Јавниот долг падна на 58,8 проценти од БДП во вториот квартал од оваа година

Јавниот долг падна на 58,8 проценти од БДП во вториот квартал од оваа година
Сподели:

Јавниот долг на Македонија во вториот квартал бележи намалување за 0,1 процентен поен или за 21 милион евра во апсолутен износ во споредба со претходниот квартал. Со тоа, нивото на јавниот долг се спушти на 58,8 проценти од БДП, односно изнесува 10,72 милијарди евра, соопшти Министерството за финансии.

Споредено со претходните години, ова е намалување за 2,6 процентни поени во однос на крајот на 2024 година и за 0,6 процентни поени во однос на крајот на 2025 година.

Според објавените податоци, намалување бележи и државниот долг кој заклучно со 30 јуни 2026 година изнесува 9,43 милијарди евра (51,7% од БДП), што е за 41 милион евра или 0,2 процентни поени помалку во споредба со мај.

Исплата на еврообврзницата и менаџирање со долгот

Во текот на вториот квартал од годинава се исплатени над 300 милиони евра за сервисирање на дел од Еврообврзницата од 2020 година која изнесуваше вкупно 700 милиони евра, додека нејзиниот поголем дел беше исплатен во првиот квартал.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека при евентуални нови задолжувања е најважно парите правилно да се насочуваат кон капитални проекти што го поттикнуваат економскиот раст. Според неа, подобрувањето на животниот стандард не подразбира само повисоки плати, туку и подобри болници, патишта и железничка инфраструктура.