Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Општина Бутел започна со уривање на дивоградба во Визбегово
Општина Бутел започна со уривање на дивоградба во Визбегово
Општина Бутел во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, рано утринава спроведе акција за отстранување на бесправно изграден објект и узурпација на државно земјиште во населеното место Визбегово. Градоначалникот упати порака дека нема да толерира прекршувања на прописите во општината. Тој потенцираше дека законот ќе важи за сите подеднакво, без отстапки, сѐ додека тој е на чело на општината. „Во општина Бутел нема место за бесправно изградени објекти и узурпации на државно земјиште. Јас работам во интерес на моите сограѓани, постапувам и сум на страна на чесните луѓе. За мене додека сум градоначалник сите граѓани ќе бидат исти и еднакви.“ - додаде Костовски. По отстранувањето на објектот, ќе следат и соодветни пријави против лицата кои бесправно граделе и го узурпирале државното земјиште.
Предложен притвор за сопственикот на кравите и двете негови ќерки во кривопаланечко
Предложен притвор за сопственикот на кравите и двете негови ќерки во кривопаланечко
Основното јавно обвинителство Крива Паланка поведе постапка против три лица – татко и неговите две ќерки поради постоење на основано сомнение за извршено кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Осомничените, како соизвршители, на 2 декември со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои биле со полициска асистенција, да спроведат правосилно и извршно решение за одземање на домашен крупен добиток. Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за сите три лица. Според Обвинителството, од однесувањето на осомничените произлегува дека тие подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, и покрај сите досега преземени активности од надлежните државни органи, а сега започнале и со дејствија на спречување на вработени во надлежните инспекциски служби на АХВ и униформирани полициски службеници.
Царинската управа спречи шверц на 5.200 штеки цигари на граничниот премин „Ново Село“
Царинската управа спречи шверц на 5.200 штеки цигари на граничниот премин „Ново Село“
Секторот за контрола и истраги при Царинската управа успешно откри и спречи обид за шверц на вкупно 5.200 штеки цигари, спакувани во 104 пакети. Случајот е откриен на граничниот премин „Ново Село“, каде камион пријавен како празен на излез од државата бил селектиран за детален царински преглед. Инспекторите од Одделението за оперативни работи, во полуприколката ладилник открија специјално конструиран бункер со преграда каде биле сокриени цигарите. По спроведените истражни дејствија од страна на Одделението за истраги, поднесена е кривична пријава против возачот, кој е српски државјанин. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека борбата со царински измами и спречувањето на обиди за шверц на тутун и тутунски производи е една од клучните обврски, нотирани и во извештајот на Европската Комисија, на која управата е целосно посветена. Николовски нагласи дека годинава, заклучно со 30 ноември, Царинската управа по основ на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10% во однос на минатата година. Кумулативно, заклучно со 30 ноември, годинава се наплатени приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од лани истиот период, забележувајќи раст од 4,7%. Раст е регистриран по сите основи: Приходите од наплата на царина со раст од 15,1%, од ДДВ при увоз 3,2% раст, од Данокот на моторни возила (ДМВ) од 10,9% и од акциза 4,6%.
Општина Центар започна со поставување на уреди за мерење бучава
Општина Центар започна со поставување на уреди за мерење бучава
Општина Центар започна со поставување на уреди на 30 критични локации низ општината, чија примарна цел е континуирано следење на нивото на бучава и алармирање во моментите кога се надминуваат дозволените граници. Веќе се поставени 19 уреди во неколку клучни и фреквентни делови на Центар. Уредите се активни во Дебар Маало, на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“ и „Отон Жупанчиќ“, како и на двете локации на „Боемска“. Во следниот период, проектот ќе продолжи со поставување на уредите и на други важни локации кои се идентификувани како критични зони за бучава. Следни локации опфатени со овој паметен систем ќе бидат улиците „Ленинова“, населбите Капиштец и Буњаковец, „Кеј 13 Ноември“ и локалитетот „Кале“. Градоначалникот Герасимовски потенцираше дека Општина Центар продолжува да воведува современи решенија кои се насочени кон обезбедување помирен и поудобен живот за граѓаните.
Предупредување од Бигорскиот манастир: Се злоупотребува името на манастирот за продажба на лажни лекови
Предупредување од Бигорскиот манастир: Се злоупотребува името на манастирот за продажба на лажни лекови
Бигорскиот манастир објави демант и предупредување до јавноста по повод појавата на лажни интернет-страници и спонзорирани објави на социјалните мрежи, кои го злоупотребуваат името и угледот на манастирот и монашкото братство за продажба на сомнителни медицински препарати. Братството јавно реагираше откако измамници почнаа лажно да тврдат дека монасите од манастирот наводно измислиле или произведуваат чудотворни лекови и масти за зглобови и коски, наведувајќи го препаратот „BoneControl“. Од манастирот изјавија дека немаат никаква поврзаност со овие производи. Братството нагласи дека тие не произведуваат, не рекламираат и не продаваат ваков вид на медицински препарати. Од Бигорски нагласуваат дека станува збор за класична интернет измама, чија цел е финансиски профит преку манипулација со довербата што верниците ја имаат во Црквата. Граѓаните се предупредуваат да не ги оставаат своите лични податоци (име, адреса, телефон) на овие сомнителни веб-страници. Овие лекови се со непознато потекло и состав и можат да бидат опасни по здравјето. Единствените автентични производи на манастирот може да се најдат исклучиво во манастирската продавница или преку нивните официјални канали за комуникација. Од Бигорскиот манастир најавија дека за оваа злоупотреба ќе бидат известени и надлежните органи за компјутерски криминал.
