„Витаминка“ оствари приходи од над 34 милиони евра, не ги зголеми цените на производите и покрај растот на репроматеријалите

„Витаминка“ оствари приходи од над 34 милиони евра, не ги зголеми цените на производите и покрај растот на репроматеријалите
Сподели:

Прилепската прехранбена компанија „Витаминка АД“ го заврши периодот јануаи-јуни со остварени приходи од околу 34,15 милиони евра, што претставува раст од 9 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Остварените приходи претставуваат 77 проценти од првично планираните 44,6 милиони евра. Од компанијата појаснуваат дека свесно одлучиле да не ги покачат продажните цени на готовите производи со цел да ја зачуваат конкурентноста и пазарниот удел, и покрај тоа што цените на одделни репроматеријали значајно пораснале.

Повисоки расходи за амбалажа и енергенси, но стабилен раст на нето-добивката

Вкупните единечни расходи во изминатите шест месеци достигнаа околу 33,68 милиони евра, што е за 13 проценти повеќе во однос на истиот период од лани. Растот на трошоците е резултат на зголемениот обем на производство, но и на повисоките цени на амбалажата, енергенсите, транспортот и логистиката.

И покрај ценовниот притисок врз производството, „Витаминка“ оствари нето-добивка по оданочување во износ од околу 488.000 евра, што претставува раст од 15 проценти во споредба со првата половина од минатата година.

Во однос на дивидендата, на Годишното собрание на акционери одржано на 27 мај 2026 година е донесена одлука целокупната добивка остварена во 2025 година да биде распределена во резервниот фонд на компанијата, со цел дополнително зајакнување на капиталната основа.

Вложувања во автоматизација, фотоволтаици и нови линии

Компанијата реализираше инвестиции во основни средства во вкупна вредност од околу 553.500 евра. Меѓу позначајните вложувања се набавката на автоматска линија за пакување меки кекси, нови пакувачки машини, купување недвижен имот за проширување на капацитетите, изградба на нова лабораторија, како и инвестиции во батериски системи за зелена транзиција и енергетска ефикасност.

Во однос на човечките ресурси, бројот на вработени е намален за 15 лица како резултат на автоматизацијата на процесите и организациската оптимизација, но и поради традиционалната сезонска динамика каде што потребата од работна сила е поголема во второто полугодие.

За втората половина од годината, раководството на компанијата најавува фокус врз зголемување на искористеноста на новите капацитети, јакнење на извозот и развој на нови производи, со посебно внимание врз ценовните движења на какаото, сончогледовото масло и енергенсите во глобални рамки.