Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Кривична пријава против двајца скопјани, одгледувале канабис во нивните дворови
Кривична пријава против двајца скопјани, одгледувале канабис во нивните дворови
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Сектор за криминалистички истраги - Единица за недозволена трговија со дрога, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.А.(42) и Б.А.(40), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. Во периодот од 2020 до 2025 година, пријавените набавувале семки од растението канабис и во дворовите од нивните куќи во с.Огњанци, скопско, одгледувале стебла, кои ги береле, сушеле, а потоа ги пакувале во зипер ќеси и ги продавале на уживатели на подрачјето на град Скопје по цена од 500 денари за една зипер ќеса. На 06.09.2025, со судска наредба, полициски службеници извршија претреси во домовите на пријавените. Притоа, во домот и дворот на Б.А.(42) се пронајдени и одземени марихуана и осум стебла од растението канабис. Додека, во домот и дворот на Б.А.(40) се пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, дробилка и четири стебла од растението канабис.
Тендерот со јавно наддавање за трет мобилен оператор е завршен, само еден понудувач
Тендерот со јавно наддавање за трет мобилен оператор е завршен, само еден понудувач
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави дека ја завршува постапката по јавниот тендер за доделување на дозволи за користење на радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz. Одлуката за завршување на постапката е донесена од страна на Директорот на АЕК, врз основа на извештај од Комисијата за спроведување на јавниот тендер. Според објавениот документ, Комисијата за јавниот тендер, по спроведеното отворање на понудите на 22 август 2025 година, доставила извештај до Директорот на АЕК на 27 август 2025 година. Во извештајот е констатирано дека за овој тендер се пријавил само еден понудувач. Врз основа на оваа информација и согласно член 140 став 4 од Законот за електронските комуникации, Директорот на АЕК донесе Одлука за завршување на постапката по јавниот тендер со јавно наддавање. Одлуката влегува во сила со денот на нејзиното донесување. Законот за електронските комуникации, на кој се повикува АЕК, ги регулира процедурите за доделување на дозволи за користење на електронски комуникациски мрежи и услуги, вклучително и радиофреквенциските опсези кои се клучен ресурс за развојот на телекомуникацискиот сектор.
Бројот на туристи во првите седум месеци е зголемен за 10,2%
Бројот на туристи во првите седум месеци е зголемен за 10,2%
Државниот завод за статистика објави дека во јули 2025 година, Република Македонија забележа значителен раст во туристичката активност. Бројот на туристите достигнал 209.932, додека вкупниот број на ноќевањата изнесува 770.733. Во однос на структурата на туристите, во јули 2025 година, странските туристи сочинуваат поголем удел од 57.9%, додека домашни туристи се 42.1%. Ситуацијата е поинаква кога се во прашање ноќевањата. Домашните туристи учествуваат со 69.2% од вкупниот број ноќевања, што укажува на нивна поголема ангажираност во туристичките центри. Странските туристи оствариле 30.8% од ноќевањата. Анализата за периодот јануари – јули 2025 година во споредба со истиот период од претходната година, покажува позитивни трендови. Вкупниот број на туристи е зголемен за 10.2%. Посебно охрабрува фактот дека бројот на странските туристи забележа раст од 15.1%, иако има мало намалување од 0.1% кај домашните туристи.
КХВ ја одобри понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од Алта Банка
КХВ ја одобри понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од Алта Банка
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 65-тата седница со која претседаваше Претседателката на КХВ М-р Бујаре Абази, донесе Решение со кое на “АЛТА БАНКА" АД Белград, Р. Србија и се издава дозвола за давање понуда за преземање на "Стопанска банка” АД Битола. Понудата за преземање се однесува на 371.538 обични акции со право на глас издадени од "Стопанска банка” АД Битола, кои заедно со 19.439 обични акции со право на глас кои ги поседуваат преземачот и лицата со кој тој дејствува заеднички претставуваат 100% од нејзината основна главнина. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.777 денари по акција. Според преземачот, понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 273.795 обични акции кои претставуваат 70,03% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од ”Стопанска банка“ АД Битола. При тоа, преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички со него би поседувале 75% плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од “Стопанска банка" АД Битола. На седницата што се одржа на 10 септември, 2025 година, Комисијата донесе Решение со кое на "ТТК Банка” АД Скопје и даде одобрение да ја издаде третата емисија на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на приватна понуда. Предмет на понудата се 1.000 корпоративни обврзници на кои продажната цена им е еднаква на номиналната и се нудат по цена од 1.000 евра за обврзница. Вкупната вредност на понудата изнесува 1.000.000 евра. Рокот на достасување на обврзниците ќе изнесува 6 години, при што главницата ќе се исплати наеднаш, заедно со последната исплата на каматата на крајот на рокот на доспевање. Каматната стапка на капиталниот инструмент ќе изнесува 5% фиксна за целиот период, чија пресметка ќе се врши еднаш годишно во денарска противвредност сметано од денот на настанатиот прилив на парични срества во Банката. Првата исплата на каматата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на настанатиот прилив на парични средства во банката. Kупувачи на корпоративните обврзници се 14 физички лица и едно правно лице, сите од Република Северна Македонија. Исто така, КХВ по завршена јавна расправа го усвои Правилникот за видовите на високоликвидните финансиски инструменти во кои овластен депозитар може да ги вложува своите средства.
