На Универзитетската клиника за ортопедија успешно е изведена најсложената трансплантација на коска досега, со што се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се поместуваат границите на современата хирургија. Хируршкиот тим, предводен од проф. д-р Милан Самарџиски, изведе сложена интервенција на 64-годишен пациент со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница. За време на зафатот, беше извршена ресекција на средишниот дел од бутната коска, по што следеше реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин. Интервенцијата беше поделена на два дела. Во вториот дел, тим предводен од д-р Томислав Јовановски изведе пластична реконструкција. Во операцијата учествуваа специјалистите д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезијата беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичарот с. Јована Илиева. Активно придонесоа и инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рентген техничарот Силвана Станковска. Овој успех потврдува дека македонските хируршки тимови имаат капацитет да изведуваат интервенции од највисок степен на сложеност, со што се гарантира пристап до најнапредна медицинска нега за пациентите во земјата. Директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски, и македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, се сретнаа со Матија Шешок, претседател на управниот одбор на „ЕЛКА“. На средбата се разговарало за можноста за изградба на нова фабрика специјализирана за производство на високонапонски и екстремно високонапонски кабли. Директорот Димовски ги презентирал поволностите што Македонија ги нуди за странски инвестиции, истакнувајќи дека земјата е лидер во регионот според странските директни инвестиции (СДИ). Тој посочи дека Македонија е меѓу првите шест земји во светот по привлекување СДИ, а потенцијалната инвестиција на „ЕЛКА“ би била значајна бидејќи тоа би била нивна прва фабрика надвор од Хрватска. Претседателот на „ЕЛКА“, Матија Шешок, ја опиша Македонија како стабилен партнер со предвидлива деловна клима. „Ние сме препознаени како водечки производител на електрични кабли во Централна и Источна Европа. Верувам дека новата потенцијална инвестиција ќе има силно влијание врз технолошкиот и одржлив развој на Македонија, како и врз зголемувањето на извозот“, истакна Шешок. Компанијата „ЕЛКА“, основана во 1927 година, е дел од групацијата „ИСКРА“ од 2021 година. Нивната фабрика во Загреб зафаќа површина од 88.000 м² и има годишен капацитет од 25.000 тони готови производи. Поранешниот премиер Никола Груевски објави дека се израдувал на веста за три компании, привлечени за време на неговиот мандат, најавиле нови проширувања во Македонија. Во својата објава, Груевски ја истакна американската корпорација „Амфенол“, како и компаниите „Гентерм“ од САД и турската „Чагатај Кабло“, како доказ за успешната економска стратегија на неговата влада. Груевски ја поздрави веста за проширувањето на американската компанија „Амфенол“ во Кочани, која во моментов вработува 3.200 лица. Со новата производна хала, која започнува со работа кон крајот на септември, се предвидуваат 200 нови работни места. За следната година, пак, се планира уште еден погон со дополнителни 320 вработени. Според Груевски, компанијата има потенцијал да достигне и до 5.000 вработени, благодарение на поволната локација за опслужување на европскиот пазар. Тој потсети дека оваа инвестиција, која започна во 2013 година, помогнала да се преполови невработеноста во Кочани од 11.000 лица во 2006 година на околу 5.500 во 2016 година. Поранешниот премиер истакна дека и други две компании привлечени за време на неговиот мандат најавиле проширување на своите капацитети. Американскиот производител на автомобилски компоненти „Гентерм“ планира нов погон во технолошко-индустриската развојна зона во Прилеп, со што ќе се отворат 300 нови работни места. И турската компанија „Чагатај Кабло“, производител на кабли за автомобилската индустрија, започна со изградба на нов погон во ТИРЗ Скопје, каде се очекуваат 200 нови вработувања. Груевски упати критика кон СДСМ, тврдејќи дека прекинот на стратегијата за привлекување странски инвестиции донел голема штета на Македонија и доколку се продолжеше со неговите политики, денес невработеноста би била само 3-4%, што би довело до повисоки плати и подобар животен стандард. Компанијата „Амфенол“ ја отвори својата нова производствена хала во Кочани, инвестиција која се очекува да донесе 200 нови работни места. На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите инвестиции, бидејќи тие директно влијаат на економскиот раст. Станува збор за инвестиција којашто е трудо-интензивна и има близу 3.200 вработени, со план за нови 500 вработувања, во две фази. Кога ќе биде завршен објектот, ќе се отворат нови 300 работни места, догодина се планира нови 200 вработени и ќе се заокружи една бројка од 3.700 вработени. Премиерот истакна дека новите објекти на „Амфенол“ ќе бидат опремени со висока технологија, што е клучно за зголемување на додадената вредност на производите и за позитивно влијание врз бруто домашниот производ. „Приходите оваа година, ќе се приближат до 200 милиони евра, што е огромна бројка и придонесува не само за локалната, туку и за општата државна економија“, додаде Мицкоски. Тој нагласи дека Владата ја гледа компанијата како стратешки партнер и вети дека финансиски ќе ги поддржи идните инвестиции, вклучително и плановите за проширување во други градови. Царинските службеници на граничниот премин Богородица открија и спречија обид за криумчарење на 4.577 парчиња небезбедни лекови, скриени во багажниот простор на изнајмено возило. Против едно лице, државјанин на Косово, Одделението за истраги во Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“. Станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле во рефузна состојба, односно без оригиналното пакување, како и без соодветни дозволи и сертификати од надлежни институции. За да избегне царинска контрола, сторителот лековите ги наредил во редови и ги скрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии. Со ваквиот начин на транспорт се загрозува безбедноста на граѓаните, бидејќи лекови кои не се соодветно декларирани, складирани, транспортирани и без соодветни дозволи и сертификати можат да претставуваат сериозен ризик по здравјето. По брзата реакција на инспекторите, кои работеа на случајот во текот на изминатото деноноќие, поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија, од каде што е изречена мерка за одземање на лековите.