глобална неизвесност.
Високиот квалитет на супервизорската функција што ја врши Народната банка е официјално потврден со одлуката на Европската комисија од 2021 година, со која домашната регулаторна и супервизорска рамка за банките е оценета како целосно еквивалентна на стандардите на Европската Унија. Супервизијата се спроведува преку постојано вонтеренско следење и редовни теренски контроли, во блиска соработка со домашните државни институции и странските регулаторни тела.
На крајот од своето обраќање, гувернерот Славески упати апел до јавноста и граѓаните довербата во финансискиот сектор да ја темелат врз проверени информации и официјални факти. Тој потенцираше дека Народната банка продолжува континуирано да работи на одржување на стабилноста на банкарскиот систем, кој останува еден од основните столбови за севкупната економска стабилност во државата.

