Советот на Народната банка ги разгледа најновите макроекономски показатели кои потврдуваат дека домашната економија покажува отпорност во услови на неповолно и неизвесно надворешно окружување. Според банката, економската активност во вториот квартал забележува забрзување, најмногу благодарение на силниот раст во градежништвото, подобрувањето во индустриското производство и зголемениот реален промет во угостителството.
Инфлацијата се движи во рамките на очекувањата и продолжува да забавува, додека девизните резерви на крајот на јуни изнесуваат околу 5 милијарди евра, со што се одржуваат во сигурната зона. Исто така, банкарскиот сектор бележи солиден раст на депозитите и кредитирањето, коешто се одвива со посилна динамика од првично предвидената.
На седницата беше донесена и нова Одлука за водечкиот број на давателите на платежни услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки. Со овие измени регулативата целосно се хармонизира со стандардите на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
Главната новина за сите граѓани и компании е воведувањето на стандардот ИБАН како единствена задолжителна ознака за платежна сметка при извршување на сите национални платежни трансакции, почнувајќи од 1 ноември 2026 година. Со ова се обезбедува целосна стандардизација на сметките во домашниот и во прекуграничниот платен промет.

