Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска присуствуваше на големата воена парада во Загреб, организирана по повод 30-годишнината од Воено-полициската операција „Олуја“.
Во своето обраќање, премиерот Пленковиќ истакна дека на парадата се присутни припадници на хрватската војска, полиција, ветерани и сите составни делови на системот на татковинска безбедност. „Во време на бројни геополитички предизвици, ќе продолжиме да инвестираме во модернизација на војската и полицијата, чувари на нашата безбедност“, рече Пленковиќ.
Тој нагласи дека Хрватска денес, со значително зголемени издвојувања за одбраната, првенствено се потпира на себе и на своите сили, користејќи моќни воени средства, како и на своето членство во НАТО.
Премиерот Пленковиќ им честиташе и им се заблагодари на сите учесници за одлично организираната парада. „Нека сите видат колку е силна хрватската држава!“, заклучи Пленковиќ.