Крај на шверцот во пратки: Нов скенер во поштата ќе детектира оружје, дрога и експлозиви
Крај на шверцот во пратки: Нов скенер во поштата ќе детектира оружје, дрога и експлозиви
Царинската управа денеска го презентираше најновиот додаток во својата опрема - софистициран скенер за поштенски пратки, инсталиран во Царинската испостава Пошта. Скенерот е опремен со вештачка интелигенција и ќе помага во борбата против шверцот на огнено оружје, дрога и експлозиви преку поштенски пратки. Капацитетот за скенирање е стотици пратки во минута, користејќи ја вештачката интелигенција за прецизна детекција на забранети предмети. „Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволената трговија со дрога.“ - истакна директорот Николовски. Тој нагласи дека во Царинската испостава Пошта, каде што е поставен скенерот, годинава поминале над 100.000 пратки. Овој скенер е донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување пролиферација на огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан. Николовски се заблагодари на UNODC, како и на земјите-донатори: Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал, потенцирајќи дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво. Киро Цветков од UNODC истакна: „Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со вградената вештачка интелигенција, скенерот става акцент на деловите и компонентите, препознавајќи ги и детектирајќи ги сомнителните пратки.“ Тој додаде дека институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерки, како што е симулирана достава, за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје.
Општина Центар продолжува со уривање на дивоградби, отстранета нелегална доградба на улицата „Орце Николов“
Општина Центар продолжува со уривање на дивоградби, отстранета нелегална доградба на улицата „Орце Николов“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека е отстранета уште една нелегална доградба на улицата „Орце Николов“, како дел од засилените активности на општината за воспоставување ред и заштита на јавниот простор. Урната е нелегално изградената доградба на деловен објект лоциран на ул. „Орце Николов“ бр. 139. Како што информира Општина Центар, објектот бил изграден без соодветно одобрение за градење и директно узурпирал простор наменет за граѓаните. „Општина Центар продолжува со засилени инспекциски контроли и со активности за расчистување на бесправно изградени и нелегално поставени објекти. Целта е јасна – заштита на јавниот интерес и враќање на јавниот простор на сите граѓани.“ - изјави градоначалникот Герасимовски.
Спречен канал за илегално внесување на ловечка муниција
Спречен канал за илегално внесување на ловечка муниција
Координирана акција на македонската полиција, царинските службеници и Фронтекс резултираше со пресекување на канал за илегално внесување на ловечка муниција на ГП „Стар Дојран“. На 28 ноември се приведени тројца грчки државјани, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи” по член 396 од Кривичниот законик. Во три одделни случаи, при извршена гранична контрола за влез во Македонија, царинските служби и полициските службеници од Фронтекс, пронашле и одзеле околу 200 патрони непријавена ловечка муниција. Во првиот случај околу 10:20 часот, при контрола на патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од Х.С.(38), пронајдени се над 130 патрони сокриени на повеќе места во возилото. Потоа, околу 11:20 часот, во патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од К.К.(76), пронајдени се 24 патрони ловечка муниција. Во последниот случај околу 16:30 часот, во патничко моторно возило управувано од Т.П.(62), пронајдени се над 40 патрони. Тројцата грчки државјани се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Кривична пријава за даночно затајување во Струмица: Буџетот оштетен за над 158 илјади евра
Кривична пријава за даночно затајување во Струмица: Буџетот оштетен за над 158 илјади евра
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против еден правен субјект од Струмица и неговиот сопственик и управител, А.З. (46) од Струмица. Тие се сомничат за сторено кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот закон, извршено во три наврати. Според полицијата, пријавениот правен субјект и неговиот управител во текот на 2023 година ја избегнале законската даночна обврска со тоа што пријавиле помал излезен данок. Пријавениот износ на затаен данок на додадена вредност (ДДВ) изнесува 1.986.083 денари (околу 32 илјади евра). Понатаму, правното лице и управителот не пресметале и не уплатиле данок на личен доход во вкупен износ од 3.888.722 денари (околу 63 илјади евра). Дополнително, при извршената контрола од Управата за јавни приходи (УЈП) во финансиската документација, констатирани се непризнаени расходи, што довело до зголемување на даночната основа за данок на добивка за 2023 година за 3.889.072 денари (околу 63 илјади евра). Со овие дејствија, пријавените во 2023 година го оштетиле државниот Буџет во вкупен износ од 9.763.877 денари (околу 158 илјади евра).
Девет државјанки на Колумбија се приведени во гостиварскиот крај поради злоупотреба на туристичкиот престој
Девет државјанки на Колумбија се приведени во гостиварскиот крај поради злоупотреба на туристичкиот престој
Вчера во 01:30 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар спроведоа акција во угостителски објект во селото Добри Дол, општина Врапчиште. При извршените проверки, затекнати биле вкупно 13 женски лица, од кои девет државјанки на Колумбија и четири македонски државјанки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, деветте странски државјанки, П.Ц.Д.М. (32), Д.Ј.Ј.Р. (28), Х.М.М.Л. (23), О.К.Е.(34), З.М.А.М. (24), Х.Б.К.В.(20), Ј.Н.В. (26), Л.С.Ј.Р. (26), и П.М.М.М. (32), сите од Колумбија, се лишени од слобода. Против нив се поднесени соодветни пријави, а по одлука на Основниот суд Гостивар, на странските државјанки им е изречена мерка забрана за влез во Македонија во траење од една година, како и парична казна.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk