ТТК Банка со остварена добивка од околу 673 илјади евра во првите девет месеци од оваа година

ТТК Банка со остварена добивка од околу 673 илјади евра во првите девет месеци од оваа година

ТТК Банка АД Скопје во периодот од 1 јануари до 30 септември оствари позитивен финансиски резултат од околу 673 илјади евра. Според официјалниот извештај за работењето, банката оствари позитивен нето-оперативен приход во вредност од околу 1 милион евра, кој произлегува од реализираните оперативни приходи во износ од околу 6,96 милиони евра и оперативни трошоци од околу 5,96 милиони евра.

Во текот на мај, банката успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда, зголемувајќи го почетниот капитал за износ од околу 681 илјади евра. Со ова зголемување, вкупниот капитал достигна 1.075.091 обична акција со номинална вредност од 1.000 денари, односно вкупно околу 17,48 милиони евра, со што дополнително се зајакна капиталната позиција и се отворија нови можности за долгорочни придобивки на акционерите.

Финансиските остварувања покажуваат дека билансната сума на банката заклучно со 30 септември 2026 година достигна околу 212,76 милиони евра, што претставува раст од 7 проценти во споредба со истиот период од претходната година.

Кредитите и побарувањата од други комитенти забележаа зголемување од 6,8 проценти, како резултат на растот на кредитите во секторот домаќинства за 5,7 проценти и кредитите во секторот стопанство за 9,2 проценти. Депозитите на други комитенти пораснаа за 8,2 проценти и достигнаа околу 180,89 милиони евра, поттикнати од зголемувањето на орочените и депозитите по видување од секторот домаќинства за 13,9 проценти.

Основните приходи од работењето бележат стабилен тренд на раст. Нето-приходите од камати достигнаа околу 4,59 милиони евра, што претставува зголемување од 7,4 проценти на годишно ниво, додека нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат околу 2,18 милиони евра со раст од 6,6 проценти, главно поттикнати од домашниот платен промет и картичното работење. Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат околу 136 илјади евра, а останатите приходи од работењето изнесуваат околу 100 илјади евра.