Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

АХВ изрече 15 забрани за работа и заплени околу 700кг небезбедна храна во објекти близу училишта
АХВ изрече 15 забрани за работа и заплени околу 700кг небезбедна храна во објекти близу училишта
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го заврши циклусот на засилени инспекциски контроли кои беа спроведени во објекти и оператори со храна лоцирани во непосредна близина на основните и средните училишта, места каде учениците најчесто купуваат храна. Како резултат на 445 извршени инспекциски контроли во изминативе десеттина дена, АХВ изрече 15 забрани за вршење на дејност. Запленети и нештетно уништени се вкупно 696 килограми небезбедна храна и производи од непознати добавувачи. Акцентот на контролите беше ставен на безбедноста и хигиената на храната. Утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, додека кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања. Покрај тоа, дури 26 од вкупно контролираните субјекти не биле воопшто регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство. За утврдените недоследности, изречени се и парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противвредност. Издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности и изречени се и 23 опомени.
Извршена првата трансплантација на рожница во македонското јавно здравство
Извршена првата трансплантација на рожница во македонското јавно здравство
Премиерот Мицкоски денеска објави дека успешно е извршена првата трансплантација на рожница во државата, со што Македонија се вбројува меѓу ретките земји во регионот кои спроведуваат вакви сложени офталмолошки интервенции. „Ова претставува исклучително значаен и долгоочекуван чекор напред за нашата држава, за здравството и пред се за пациентите кои имаат потреба од ваков вид високо-специјализиран третман“, изјави премиерот Мицкоски. Операциите се изведени од врвни доктори од Duke University (САД), еден од највисоко рангираните универзитети за клиничка медицина во светот. Американскиот тим, составен од докторите Лојд Вилијамс, Николас Гарсон и Шина Сонг, работеше заедно со тим на македонски офталмолози. Целокупниот процес беше координиран од Проф. д-р Билјана Кузмановска, Национален координатор за трансплантација, и Доц. Д-р Наташа Трпевска Шекеринов, директор на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.
Царинската управа заплени 2.500 ризични инфузиски медицински сета
Царинската управа заплени 2.500 ризични инфузиски медицински сета
Царинската управа изврши нова голема заплена на медицински материјал кој е ризичен по здравјето на граѓаните. Запленети се 2.500 инфузиски медицински сета - вклучувајќи игли, шприцеви, канили и системи за инфузија, за кои е утврдено дека не ги исполнуваат медицинските стандарди. Запленувањето на инфузиските сетови се случило во Царинската испостава Скопје 3, при детална контрола на пратката. „Последен случај каде јасно се гледа нашата заложба во заштита на здравјето на граѓаните е заплената на 2.500 инфузиски сета во Царинска испостава Скопје 3. Случајот е откриен при детална контрола на инфузиски медицински материјал при што е констатирано дека истите се кинеска стока, а не германска која била предмет на дозвола за увоз“, изјави Николовски. Со оглед на тоа дека запленетите сетови за инфузија не се во согласност со медицинските стандарди во државата, не се безбедни за употреба и за нив не е издадено одобрение за увоз, целата стока е запленета и ќе биде уништена. Против увозникот е веќе поведена соодветна постапка. Николовски додаде дека минатата година биле спречени два меѓународни канали за нелегална трговија со анаболични стероиди, при што Царината запленила 600 килограми од овие супстанци, кои се исклучително штетни по здравјето на граѓаните.
Започна изградбата на мега парк во Бутел кој ќе се простира на површина од 8000м2
Започна изградбата на мега парк во Бутел кој ќе се простира на површина од 8000м2
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска го означија почетокот на изградбата на мега паркот во Бутел. Овој проект е првиот што започнува со реализација од предизборната програма на градоначалникот Ѓорѓиевски. Запуштениот простор долж булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“ ќе се трансформира во модерен и функционален зелен простор со површина од 8.000 м², кој ќе содржи богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, наменети за сите возрасти. Овој парк е еден од четирите мега паркови ветени во програмата, а дополнително се планира изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини. Градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека во Бутел, паралелно со паркот, следува и голем инфраструктурен бран. Како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје, ќе се изгради кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, со цел постигнување поголема безбедност и визија за град со нула фатални несреќи до 2030 година. Паралелно со тоа, ќе следи целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација која треба да го реши долгогодишниот проблем со поплави. Меѓу поголемите проекти кои наскоро ќе започнат се и реконструкцијата на Стар Качанички пат, развојот на Економската зона Визбегово и ревитализацијата на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.
Македонија ќе отвори нова амбасада во Саудиска Арабија следната година
Македонија ќе отвори нова амбасада во Саудиска Арабија следната година
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, најави значајно преориентирање во надворешно-трговската и дипломатската стратегија на земјата, со акцент на пазарите кои имаат огромен потенцијал и кои досега биле запоставувани. Главниот фокус е ставен на Блискиот Исток, како и на одредени пазари во Африка и Азија. Како конкретен чекор во оваа насока, министерот Муцунски најави отворање на нова амбасада во Саудиска Арабија. „Ќе се отвори нова амбасада во Саудиска Арабија, земја со којашто имаме сериозен потенцијал, се очекува да се отвори во 2026 година.“ - изјави Муцунски. Во однос на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), по неодамнешната посета на македонската влада во ОАЕ, министерот изрази очекување за дополнителни конкретни придобивки. „Покрај визното олеснување коешто веднаш го добивме и е значајно за нашите граѓани и бизнис, очекуваме и со ОАЕ да имаме конкретно придвижување. Не би можел сега да соопштам поради доверливата комуникација помеѓу двете страни, но ќе има бенефити коишто граѓаните наскоро ќе ги чувствуваат.“ - потенцираше тој. Министерот во 2026 година планира да посети дел од пазарите во Африка и Азија, а планот е да биде придружуван со претставници од нашата деловна заедница.“ нагласи Муцунски.
Полицаец е осомничен за крадење бакарни кабли од објекти на поранешна фабрика
Полицаец е осомничен за крадење бакарни кабли од објекти на поранешна фабрика
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против полицискиот службеник Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Полицискиот службеник е осомничен за кривичното дело „тешка кражба“ по член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 и член 22 „соизвршителство“ од Кривичниот законик. Според пријавата, осомничениот Н.А. во повеќе наврати, во периодот од 5 јануари до 7 мај 2025 година, во претходен меѓусебен договор и заедничко дејствување со три други лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети. Предметите на кражбата биле бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар, одземени од објекти на акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика во Скопје. По поднесувањето на кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, на осомничениот полициски службеник му е одреден 30-дневен притвор. Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, покрај кривичната постапка, ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против Н.А. Како задолжителна мерка, против него ќе биде изречена и мерка отстранување од работното место – суспензија.
АХВ заплени и уништи 37 тони храна без декларации и со поминат рок на употреба
АХВ заплени и уништи 37 тони храна без декларации и со поминат рок на употреба
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела спроведе интензивни контроли на терен, при што е извршена голема акција за заплена и уништување на огромни количини небезбедна храна. При спроведена вонредна контрола кај еден оператор со храна, инспекциските служби на АХВ заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна, вклучувајќи јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи, како и разни зачини, кои биле без соодветни декларации. Како што информира АХВ, рокот на употреба на дел од производите бил истечен од една до две години. Поради овој сериозен прекршок, на операторот му е изречена мерка времена забрана за работа и парична глоба, како и наредба за отстранување на сите утврдени недоследности. АХВ неделава продолжи со засилени вонредни контроли и кај други оператори со храна, вклучувајќи месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. Во овие контроли, инспекторите утврдиле повеќе недоследности, меѓу кои нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната и пуштање во промет на небезбедна храна. Поради овие прекршоци, на одговорните лица и на операторите им биле изречени парични казни, времени забрани за вршење на дејност, како и наредби за отстранување на недостатоците. Целата затекната небезбедна храна веднаш била нештетно уништена. АХВ со ова ја нагласува својата заложба за заштита на здравјето на потрошувачите и најавува дека ваквите засилени контроли ќе продолжат.
Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици
Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици
Помалку од 48 часа откако ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави значаен позитивен напредок во решавањето на транспортната криза во градот. По одржана средба со приватните превозници, градоначалникот најави дека со заедничка волја и добра координација е постигнат договор кој веднаш дава видливи резултати. Веќе од понеделник, низ скопските улици повторно ќе сообраќаат 55 автобуси, што претставува сериозен исчекор кон стабилизирање на јавниот линиски превоз. Ѓорѓиевски најави и дека овој позитивен тренд ќе продолжи, со цел целосна нормализација на превозот: „До Нова Година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран“, изјави градоначалникот. Но, плановите за надминување на сообраќајниот хаос се многу поамбициозни. Градоначалникот истакна дека ова не е крајот на мерките: „До март, во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси“. Овие потези, како што нагласи Ѓорѓиевски, се само почеток на циклус на трајно решавање на проблемите со сообраќајот во Скопје, кој ќе биде поддржан и од веќе започнатата прва фаза на ремонт на Градскиот воз и долгорочниот проект за БРТ (Брз Автобуски Превоз).
Царинската управа во акција: Запленето злато, 37.500 евра, „Apple“ уреди, цигари и парфеми на повеќе гранични премини
Царинската управа во акција: Запленето злато, 37.500 евра, „Apple“ уреди, цигари и парфеми на повеќе гранични премини
Царинските службеници и мобилните тимови на Царинската управа во спроведени активности во текот на вчерашниот ден, 6 ноември 2025 година, запленија разновидна стока, вклучувајќи скапоцености, девизи, електронска опрема, тутунски производи и парфеми. На Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на багаж на турски државјанин кој се подготвувал за излез од државата, пронајдени се вкупно 92 грама злато, составено од златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама. Вредноста на златото се проценува на 538 илјади денари. Во одделен случај на истиот аеродром, при контрола на багаж на македонски државјанин кој допатувал од Лондон, запленети се два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Apple“. Мобилните царински тимови информираа дека се запленети вкупно 37.500 евра во два одвоени инциденти на граничниот премин Табановце при влез во државата. Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин во неговото возило со српски таблички, откриени се непријавени 24.000 евра во џебовите од јакната. По постапката, на патникот му биле вратени законски дозволените 10.000 евра, додека останатите 14.000 евра се привремено задржани. Во вториот случај, на граничниот премин Блаце при излез од државата, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски таблички, откриени се непријавени 25.500 евра возило на македонски државјанин. Од оваа сума, на возачот му се вратени законските 2.000 евра за износ што резидент може слободно да го изнесе, а 23.500 евра се привремено задржани. Дополнително, на граничниот премин Ново Село се откриени и други обиди за криумчарење. Во првиот случај, во багажникот на автомобил со бугарски таблички, пријавен за влез, пронајдени се 96 кутии цигари без акцизни маркички заедно со 10 ремени за прицврстување товар. Во вториот случај на истиот премин, во багажникот на автомобил со македонски таблички, пријавен за влез, откриени се уште 24 ремени за прицврстување товар. Царинската управа наведе дека била запленета и стока како парфеми и детска облека со заштитени трговски марки.
На 80.000 денари долг наплатиле над 700.000 денари - Уапсени лихвари од Кавадарци
На 80.000 денари долг наплатиле над 700.000 денари - Уапсени лихвари од Кавадарци
Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера, на 6 ноември 2025 година, извршија апсење на две лица поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Станува збор за Н.С. (59) и неговиот син Р.С. (34), двајцата од Кавадарци. Според информациите од МВР, случајот датира од јуни 2023 година, кога 71-годишен маж од Неготино позајмил од осомничените околу 80.000 денари. Договорот предвидувал враќање на заемот со неделни рати од по 20.000 денари. Меѓутоа, бидејќи заемопримачот не успеал да ги отплати ратите на време, двајцата осомничени започнале со континуирано пресметување на непропорционално високи камати, со што постојано го зголемувале долгот. За првично позајмените 80.000 денари, оштетениот во периодот на задолжувањето на осомничениот Н.С. му исплатил вкупна сума која надминува 700.000 денари. По добиена судска наредба, извршен е и претрес во домот на уапсените, при што пронајдени се предмети за кои постои основано сомнение дека се директно поврзани со извршувањето на кривичното дело. Јавниот обвинител е известен за настанот, а по целосното документирање на случајот, на Н.С. и Р.С. ќе им биде поднесена соодветна кривична пријава.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk