Во февруари годинава, УЈП ја воведе новата дигитална услуга „е-Уверение за остварен доход“, која им овозможува на граѓаните целосно електронски, бесконтактно и преку сигурна постапка да го добијат овој документ. Од воведувањето до денес, за само неколку месеци, се издадени 5.688 уверенија, со што е заштедено значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП, а работата се одвива според најсовремени дигитални стандарди. Значително е модернизирана и услугата за издавање на „Уверение за состојба на даноци“. Со автоматизација на внатрешните процеси, во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена, што претставува значително подобрување во споредба со претходниот период. Тоа значи дека 100% од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок. Во следната фаза, оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите. „Нашата цел е јасна – даночните услуги да бидат со висок стандард, брзи, едноставни и доверливи. Сакаме граѓаните и компаниите да добиваат квалитетна услуга со само неколку клика, без непотребни процедури и без губење време. Долгорочната и стратешка определба за трансформација на УЈП е создавање „нов лик“ и „нов амбиент“ – како за даночните обврзници, така и за даночните службеници и соработниците на даночната администрација. Овие резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат.“ - изјави директорката на УЈП. Комисијата за хартии од вредност ја запре постапката за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на српската компанија Алта Гроуп ДОО Белград. Оваа одлука, донесена на 19.8.2025 година, е објавена денес на Македонската берза. „Известуваме дека согласно член 22, став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, на ден 25.8.2025 година заведено под архивски број 02-10332/1 до Стопанска банка а.д. Битола достави Решение УП1 бр.10-54 од 19.8.2025 година, со кое, врз основа на член 1 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва (“Службен весник на Република Македонија„ бр.69/2013, 188/2013, 166/2014, 154/2015, 23/2016 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2020) и член 54 став 1 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2015), постапувајќи по барањето на Алта Гроуп ДОО Белград, Р. Србија за добивање дозвола за понуда за преземање на акционерското друштво Стопанска банка а.д. Битола, на својата седница одржана на ден 19.08.2025 година донела Решение со кое постапката се запира поради промена на преземачот во рамки на истата групација.“ - пишува во соопштението. Преземачот во Барањето за запирање на постапката истакнал дека останува при намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, односно не се откажал од намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, туку само врши промена на преземачот во рамките на истата групација. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, најави значајни измени во Законот за возила. По 17 години од неговото донесување, законот конечно ќе почне правилно да се применува, со што се очекува да се забрза процесот на одобрување возила и да се намалат трошоците за граѓаните. Од 1 септември 2025 година, на сила стапуваат измени кои се резултат на работниот состанок со над 40 овластени застапници и импортери на возила. Целта е да се воспостави фер и транспарентен систем, усогласен со европските стандарди. Новите измени опфаќаат: - Се забрзува и поедноставува одобрувањето на типови возила. - Граѓаните ќе добијат сигурност и поразумни цени за потврди за технички карактеристики. - Процесот на регулирање на одобрувањето на возила сега ќе се врши преку овластените застапници, домашни македонски компании. Со ова, околу 1,3 милиони евра се очекува да се вратат назад кај македонските фирми. - Новите мерки имаат за цел да изградат доверба помеѓу институциите, застапниците и граѓаните. Според Божиновска, ова е чекор напред кон изградба на систем кој е фер, транспарентен и европски, каде што граѓаните се заштитени, а домашните компании добиваат фер услови за работа.