Макпрогрес ќе ги намали цените за 10% на 114 производи на компанијата
Макпрогрес ќе ги намали цените за 10% на 114 производи на компанијата
Компанијата Макпрогрес од Виница издаде официјално соопштение за јавноста, доставувајќи нови детали во врска со неодамнешниот пожар што ја зафати фабриката. Сите што беа повредени и хоспитализирани се пуштени дома и се чувствуваат добро. Еден од пожарникарите останува и вечерва хоспитализиран и неговата состојба е добра и се следи од здравствените служби и од тимот за грижа на Макпрогрес. Кон крајот на месец Септември, Макпрогрес ќе организира настан за благодарност и солидарност каде ќе им укаже признанија на сите херои инволвирани во интервенцијата за гасење на пожарот. Надлежните институции интензивно работат на проценки за причините и последиците од пожарот и повторно се апелира да се почекаат на официјалните известувања од надлежните органи. Кризниот штаб на компанијата ги прави сите неопходни активности за да од понеделник, 15.09.2025 година, сите останати фабричките капацитети освен опожарените да бидат пуштени во редовна работа. Како сопственици и менаџмент секогаш биле поткрепа и поддршка за вработените. Денес сите вработени на Макпрогрес се сплотија и обединија во една визија, мотивација и желба за реобнова и повторно издигање на фабриката и почнаа со работа на средување, чистење и дезинфекција на производните капацитети како би можеле од понеделник да започнат со редовно производство. Компанијата успеа да се реорганизира со производните можности и од следната недела сите производи ќе ги има во достапни количини освен категориите Наполитан вафли и вафел барови Премиер, Вафрета и Алми за кои сеуште се бараат можности како најбрзо би можеле да се вратат во производство и на пазарите. Од компанијата бескрајно се благодарни на целата јавност за повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за поддршка на компанијата преку купување на производите од индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, како и за огромната поддршка од Стопанската Комора, клиентите, соработниците, партнерите, целата бизнис заедница, како и владата и повеќето институции. Овој амбиент на поддршка е силно мотивирачки компанијата да опстои во намерите да ја подигне Винчини во уште помодерна и поуспешна домашна индустрија. Компанијата ќе изврши трајно намалување од 10% на цените на 114 производи од брендовите Роки Винчини, Сончева Долина, Натура и Фантазија, како и акциско намалување на 12 производи од Винчини во висина од 10% за време на месец септември. Во следниве денови ова намалување треба да биде видливо во малопродажната мрежа. За Макпрогрес периодот што следи е период на опстанок на работните места и овие намалувања на цените се допринос кон вработените и потрошувачите кои ја даваат неизмерната поддршка. Отпочнаа со преговори за набавка на машини и опрема од неколку светски реномирани производители и во наредниот период се очекува да потпишување договори за набавка на опрема со цел обнова на фабричките капацитети. За денес е планирано потпишување договор за кредитно задолжување со цел отпочнување на ре-обнова на производните капацитети. Во понатамошниот период ќе следи и дополнително задолжување за набавка на машини и опрема за фабриката. Во петок, во Стопанската комора ќе се одржи средба со водечките ланци на маркети и пошироката бизнис заедница како би се презентирал план за ре-обнова и ќе се дискутира за можностите за поддршка од страна на малопродажбата во насока на поттикнување на поголема продажба на производите на Макпрогрес, но и обратно, како Макпрогрес да се вклучи во зголемување на соработката со маркетите а со цел задржување на сите работните места и задржување на животниот стандард на вработените.
Мицкоски: За прв пат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива
Мицкоски: За прв пат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека базичната инфлација во земјата за првпат е негативна на месечно ниво, што го оцени како добар индикатор за македонската економија. Мицкоски посочи дека месечната стапка на инфлација за август е намалена во однос на јули, и дека годишната инфлација е намалена од 4,9% на 4,4%. Тој изрази очекување дека трендот на намалување ќе продолжи, со цел инфлацијата да се стабилизира на ниво од 2 до 2,5%. Според премиерот, негативната базична инфлација е важен показател бидејќи токму таа беше главен двигател на општата инфлација. Тој нагласи дека владата води внимателна макроекономска политика, која не е интервенционистичка. Целта на оваа политика, како што објасни, е да се одржи баланс меѓу растот на платите и инфлацијата, со тоа што растот на платите секогаш ќе биде барем двојно поголем од инфлацијата, за да се обезбеди подобар животен стандард за граѓаните. Мицкоски додаде дека Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата спроведуваат интензивни контроли за да се обезбеди фер пазар, и дека редовно добива извештаи за нивната работа.
