Турската компанија „Шахтерм“ ги привршува градежните активности во технолошко-индустриските развојни зони и се подготвува за почеток на производството до крајот на оваа година.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, во рамки на редовната комуникација со инвеститорите, оствари посета на локацијата каде што од мај минатата година интензивно се градат новите производствени капацитети. За време на увидот, Димовски се сретна со генералниот менаџер на компанијата, Фарук Шахин, со кого ги разгледаа динамиката на реализација на проектот, тековните активности и следните чекори пред официјалниот старт.
Димовски истакна дека ТИРЗ останува посветен партнер на сите инвеститори и дека успешната реализација на проектите е резултат на добра координација и отворена комуникација меѓу институциите и компаниите. Од своја страна, генералниот менаџер Фарук Шахин изрази благодарност до Дирекцијата за ТИРЗ за континуираната институционална поддршка за време на изградбата.
Инвестицијата на „Шахтерм“ во првата фаза изнесува 25 милиони евра и предвидува отворање на 200 нови работни места. Вкупниот инвестициски план на компанијата предвидува вложување од 50 милиони евра и ангажирање на повеќе од 500 вработени.

