Градоначалникот Стефковски потсети на забраната за користење мобилни телефони за време на наставата во училиштата во Гази Баба

Градоначалникот Стефковски потсети на забраната за користење мобилни телефони за време на наставата во училиштата во Гази Баба
Сподели:

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, упати апел до сите родители и ученици на еден ден пред почетокот на новата учебна година, потсетувајќи ги на строгата забрана за поседување и користење на мобилни телефони и други електронски уреди за време на наставниот процес.

Оваа мерка има за цел да се создаде подобра средина во училниците и да се овозможи непречено одвивање на часовите.

Стефковски појасни дека нотификациите и присуството на телефоните во училницата сериозно ја нарушуваат концентрацијата, го одвлекуваат вниманието на учениците и го прекинуваат ритамот на предавањата.

Со отстранувањето на дигиталните уреди од часовите, на учениците им се овозможува поактивно да учествуваат во наставата, да поставуваат прашања, но и повеќе да комуницираат и да соработуваат со своите соученици на лице место.

Градоначалникот упати апел за доследно почитување на правилото уште од првиот училиштен ден, истакнувајќи дека за успешна примена е потребна целосна поддршка и од страна на родителите.

Преку оваа иницијатива, целта е времето поминато во училишните клупи навистина да биде посветено на учењето, дружењето и развивањето вистински вештини кај младите.