ТИТАН УСЈЕ со остварена нето-добивка од 22,4 милиони евра во првите девет месеци од оваа година

ТИТАН УСЈЕ со остварена нето-добивка од 22,4 милиони евра во првите девет месеци од оваа година

Во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година, ТИТАН УСЈЕ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати кои бележат умерен раст на приходите и профитабилноста.

Вкупните приходи од продажба достигнаа околу 79,24 милиони евра, што претставува зголемување од 5 проценти во споредба со истиот период лани. Овој позитивен тренд придонесе нето-добивката по оданочување да порасне за 3 проценти и да достигне околу 22,4 милиони евра.

Главниот двигател на позитивниот резултат е домашниот пазар, каде приходите од продажба бележат раст од 10 проценти и изнесуваат околу 60,73 милиони евра, со што учеството на домашната продажба во вкупната реализација порасна на 77 проценти. Од друга страна, приходите од продажба на странските пазари забележаа пад од 10 проценти и изнесуваат околу 18,51 милион евра, со учество од 23 проценти во вкупната продажба. Вкупните оперативни приходи изнесуваат околу 79,34 милиони евра, додека оперативните расходи бележат зголемување од 6 проценти и достигнаа околу 53,26 милиони евра, пред сè како резултат на повисоките трошоци за горива и енергија.

Оперативната добивка пред камата, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува околу 29,92 милиони евра, што претставува минимално зголемување од 2 проценти. Сепак, ЕБИТДА маргината бележи благо намалување од 39 на 38 проценти, додека нето-профитната маргина изнесува 28 проценти од приходите од продажба. Оперативната добивка на Друштвото достигна околу 26,08 милиони евра, додека добивката пред оданочување порасна за 2 проценти и изнесува околу 26,14 милиони евра.

Во насока на долгорочен развој, ТИТАН УСЈЕ реализираше капитални инвестиции во износ од околу 3,74 милиони евра. Од оваа сума, околу 1,15 милион евра се наменети за проекти за заштита на животната средина и безбедноста и здравјето при работа. Останатите вложувања се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, дигитализација на процесите и поголема употреба на алтернативни горива.

До крајот на 2026 година, компанијата планира вкупните капитални инвестиции да достигнат околу 9,20 милиони евра, со цел понатамошна модернизација и развој на еколошки производи со помала содржина на клинкер.