Народна банка: Поевтини електронски плаќања за граѓаните и компаниите
Народна банка: Поевтини електронски плаќања за граѓаните и компаниите
Иницијативата на Народната банка на Република Македонија за намалување на надоместоците за електронските плаќања дава конкретни резултати. По интензивната комуникација со банките и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), банките ги ревидираа своите тарифници, со што значително се намалија надоместоците за платежни услуги. Според Народната банка, сите банки веќе усвоија нови тарифници, а промените се однесуваат и на граѓаните и на компаниите. За граѓаните, надоместоците за електронските плаќања извршени преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека интерните плаќања, односно оние што се извршуваат во рамките на иста банка, во најголем дел од банките станаа бесплатни. За компаниите, надоместоците за електронските плаќања во МИПС се поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања се намалени за околу 55%. Дополнително, банките се префрлаат на поевтини, фиксни надоместоци по трансакција, што значи дека цената на услугата ќе биде однапред позната и нема да зависи од висината на сумата која се плаќа. Дел од банките веќе ги применуваат новите, намалени цени, додека останатите планираат да почнат со нивна примена најдоцна до октомври оваа година. Оваа мерка е дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Целта е да се поттикне користењето на електронските плаќања, да се зајакне довербата во финансискиот сектор и да се придонесе кон општествено одговорно работење на банките.
Француска компанија заинтересирана за изградба на железницата и клиничките центри во Македонија
Француска компанија заинтересирана за изградба на железницата и клиничките центри во Македонија
Вчера, на 9 септември 2025 година, во Стопанската комора се одржа работна средба со француската компанија Буиг (Bouygues). Високите претставници на компанијата изразија интерес и подготвеност на Буиг да учествува во изградбата на големи инфраструктурни проекти во Македонија, како изградбата на железницата и клиничките центри. Компанијата Буиг со диверсифицирано портфолио во секторите градежништво, енергетика, телекомуникации и медиуми, со над 50 милијарди евра обрт и 200.000 вработени во над 80 држави во светот, со себе носи големо искуство, знаење и доверба. Затоа, Стопанската комора на оваа средба ја изрази својата поддршка и помош за компанијата за започнување на активностите во Македонија. Домаќин на средбата беше Деловниот клуб за соработка со Франција и франкофонските земји, каде во присуство на францускиот амбасадор, Н.Е. Кристоф Ле Риголер и регионалниот претставник, шеф на економската мисија за ЗБ со седиште во Белград, Пјер Гранжуан, беше разговарано и за неколку други иницијативи за соработка со француските компании. За октомври е најавен регионален бизнис форум Франција-Западен Балкан во Белград, на кој се поканети и македонските компании. На средбата, Стопанската комора и Амбасадата на Франција во РС Македонија разговараа за можностите за продлабочување на економската соработка, унапредување на трговската размена меѓу двете земји, како и за поттикнување на директни инвестиции. Претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека постои значаен потенцијал за заеднички проекти, и дека француските компании може да ја сметаат Комората и Деловниот клуб за свој партнер во Македонија. Комората активно работи на создавање поволна деловна клима, олеснување на административните процедури и поврзување на француските компании со домашни партнери.
Бројот на одобренија за градење во јули е зголемен за 7.2%, еден од одобрените проекти е ветерниот парк во Штип
Бројот на одобренија за градење во јули е зголемен за 7.2%, еден од одобрените проекти е ветерниот парк во Штип
Државниот завод за статистика објави дека бројот на одобренијата за градење во јули 2025 година е зголемен за 7.2 % во однос на истиот период од претходната година. Во јули 2025 година се издадени 401 одобрение за градење, што е за 7.2 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 31 699 433 илјади денари, што е за 345.3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба за ветерен парк (за производство на електрична енергија од обновливи извори) во општините Штип, Радовиш и Карбинци, кој е со вредност од 500 милиони евра. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 228 (56.9 %) се наменети за објекти од високоградба, 46 ( 11.5 %) за објекти од нискоградба и 127 (31.7 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 401 објект, на 232 (57.9 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 169 (42.1 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 667 станови со вкупна корисна површина од 60 676 м2.
Охриѓанец предизвикал пожар на глисер на неговиот брат
Охриѓанец предизвикал пожар на глисер на неговиот брат
Полицијата од Охрид уапси 52-годишен маж под сомнение дека намерно подметнал пожар на глисер, кој му припаѓал на неговиот брат. Инцидентот се случил на 9 септември 2025 година, околу 02:33 часот, во дворот на улицата „Даме Груев“ во Охрид. Како што информираат од СВР Охрид, приведениот З.С. е осомничен дека го предизвикал пожарот, кој потоа се проширил и оштетил дел од зграда и патничко возило „мерцедес“, сопственост на неговиот брат Ј.С. (45) од Охрид. За среќа, нема повредени лица, а пожарот бил брзо изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид. По приведувањето, З.С. бил задржан во полициска станица, каде во службен разговор го признал делото. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk