Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици
Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици
Помалку од 48 часа откако ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави значаен позитивен напредок во решавањето на транспортната криза во градот. По одржана средба со приватните превозници, градоначалникот најави дека со заедничка волја и добра координација е постигнат договор кој веднаш дава видливи резултати. Веќе од понеделник, низ скопските улици повторно ќе сообраќаат 55 автобуси, што претставува сериозен исчекор кон стабилизирање на јавниот линиски превоз. Ѓорѓиевски најави и дека овој позитивен тренд ќе продолжи, со цел целосна нормализација на превозот: „До Нова Година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран“, изјави градоначалникот. Но, плановите за надминување на сообраќајниот хаос се многу поамбициозни. Градоначалникот истакна дека ова не е крајот на мерките: „До март, во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси“. Овие потези, како што нагласи Ѓорѓиевски, се само почеток на циклус на трајно решавање на проблемите со сообраќајот во Скопје, кој ќе биде поддржан и од веќе започнатата прва фаза на ремонт на Градскиот воз и долгорочниот проект за БРТ (Брз Автобуски Превоз).
Царинската управа во акција: Запленето злато, 37.500 евра, „Apple“ уреди, цигари и парфеми на повеќе гранични премини
Царинската управа во акција: Запленето злато, 37.500 евра, „Apple“ уреди, цигари и парфеми на повеќе гранични премини
Царинските службеници и мобилните тимови на Царинската управа во спроведени активности во текот на вчерашниот ден, 6 ноември 2025 година, запленија разновидна стока, вклучувајќи скапоцености, девизи, електронска опрема, тутунски производи и парфеми. На Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на багаж на турски државјанин кој се подготвувал за излез од државата, пронајдени се вкупно 92 грама злато, составено од златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама. Вредноста на златото се проценува на 538 илјади денари. Во одделен случај на истиот аеродром, при контрола на багаж на македонски државјанин кој допатувал од Лондон, запленети се два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Apple“. Мобилните царински тимови информираа дека се запленети вкупно 37.500 евра во два одвоени инциденти на граничниот премин Табановце при влез во државата. Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин во неговото возило со српски таблички, откриени се непријавени 24.000 евра во џебовите од јакната. По постапката, на патникот му биле вратени законски дозволените 10.000 евра, додека останатите 14.000 евра се привремено задржани. Во вториот случај, на граничниот премин Блаце при излез од државата, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски таблички, откриени се непријавени 25.500 евра возило на македонски државјанин. Од оваа сума, на возачот му се вратени законските 2.000 евра за износ што резидент може слободно да го изнесе, а 23.500 евра се привремено задржани. Дополнително, на граничниот премин Ново Село се откриени и други обиди за криумчарење. Во првиот случај, во багажникот на автомобил со бугарски таблички, пријавен за влез, пронајдени се 96 кутии цигари без акцизни маркички заедно со 10 ремени за прицврстување товар. Во вториот случај на истиот премин, во багажникот на автомобил со македонски таблички, пријавен за влез, откриени се уште 24 ремени за прицврстување товар. Царинската управа наведе дека била запленета и стока како парфеми и детска облека со заштитени трговски марки.
На 80.000 денари долг наплатиле над 700.000 денари - Уапсени лихвари од Кавадарци
На 80.000 денари долг наплатиле над 700.000 денари - Уапсени лихвари од Кавадарци
Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера, на 6 ноември 2025 година, извршија апсење на две лица поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Станува збор за Н.С. (59) и неговиот син Р.С. (34), двајцата од Кавадарци. Според информациите од МВР, случајот датира од јуни 2023 година, кога 71-годишен маж од Неготино позајмил од осомничените околу 80.000 денари. Договорот предвидувал враќање на заемот со неделни рати од по 20.000 денари. Меѓутоа, бидејќи заемопримачот не успеал да ги отплати ратите на време, двајцата осомничени започнале со континуирано пресметување на непропорционално високи камати, со што постојано го зголемувале долгот. За првично позајмените 80.000 денари, оштетениот во периодот на задолжувањето на осомничениот Н.С. му исплатил вкупна сума која надминува 700.000 денари. По добиена судска наредба, извршен е и претрес во домот на уапсените, при што пронајдени се предмети за кои постои основано сомнение дека се директно поврзани со извршувањето на кривичното дело. Јавниот обвинител е известен за настанот, а по целосното документирање на случајот, на Н.С. и Р.С. ќе им биде поднесена соодветна кривична пријава.
