Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Се подготвуваат нови мерки за полесен пристап до кредити за прв стан
Се подготвуваат нови мерки за полесен пристап до кредити за прв стан
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна средба со директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски. На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и можностите за поефикасна размена на информациите, што ќе придонесе за подготвување новите мерки за полесен пристап до кредити за прв стан. Гувернерот Славески нагласи дека во тек се подготовки за воведување мерки со кои ќе се поттикне поповолно кредитирање на објектите за живеење, особено за млади граѓани и брачни парови кои првпат купуваат стан. „Нашата цел е да се овозможат подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што навистина имаат потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат“, истакна гувернерот Славески. Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за поголема соработка со Народната банка, посочувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за носењето ефективни мерки.
Произведената електрична енергија во јуни е поголема од потрошената
Произведената електрична енергија во јуни е поголема од потрошената
Според најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика, во јуни 2025 година, вкупното бруто-производство на електрична енергија во Македонија изнесува 333 640 MWh, што е за 12.5% повеќе од вкупната бруто-домашна потрошувачка на електрична енергија. Вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: - Електрична енергија: 296 651 MWh. - Природен гас: 8.334 милиони nm³. - Јаглен: 357 500 тони. - Нафтени продукти: 101 113 тони. Во јуни 2025 година бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 100 % во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99.9 % од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија. Во јуни 2025 година во однос на јуни 2024 година потрошувачката на природен гас е намалена за 54.9 %, како резултат на намалената активност на когенеративните постројки додека потрошувачката на нафтени продукти е зголемена за 9.5 %.
Законот за возила конечно ќе почне правилно да се применува
Законот за возила конечно ќе почне правилно да се применува
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, најави значајни измени во Законот за возила. По 17 години од неговото донесување, законот конечно ќе почне правилно да се применува, со што се очекува да се забрза процесот на одобрување возила и да се намалат трошоците за граѓаните. Од 1 септември 2025 година, на сила стапуваат измени кои се резултат на работниот состанок со над 40 овластени застапници и импортери на возила. Целта е да се воспостави фер и транспарентен систем, усогласен со европските стандарди. Новите измени опфаќаат: - Се забрзува и поедноставува одобрувањето на типови возила. - Граѓаните ќе добијат сигурност и поразумни цени за потврди за технички карактеристики. - Процесот на регулирање на одобрувањето на возила сега ќе се врши преку овластените застапници, домашни македонски компании. Со ова, околу 1,3 милиони евра се очекува да се вратат назад кај македонските фирми. - Новите мерки имаат за цел да изградат доверба помеѓу институциите, застапниците и граѓаните. Според Божиновска, ова е чекор напред кон изградба на систем кој е фер, транспарентен и европски, каде што граѓаните се заштитени, а домашните компании добиваат фер услови за работа.
ССМ: 73,3% од работниците примиле плата под просечната плата
ССМ: 73,3% од работниците примиле плата под просечната плата
Според Сојузот на синдикати на Македонија, во земјава, во месец мај 2025 година евидентирани се 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата од кои 374.045 работници или 73,3% од работниците примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7% од работниците примиле плата над просечната плата. Според ССМ, загрижува фактот што 169.082 работници, односно 1/3 или 33,1% од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра. ССМ тврди дека со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на Синдикалната минимална кошница што е загрижувачки. Во својата објава ССМ истакнуваат дека во Македонија оние кои живеат добро со примања над просечната плата (функционерите, политичарите, газдите и експертите) се против зголемување на минималната плата, односно малцинството владее со мнозинството. Синдикатот ја опишува ситуацијата како функционер со 150.000 денари плата или 2.500 евра плата му кажува на работник со 24.397 денари или 400 евра плата како нема да му ја зголеми платата и како добро се живее, веројатно за да не аздиса многу работникот.
Се зголемува цената на горивата
Се зголемува цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати. Зголемувањето, кое во просек изнесува 0,64%, стапува на сила на 26 август 2025 година, почнувајќи од 00:01 часот. Од полноќ, максималните цени на горивата ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95: 75,00 денари за литар (зголемување за 1,00 денар). Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98: 77,00 денари за литар (зголемување за 1,00 денар). - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 68,00 денари за литар (зголемување за 0,50 денари). - Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 67,50 денари за литар (зголемување за 0,50 денари). - Мазут М-1 НС: 38,265 денари за килограм (намалување за 0,378 денари). Одлуката за корекција на цените е донесена врз основа на движењата на светските пазари. Референтните цени на нафтените деривати бележат просечно зголемување: кај бензините за 1,985%, кај дизелот за 1,915%, кај екстра лесното масло за 1,244% и кај мазутот намалувањето е за 1,246%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1230%.
