Спречен обид за шверц на девизи на Табановце: Запленети над 64 илјади евра кај грчки државјанин

Спречен обид за шверц на девизи на Табановце: Запленети над 64 илјади евра кај грчки државјанин
Сподели:

Царинските службеници на влезот на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален пренос на девизи и запленија 64.250 евра при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин.

На прашање од цариниците дали има нешто да пријави, патникот поднесол образец издаден на влез во Србија за сума од 60 илјади евра. Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници во соработка со полициски службеник од Фронтекс извршиле детален претрес на возилото, при што биле пронајдени вкупно 124.250 евра.

Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60 илјади евра, додека непријавените 64.250 евра се привремено одземени. Против грчкиот државјанин е поведена соодветна прекршочна постапка пред надлежен суд.

Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава се откриени вкупно 30 случаи на нелегален пренос на девизи. При овие акции досега се запленети вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35 илјади австралиски долари.