АХВ заплени ореви и кикирики со непознато потекло во Чучер-Сандево
АХВ заплени ореви и кикирики со непознато потекло во Чучер-Сандево
По добиена пријава, со интервенција од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор на возило во кое се превезувало храна со непознато потекло, на подрачјето на општина Чучер-Сандево. При извршениот надзор пронајдени се 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограми кикирики во зачинета обвивка, во рефус состојба, без идентификација и без потребни информации за потрошувачите. Во рамки на истата пратка се најдени и 900 килограми индиски ореви со декларација. Бидејќи производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, затекнатите количини се прогласени за небезбедни и истите ќе бидат нештетно уништени. Против лицето затекнато при контролата, поведена е прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, односно, заради пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и немање на потребни информации за потрошувачите. На сторителот изречена му е глоба од 600 евра во денарска противвредност. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека ќе продолжат со спроведување на засилени контроли на терен, со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.
Две девојки намамиле човек за средба, потоа двајца мажи го претепале и ограбиле
Две девојки намамиле човек за средба, потоа двајца мажи го претепале и ограбиле
Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поведе истрага против четири лица – двајца мажи и две жени – поради сомнение за сторено кривично дело „Разбојништво“. Групата е осомничена дека со употреба на сила одзела 200.000 денари, мобилен телефон и лична карта од едно лице. На 30 октомври оштетениот со една од осомничените жени отишле во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка. Оштетениот се согласил и осомничената ја повикала другата жена, па заедно го убедиле оштетениот да одат во “поубав и поевтин хотел”. Излегувајќи од собата, во темниот двор на мотелот, ги пречекале двајцата мажи кои биле во договор со жените и заедно му се нафрлиле на оштетениот. Го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал на земјата, а од џебовите му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторуваат делото. За една од осомничените жени која е во бегство откако го извршила делото, притворот ќе започне да се применува од нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.
Кривична пријава против поранешен директор на „Комуналец Струмица“ за злоупотреба на службената положба
Кривична пријава против поранешен директор на „Комуналец Струмица“ за злоупотреба на службената положба
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Струмица поради сомнеж за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Лицето во својство на поранешен директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ Струмица, е осомничен дека го оштетил буџетот на претпријатието за вкупен износ од 864.520 денари. Според поднесената пријава до Основното јавно обвинителство Струмица, поранешниот директор во два наврати, на 4 август 2020 година и 13 октомври 2021 година, донел решенија за додаток на плата без да направи соодветна анализа согласно Правилникот за плати на ЈП и спротивно на законската регулатива. Врз основа на овие решенија, на З.Г. му биле исплаќани додатоци од 9.000 и 6.000 денари месечно, се до престанокот на неговиот мандат во 2024 година, со што се стекнал со противправна имотна корист од 552.520 денари. Понатаму, во текот на септември и октомври 2021 година, З.Г. донел уште седум идентични решенија за седум други вработени лица во Јавното претпријатие, по основ на кои им биле исплаќани по 6.000 денари месечно до март 2022 година. Со ова дејствие, овие вработени се стекнале со противправна имотна корист од 276.000 денари. За уште едно вработено лице, пријавениот донел решение за додаток на плата поради прилагодување кон пазарот на трудот, со што вработениот се стекнал со 36.000 денари противправна имотна корист. Со овие дејствија, поранешниот директор З.Г. се товари дека свесно го оштетил буџетот на ЈПКД „Комуналец“ Струмица за вкупниот износ од 864.520 денари.
