Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека започнува проектот за третата фаза од изградбата на железничката пруга кон Бугарија, потенцирајќи дека ова ќе ѝ помогне на Северна Македонија да стане крстосница на двата важни паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10. Мицкоски истакна дека сите претходни пречки се надминати и дека е постигната согласност со бугарската страна. Владата донела одлука за активирање на грант од Европската инвестициска банка, кој ќе обезбеди техничка поддршка за проектот. Оваа поддршка вклучува ревизија на основната проектна документација и потоа објавување на јавен повик за изградба. „Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување на јавен повик за изградба и на третата фаза, со што практично ние ќе ја заокружиме целата делница, којашто е дел од Коридорот 8, од Куманово до граница со Бугарија“, изјави премиерот Мицкоски. Тој додаде дека и процесот од бугарска страна добро напредува, со што Коридорот 8 ќе биде целосно завршен. Премиерот исто така спомена и напредок во проектот за Коридорот 10, кој се реализира со Владата на Обединетото Кралство, нагласувајќи дека претстои период со „убави вести и убави моменти за Македонија и граѓаните“. Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи опаѓање од 10.4 %. Секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 7.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 7.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат на зголеменото производство во следните оддели: - Производство на тутунски производи. - Производство на текстил и облека. - Производство на моторни возила, приколки и полуприколки. - Производство на електрична опрема, машини и уреди. - Производство на гума, пластични и неметални минерални производи. - Производство на мебел. Анализирано според главните индустриски групи, најголем пораст е забележан кај Капиталните производи со дури 18.6 %, додека Интермедијарните производи (освен енергија) се зголемени за 12.5 %. Раст има и кај Трајните производи за широка потрошувачка од 2.9 %. Опаѓање има кај Енергијата (-6.5 %) и Нетрајните производи за широка потрошувачка (-8.5 %). Заклучно, податоците покажуваат дека и вкупното индустриско производство за периодот јануари-јули 2025 година е зголемено за 3.0 % во однос на истиот период минатата година. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, околу 45,8 милиони лица биле вработени во Германија, што претставува минимален раст од само 4.000 лица во споредба со претходниот месец. Оваа состојба доаѓа по два последователни месеци на намалување на вработеноста, со пад од 17.000 лица во мај и 19.000 во јуни. Стагнацијата од јули е особено забележителна и на годишно ниво. Бројот на вработени остана речиси ист како и во јули 2024 година, со зголемување од само 1.000 лица. Ова е трет месец по ред во кој вработеноста се задржува на исто ниво како и во истиот период од минатата година. Според истражувањето на работната сила, бројот на невработени во јули 2025 година изнесува 1,74 милиони луѓе. Ова е значително зголемување од 9,4% во споредба со јули 2024 година, што претставува 149.000 повеќе невработени лица. Како резултат на тоа, стапката на невработеност се зголеми на 3,9%, што е за 0,3 процентни поени повеќе од минатата година. Сепак, кога се прават прилагодувања за сезонските влијанија бројот на невработени останува речиси ист како и во јуни, а прилагодената стапка на невработеност се задржува на стабилни 3,7%.
Хрватската економија продолжува да расте, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика на Хрватска. Во вториот квартал на 2025 година, бруто домашниот производ пораснал за 3,4% во однос на истиот период минатата година. Според првичните проценки, бруто додадената вредност е зголемена за 3,3%. Растот е забележан во сите економски дејности. Главни двигатели на растот се: - Потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 4,0%, главно поттикната од зголемениот промет во трговијата на мало и угостителските услуги. - Државната потрошувачка бележи раст од 2,4% во однос на истиот период минатата година. - Извозот на стоки и услуги е зголемен за 1,6%, додека увозот се зголемил за 3,3%. Регистрациите на нови автомобили во Европската Унија забележаа благ пад од 0,7% во првите седум месеци од 2025 година во споредба со истиот период минатата година. Сепак, само во јули, растот на регистрациите изнесува 7,4% на годишно ниво. Податоците објавени од Европската асоцијација на производители на автомобили укажуваат на јасен тренд кон електрификација. Иако падот на вкупните регистрации е присутен, пазарот на возила со алтернативен погон продолжува да расте, додека традиционалните мотори со внатрешно согорување губат удел. Во периодот од јануари до јули 2025 година, хибридните електрични автомобили го задржаа статусот на најпопуларен избор меѓу потрошувачите, со пазарен удел од 34,7%. Вкупниот број на регистрирани хибридни возила достигна 2.255.080, а растот е особено силен на четирите најголеми пазари: Франција (+30,5%), Шпанија (+30,2%), Германија (+10,7%) и Италија (+9,4%). Во исто време, електричните автомобили на батерии зазедоа удел од 15,6%, со вкупно 1.011.903 регистрирани возила. Ова претставува значително зголемување во споредба со 12,5% во истиот период во 2024 година. Три од четирите најголеми пазари за електрични возила (Германија, Белгија и Холандија) забележаа раст, додека во Франција е регистриран пад од 4,3%, и покрај позитивниот пораст во месец јули. Plug-in хибридите исто така забележаа силен раст, со удел од 8,6% на пазарот. Спротивно на електрификацијата, пазарниот удел на автомобилите на бензин и дизел е намален. Заедничкиот удел на овие два типа на мотори падна на 37,7%, во споредба со 47,9% во истиот период лани. Регистрациите на бензински автомобили се намали за 20,1%, а нивниот пазарен удел падна на 28,3%. Сите големи пазари забележаа двоцифрен пад, предводен од Франција (-33,6%), Германија (-25,9%), Италија (-17,8%) и Шпанија (-12,6%). Пазарот на дизел автомобили се намали за 26,4%, достигнувајќи удел од 9,5%. По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка. Во рамки на тие активности, Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка. Со ова, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач. Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за Железничка Инфраструктура ќе започне постапка за избор на Надзор на изградбата. Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата. Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10. Овие проекти кои имаат и регионално значење ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот- дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.