Царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани котури со сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер, лекови, објективи за камери, цигари, маслиново масло и ремени за товар. 18 котури од по 10 метри сајла со дијамантски прстени наменети за сечење мермер откриени од страна на царинските службеници од ЦИ Богородица, пронајдени по извршен детален преглед во задниот дел во багажниот простор во ПМВ Ауди А8 со косовски регистарски таблички управувано од страна на косовски државјанин пријавен за влез во државата на царинска испостава Богородица. Непријавената стоката била покриена со заштитна навлака за одело, врз која биле ставени три патни торбици со личен багаж. Вредноста на непријавената стока е 664.200,00 денари, истата е привремено одземена од лицето, а против сторителот до надлежното ОЈО е поднесена кривична по чл. 278 (криумчарење) од КЗ. 63 пакувања со разни лекови и медицински материјали (сирупи, таблети, чепови, спрејови, клизми, ленти за бандажирање и друго), откриени од страна на мобилни царински тимови, пронајдени во автомобил со германски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. 4 објективи за камери, марка ARRI Signature Prime, пронајдени во куфер сместен во багажникот на автомобил со бугарски регистарски таблички управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Вредноста на објективите изнесува 4.808.700 денари, а избегнатите давачки изнесуваат 1.149.279 денари. 60 ремени за затегнување на товар, откриени од страна на мобилни царински тимови пронајдени во багажникот на автомобил со австриски регистарски таблички, со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. 30 штеки цигари без акцизни маркички, откриени во три одвоени случаи, при контрола на три возила управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Дојран. Во првиот случај, во две најлонски кеси сместени под креветот во кабината на камион со косовски регистарски таблички, биле пронајдени 18 штеки цигари MARLBORO, со вредност 25.200 денари и избегнати давачки во износ од 35.972 денари. Во вториот случај, во фабричка преграда во кабината на камион со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 6 штеки цигари KARELIA L BLUE, со вредност 5.676 денари и избегнати давачки во износ од 9.317 денари. Во третиот случај, под предните седишта и на задното седиште на автомобил со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 6 штеки цигари PS, со вредност 4.320 денари и избегнати давачки во износ од 9.714 денари. 17 штеки цигари без акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два автомобили со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во првиот случај, во багажниот простор на автомобилот биле пронајдени 8 штеки цигари OME и LM. Вредноста на цигарите изнесува 7.200 денари а избегнатите давачки изнесуваат 14.172 денари. Во вториот случај, исто така во багажникот на вториот автомобил, биле пронајдени 9 штеки цигари MALBORO, OME и PS, со вредност 9.077 денари и избегнати давачки во износ од 16.909 денари. 472 лименки со вкупно 153 литри маслиново масло, пронајдени во просторот за резервна гума како и во повеќе кутии и торби сместени во внатрешноста и во багажниот простор на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од словенечки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Вредноста на производите изнесува 60.000 денари а избегнатите давачки изнесуваат 10.800 денари. 250 маски за мобилен телефон,, IPHONE’’ пронајдени на ЦИ Деве Баир за влез во државата во товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки.
Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на поголема количина препарати за заштита на растенија. Во раните утрински часови, на 26.08.2025 година, при вршење на редовна царинска контрола на патничко моторно возило Mercedes со македонски регистарски таблички, со кое патувало семејство што изјавило дека се враќа од одмор во Турција и преку Грција пристигнало на влез во нашата земја, од страна на царинските службеници биле откриени 322 шишиња хемиски препарати за прскање, од кои 300 шишиња инсектицид CORAGEN 20 SC и 22 шишиња фунгицид Bellis BASF со вкупна вредност од 16.058,00 евра. Препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта. Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако станува збор за стока што подлежи на посебен режим на дозволи со што безбедноста на производите не е гарантирана. Стоката е задржана, возилото со кое била транспортирана е одземено, а против лицето ќе биде поведена кривична постапка. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување. По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка. Во рамки на тие активности, Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка. Со ова, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач. Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за Железничка Инфраструктура ќе започне постапка за избор на Надзор на изградбата. Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата. Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10. Овие проекти кои имаат и регионално значење ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот- дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен. Во февруари годинава, УЈП ја воведе новата дигитална услуга „е-Уверение за остварен доход“, која им овозможува на граѓаните целосно електронски, бесконтактно и преку сигурна постапка да го добијат овој документ. Од воведувањето до денес, за само неколку месеци, се издадени 5.688 уверенија, со што е заштедено значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП, а работата се одвива според најсовремени дигитални стандарди. Значително е модернизирана и услугата за издавање на „Уверение за состојба на даноци“. Со автоматизација на внатрешните процеси, во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена, што претставува значително подобрување во споредба со претходниот период. Тоа значи дека 100% од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок. Во следната фаза, оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите. „Нашата цел е јасна – даночните услуги да бидат со висок стандард, брзи, едноставни и доверливи. Сакаме граѓаните и компаниите да добиваат квалитетна услуга со само неколку клика, без непотребни процедури и без губење време. Долгорочната и стратешка определба за трансформација на УЈП е создавање „нов лик“ и „нов амбиент“ – како за даночните обврзници, така и за даночните службеници и соработниците на даночната администрација. Овие резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат.“ - изјави директорката на УЈП. Комисијата за хартии од вредност ја запре постапката за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на српската компанија Алта Гроуп ДОО Белград. Оваа одлука, донесена на 19.8.2025 година, е објавена денес на Македонската берза. „Известуваме дека согласно член 22, став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, на ден 25.8.2025 година заведено под архивски број 02-10332/1 до Стопанска банка а.д. Битола достави Решение УП1 бр.10-54 од 19.8.2025 година, со кое, врз основа на член 1 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва (“Службен весник на Република Македонија„ бр.69/2013, 188/2013, 166/2014, 154/2015, 23/2016 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2020) и член 54 став 1 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2015), постапувајќи по барањето на Алта Гроуп ДОО Белград, Р. Србија за добивање дозвола за понуда за преземање на акционерското друштво Стопанска банка а.д. Битола, на својата седница одржана на ден 19.08.2025 година донела Решение со кое постапката се запира поради промена на преземачот во рамки на истата групација.“ - пишува во соопштението. Преземачот во Барањето за запирање на постапката истакнал дека останува при намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, односно не се откажал од намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, туку само врши промена на преземачот во рамките на истата групација.