Средба Мицкоски-Кошта: Разговори за гасен интерконектор со Србија и Косово, решавање на тарифите за челикот на македонските производители
Средба Мицкоски-Кошта: Разговори за гасен интерконектор со Србија и Косово, решавање на тарифите за челикот на македонските производители
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Главна тема на разговор било актуелното приближување на земјата кон Европската Унија и конечното формално отпочнување на преговорите. Мицкоски потенцираше дека на состанокот ги повторил истите достоинствени позиции по сите понижувања што ѝ се случиле на земјата во изминатите 25 години на нејзиниот пат кон ЕУ. Покрај евроинтеграциите, на средбата биле разгледани и неколку стратешки важни проекти за земјата кои се приоритет и за претседателот Кошта. Меѓу нив се гасниот интерконектор со Србија и кракот на гасоводот кон Косово, како и решавање на тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители. Исто така, станало збор и за заеднички проект на македонската Влада и Европската комисија, кој се однесува на проекти што треба да се реализираат во Кочани и кочанскиот регион. Премиерот Мицкоски ја оцени средбата како исклучително успешна и продуктивна, најавувајќи дека неговата агенда во Брисел продолжува со настан со Еуроњуз и вечера со комесарката Марта Кос, од кои очекува позитивни вести.
МВР санкционираше 138 возачи за непрописно затемнети стакла со фолија
МВР санкционираше 138 возачи за непрописно затемнети стакла со фолија
Министерството за внатрешни работи (МВР) објави дека во текот на месец октомври се изречени вкупно 138 санкции за возачи кои управувале возила со непрописно затемнети стакла, односно со вградени фолии кои не ги исполнуваат пропишаните услови. Секторот за сообраќајни работи при МВР во периодот од 1 до 31 октомври 2025 година спровел засилени сообраќајни контроли на територијата на цела држава со цел санкционирање на овој вид прекршоци. На сите 138 учесници во сообраќајот кои не ги почитувале законските одредби за затемнување на стаклата им се изготвени соодветни поднесоци. Од МВР нагласуваат дека сообраќајните контроли за оваа проблематика ќе продолжат и во наредните денови. Истовремено, упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел заеднички придонес за побезбедни патишта.
Царинската управа заплени 130 килограми марихуана на граничниот премин „Табановце“
Царинската управа заплени 130 килограми марихуана на граничниот премин „Табановце“
Царинската управа спречи меѓународен канал за нелегална трговија со дрога и заплени вкупно 130 килограми марихуана на граничниот премин Табановце, на излез од државата. Како што информираше директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во акцијата е уапсен државјанин на Република Србија, кој е сопственик и возач на превозна компанија регистрирана во Љубљана, Словенија. Против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет опојни дроги“. Запленетата дрога била откриена при детален преглед на товарното моторно возило со кое управувал српскиот државјанин. Царинските службеници забележале дека палетите во возилото се специјално прекроени и отстапуваат од стандардната форма. „Зад прекроените палети имало повеќе торби во кои беа откриени 131 пакување со вкупно 130 килограми марихуана“, појасни директорот Николовски. Тој ја истакна квалитетната реакција и зголемената ефективност на царинските службеници како клучна за успехот на акцијата.
Царинската управа заплени речиси 3.000 парчиња шверцувана стока на четири гранични премини
Царинската управа заплени речиси 3.000 парчиња шверцувана стока на четири гранични премини
Царинската управа објави дека во координирани акции на граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село, царинските службеници и мобилните тимови заплениле речиси три илјади парчиња разновидна стока. Запленетиот асортиман вклучува облека со ознаки на заштитени трговски марки, алкохолни пијалоци, електронски цигари, играчки, козметика, па дури и мебел и автоделови. Стоката, пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила, била предмет на обиди за шверц или прекршување на правата од интелектуална сопственост. Против сторителите се водат посебни постапки. На ГП Блаце се запленети повеќе од 700 парчиња разна стока: - Во комбе, во фабрички шуплини, откриени се 600 играчки. - Во друг случај, под патосници и во багажник на автомобил пронајдени се 143 парчиња парфеми и козметика. - Откриени се и три гарнитури мебел во товарно возило кое било пријавено како празно. На ГП Табановце, во три одделни случаи се запленети 26 шишиња алкохолни пијалоци (проценета вредност 30.000 денари), 209 електронски цигари пронајдени кај патник во автобус, како и уред за авто-дијагностика. Мобилен царински тим спречил и обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел. Мобилните тимови на ГП Богородица спречиле голем обид за прекршување на правата од интелектуална сопственост. Запленети се 1.200 парчиња безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки. Запленетата стока е одземена поради сомневање за фалсификат. На ГП Ново Село се запленети автоделови пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин. Царинската управа нагласува дека продолжува со засилени контроли на граничните премини во борбата против сивата економија и криминалот.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk