АЛТА банка остана без дозвола за работа во Србија, од АЛТА банка Битола велат дека се ликвидни и стабилни во Македонија

АЛТА банка остана без дозвола за работа во Србија, од АЛТА банка Битола велат дека се ликвидни и стабилни во Македонија

Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград. Според официјалното соопштение, оваа мерка следува по спроведените контролни активности кои утврдиле значително влошување на финансиската состојба и ликвидноста на банката, со што биле загрозени интересите на депонентите.

По уврдувањето на условите за покренување стечајна постапка, управувањето со целокупниот имот на банката е пренесено на српската Агенција за осигурување на депозити, со што се обезбедува наплата за сите доверители, пред сè граѓаните и стопанството.

Истовремено, против членовите на управните органи, акционерите и сите одговорни лица во банката се покренати соодветни правни постапки за утврдување одговорност за настанатата состојба.

За заштита на заштедите на граѓаните, српската Агенција за осигурување на депозити во рок од седум работни дена ќе ги започне исплатите на осигурените депозити. Сите физички лица и мали претпријатија ќе можат да располагаат со своите заштеди до законски гарантираниот износ од 50.000 евра преку банка-преземач која дополнително ќе биде одредена.

По објавувањето на оваа одлука, со официјална реакција се огласи и АЛТА банка АД Битола (поранешна Стопанска банка АД Битола), која беше преземена од српската АЛТА банка.

Од раководството на банката ја информираа јавноста дека АЛТА банка АД Битола е самостојно правно лице регистрирано во Македонија, кое работи под непосредна супервизија на Народната банка на Република Македонија и согласно домашната законска регулатива.

Од АЛТА банка АД Битола нагласуваат дека банката е целосно ликвидна и дека сите нејзини експозитури и банкомати функционираат вообичаено, без никакви ограничувања за клиентите при подигнување готовина, располагање со депозитите или извршување на трансакциите.

Во соопштението се посочува дека случувањата со матичната банка во Србија не значат автоматска промена на правниот статус или финансиската состојба на банката во Македонија, бидејќи таа располага со сопствен капитал, средства и обврски. Депозитите на сите физички лица во Македонија се осигурени преку домашниот Фонд за осигурување на депозити, согласно законите во државата.

Од македонската АЛТА банка исто така порачуваат дека околностите во земјата се суштински различни од оние во Србија и дека банката ги спроведува своите активности врз основа на професионални и регулаторни принципи, без подлегнување на политички притисоци. Управата ги уверува комитентите дека нивните средства се целосно безбедни и дека институцијата останува посветена на одржувањето на финансиската стабилност и довербата кај клиентите.