Просечната бруто-плата достигна 68.340 денари во јуни, зголемување од 8,5% на годишно ниво
Просечната бруто-плата достигна 68.340 денари во јуни, зголемување од 8,5% на годишно ниво
Според најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика, просечната месечна бруто-плата по вработен во јуни 2025 година изнесува 68.340 денари. Ова претставува значително зголемување од 8,5% во однос на истиот месец минатата година. Растот на просечната плата најмногу е поттикнат од зголемувањата во одредени сектори. Најголем пораст е забележан во Образование, каде платите се повисоки за 14,9%, потоа во Дејностите на здравствена и социјална заштита со зголемување од 13,0% и во секторот Рударство и вадење на камен со раст од 12,3%. Сепак, во споредба со претходниот месец, некои сектори забележаа намалување на платите. Најголемо намалување има во Финансиски дејности и дејности на осигурување за 8,2%, потоа во Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 4,1% и во Транспорт и складирање за 2,0%.
Реконструкцијата на салата „Работнички“ во финална фаза, завршени 65% од работите
Реконструкцијата на салата „Работнички“ во финална фаза, завршени 65% од работите
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, преку својот профил на Фејсбук објави дека реконструкцијата на култната спортска сала „Работнички“ влегува во својата финална фаза, а досега се завршени 65 отсто од предвидените градежни активности. Герасимовски истакнува дека во моментов се работи на инсталациите, внатрешното уредување и финализирање, како и на горните делови од објектот и фасадата. „Со реконструкцијата, федерациите ќе добијат современи услови за работа, а КК „Работнички“ конечно ќе се врати во својот дом. Покрај тоа, Скопје ќе добие модерна спортска сала која ќе ги задоволува потребите на спортистите и на публиката“, напиша градоначалникот.
После локалните избори ќе има реконструкција на Владата
После локалните избори ќе има реконструкција на Владата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, даде отчет на настанот „4 години работа за тебе“, кадешто најави промени и реконструкција во Владата, истакнувајќи ја потребата за поголема динамика и ефикасност. Во своето обраќање, тој ја отфрли можноста за коалиција со ДУИ, посочувајќи дека партијата ќе остане во опозиција. „После овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе. И во Владата ќе има реконструкција, подобрување и поголема динамика на капацитетите“, изјави Мицкоски. Тој појасни дека промените се неопходни за да се овозможи уште посилно и похрабро темпо за промените што се спроведуваат. Премиерот нагласи дека ротациите нема да значат дека заменетите лица биле лоши или немарни, туку дека на Владата ѝ е потребен подинамичен капацитет за да може да одговори на предизвиците. Осврнувајќи се на шпекулациите за можна коалиција со ДУИ, Мицкоски беше дециден: „Мојот директен одговор е дека ДУИ уште долго време ќе биде опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да се вратат на власт без ниту една научена лекција.“
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати
Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија. Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради: - Непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини. - Неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник. - Непочитување на мерките за заштита на животната средина. - Пренесување на концесијата на друг субјект без согласност. - Експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел. Во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија. „Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите.“ - истакна министерката Божиновска. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спроведува засилени инспекциски контроли и писмени опомени и санкции до концесионерите
Започнува итна санација на хидросистемот „Ѓавато“
Започнува итна санација на хидросистемот „Ѓавато“
Владата започнува со итна санација на хидросистемот „Ѓавато“ со цел да се зголеми дотокот на вода кон Дојранското Езеро. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на денешниот теренски увид, ова е одговор на повеќегодишната негрижа која довела до огромни загуби на вода и ресурси. „Детектирани се пукнати цевки и неисправни пумпи кои со години функционираат на овој начин, што претставува трошење на ресурси за систем којшто не е функционален“, истакна Мицкоски, потенцирајќи дека и покрај апелите од вработените, претходната влада не презела ништо. Премиерот најави дека санацијата на дефектите ќе биде завршена во наредните неколку дена, благодарение на соработката со општествено одговорна компанија. Ова ќе го зголеми протокот на вода до резервоарот, од каде потоа ќе се пренасочува кон езерото. Мицкоски додаде дека од 10 бунарски потопни пумпи, во моментов работат само две, со капацитет од 100 литри во секунда секоја, што е далеку од вкупниот капацитет од 1.000 литри во секунда. Владата планира во најскоро време да оспособи уште најмалку четири, а потоа дополнителни две пумпи, со што ќе се искористи целосниот капацитет на системот. За да се намалат високите месечни трошоци за електрична енергија, кои достигнуваат 200.000 евра, на земјиштето во сопственост на државата ќе се инсталираат соларни панели и батериски системи со инсталирана моќност од околу 2 мегавати. Ова ќе доведе до драстично намалување на сметките, а заштедените средства ќе се користат за одржување на хидросистемот. Премиерот нагласи дека системскиот пристап кон овој проблем ќе овозможи не само спас на Дојранското Езеро, туку и поголем пристап до вода за наводнување на земјоделските површини, со што ќе се поддржи домашното производство на храна. На следната седница на Влада ќе се донесе одлука фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК Битола да демонтира, санира и монтира две од оштетените пумпи. Очекувањата се дека оваа санација ќе биде завршена во рок од десет дена. „Пристапуваме кон санирање на хидросистемот „Ѓавато“ системски и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален“, заклучи Мицкоски.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk