Државниот завод за статистика објави дека во периодот од јануари до јули 2025 година, Македонија забележа раст како на извозот, така и на увозот на стоки во споредба со истиот период од претходната година. Вкупната вредност на извозот на стоки достигна 4.715 милијарди евра, што претставува пораст од 3.2%. Вредноста на увезената стока изнесува 6.669 милијарди евра, бележејќи зголемување од 2.7%. Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија. Во периодот јануари - јули 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, кои учествуваат со 47.3 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.4 % во вкупната размена. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, второто тримесечје од 2025 година бележи позитивни трендови во однос на намалувањето на бројот на невработени лица. Стапката на невработеност е намалена за 1.3% во споредба со првиот квартал од годината, а за цели 7.2% во однос на истиот период лани. Иако генералниот тренд е охрабрувачки, податоците откриваат и одредени предизвици. Бројот на вработени лица забележа минимално намалување од 0.1%. Во однос на половата распределба, во второто тримесечје од 2025 година, невработените мажи сочинуваат 65.5% од вкупниот број невработени, додека невработените жени се 34.5%. Кај вработените, мажите претставуваат 57.2%, а жените 42.8%. Најзначајниот аспект кој се издвојува од статистиката е зголемувањето на учеството на неформалната вработеност. Бројот на неформално вработени лица достигна 98.095, што претставува раст од 8.5% во споредба со претходното тримесечје. Анализата по сектори покажува дека најголем дел од неформално вработените, односно 51.4%, се ангажирани во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство. Следи секторот Градежништво со 17.1% неформално вработени лица. Во периодот од 25.08.2025 - 31.08.2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 90 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови, хотели, бутици, бензиски пумпи и други трговски објекти за продажба на мало. Контролите се иницирани претежно по пријави од граѓани преку телефонскиот број 198 и се реализирани во координација со други државни институции. Дополнително, инспекциски надзори се спроведени и на музички и забавни настани со цел да се поттикне транспарентност, да се заштитат правата на потрошувачите и да се охрабрат даночните обврзници да ги почитуваат законските обврски. Од 90 контролирани субјекти, кај 70 не се утврдени неправилности, а кај 20 субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 20 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За 3 субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). На даночните обврзници каде со контролите за фискализација е утврден неевидентиран промет од страна на Управата за јавни приходи, им се укажува истиот да го евидентираат во книговодствената евиденција и соодветно да го прикажат во даночните пријави. Кај даночните обврзници кои доброволно нема да ја усогласат својата книговодствена евиденција во насока на точно пријавување и плаќање на даночните обврски, Управата за јавни приходи ќе спроведе дополнителни надворешни контроли и ќе ги санкционира прекршителите на законските одредби. Македонската енергетска транзиција, која треба да обезбеди енергетска сигурност и да ги исполни меѓународните обврски за декарбонизација, се соочува со сериозни предизвици. Ова се заклучоците од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема „Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија“. Извештајот открива дека и покрај стратешките планови и реформските напори, енергетските компании АД ЕСМ и АД МЕПСО не успеваат да ги обезбедат неопходните услови за целосна имплементација на зацртаната политика. АД ЕСМ, најголемиот производител на електрична енергија, не успеал да изгради нови големи капацитети кои би ги замениле термоелектраните на јаглен, кои треба да се затворат до 2030 година. И покрај изградбата на Фотоволтаичната електрана Осломеј 3 од 100 MW преку јавно-приватно партнерство, како и ФЕЦ Осломеј 1 од 10 MW, која сè уште не е оперативна, недостасуваат сериозни инвестиции. Дополнително, компанијата работи со загуба бидејќи производната цена на електрична енергија е повисока од цената по која ја продава на универзалниот снабдувач. Ова ја доведува во прашање финансиската одржливост на ЕСМ и целата реформа за зелена транзиција. Операторот на електропреносниот систем, АД МЕПСО, се соочува со сериозни технички проблеми. Компанијата не може да одобри бројни барања за приклучок на нови инвеститори во обновливи извори на енергија, бидејќи мрежата не е доволно развиена. Извештајот посочува и на застој во клучниот регионален проект за изградба на далекуводот 400 kV кон Албанија, дел од Коридор 8, кој е на листата на приоритетни проекти на Енергетската заедница и е започнат уште во 2015 година. Иако Владата го усвои Планот за енергија и клима со амбициозни цели за 2030 година, вклучувајќи учество од 38% на обновливите извори на енергија во крајната потрошувачка, ДЗР утврди дека не се изработуваат извештаи за следење на неговата имплементација. Ова значи дека не постои соодветен мониторинг врз спроведувањето на политиките. Извештајот забележува дека и покрај значајните меѓународни чекори, како што се усвојувањето на Патоказот за праведна транзиција и потпишувањето на декларацијата за формирање на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), со одобрени средства од 85 милиони долари, реализацијата на проектите е бавна. Владата формираше Совет за следење на овие планови, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има подготвено нацрт-листа на проекти во вредност од над 1,8 милијарди евра, но ревизорскиот извештај алармира дека стратешките документи не се доволни без конкретна акција на терен. Во 2024 година, термоелектраните сè уште учествуваат со 38,4% од вкупното производство на електрична енергија, што ја потенцира нивната клучна улога, но и нивната позиција како најголеми загадувачи. Истовремено, законската обврска ЕСМ да продава дел од своето производство на универзалниот снабдувач по цена пониска од производствената, дополнително ги продлабочува финансиските проблеми. Државниот завод за статистика денеска објави дека бруто-домашниот производ (БДП) во второто тримесечје од 2025 година забележал реален раст од 3,4% во однос на истиот период лани. Во второто тримесечје од 2025 година, поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво од 7.3 %, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6.0 % и Рударство и вадење на камен; Преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 3.9 %. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2025 година, номинално расте за 6.1 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 68.5 %. Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 6.4 %, а увозот на стоки и на услуги исто така бележи зголемување во номинален износ од 7.3 %. Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2025 година во однос на второто тримесечје од 2024 година е 3.2 %. Претставена новата Стратегија за соработка на Светската здравствена организација со Македонија за периодот 2026–2030, документ кој ги поставува насоките за јакнење на здравствениот систем, климатската отпорност и одржливиот развој на земјата. На настанот учествуваа министри од Владата на Република Македонија, претставници на агенциите на Обединетите нации и експерти од различни области. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање ја нагласи клучната врска помеѓу енергетиката и јавното здравје, посочувајќи дека енергетските избори се директно поврзани со квалитетот на животот на граѓаните. „Она што оваа Стратегија за соработка ја прави посебна е што не се ограничува само на здравствениот сектор – таа отвора простор за синергија меѓу здравјето, енергетиката, животната средина и економијата. Тоа е визија која го препознава најважното – дека благосостојбата на луѓето се гради преку заеднички политики. Нашата задача како институција е токму во таа насока – сите законски решенија, сите политики и активности што ги носиме, се изградени врз оваа рамнотежа,“ истакна министерката Божиновска. Таа додаде дека транзицијата кон чиста енергија мора да биде праведна и инклузивна: „Нашата обврска е транзицијата кон чиста енергија да биде праведна. Тоа значи дека никој не смее да биде изоставен – ни работниците во индустријата, ниту локалните заедници.“ Во своето излагање, министерката Божиновска потенцираше дека Министерството за енергетика веќе работи на забрзување на процесот на декарбонизација, воспоставување на високи стандарди за нови инвестиции, рекултивација на деградирани подрачја, зголемување на енергетската ефикасност во јавните институции и развој на обновливи извори на енергија. „Подготвени сме активно да ја интегрираме здравствената димензија во енергетските и климатските политики, во тесна соработка со СЗО и партнерите од системот на Обединетите нации,“ додаде министерката Божиновска, нагласувајќи дека економскиот раст и здравјето на граѓаните мора да одат рака под рака. Министерот за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на авиокомпанијата „Визер“ денеска на прес-конференција најавија воведување на пет нови авиолинии од меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид. Како што истакна министерот Николоски, се воведуваат три нови линии од Охрид и две од Скопје. Од охридскиот аеродром се воведуваат следниве дестинации: - Катовице, Полска — од 28 јуни 2026 година. - Вроцлав, Полска — од 28 јуни 2026 година. Од скопскиот аеродром се додаваат две нови линии: - Наполи, Италија — од 6 април 2026 година. - Будимпешта, Унгарија — од 6 април 2026 година. Освен новите линии, „Визер“ најави и зголемување на капацитетот на скопскиот аеродром. Авиокомпанијата ќе донесе шест авиони кои трајно ќе бидат стационирани во Скопје, со можност бројот да се зголеми на седум или осум во иднина. Ова е значајно зголемување од досегашните четири авиони. „Визер“ исто така ќе ги замени постојните авиони Airbus A320 со најновиот модел Airbus A321neo. Новите авиони се најмодерни во светот, со помало загадување и помала бучава, а имаат и поголем капацитет од 239 седишта, наспроти 180-те на претходните модели. Ова ќе значи зголемување на капацитетот на скопскиот аеродром за околу 50%, нудејќи вкупно 3,3 милиони седишта. Дополнително, бројот на вработени во „Визер“ во Македонија, кој моментално изнесува околу 200 лица, се планира да се зголеми за најмалку уште 100. Макстил АД Скопје, македонска компанија од металургијата, објави склучување на голема зделка со Стопанска банка АД Скопје. На седница на Собранието на акционери, одржана на 2 септември 2025 година, е донесена одлука за одобрување на Договор за мултивалутна кредитна рамка, со што компанијата ќе добие финансиски средства во износ од 45 милиони евра. Кредитната рамка, чија вредност надминува 50% од книговодствената вредност на имотот на компанијата, е наменета за поддршка на тековното работење и за идни инвестициски проекти. Според објавеното известување до Македонската берза, договорот ќе биде со важност до 31 декември 2040 година, а средствата ќе се користат преку дефинирани подлимити. Како гаранција за оваа значајна зделка, Макстил обезбеди залог на подвижен и недвижен имот, меници и корпоративна гаранција од Duferco Internacional Trading Holding S.A., што укажува на цврстата финансиска позиција на компанијата и поддршката од нејзините партнери. Оваа финансиска инјекција се очекува да го зајакне развојниот потенцијал на Макстил, овозможувајќи му да ги реализира своите стратешки планови и да ја зацврсти својата позиција на пазарот. Зделката е дел од долгорочната бизнис стратегија на компанијата, насочена кон одржлив раст и модернизација на производствените процеси. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нелегалното прислушување и злоупотребата на системот од страна на Агенцијата за национална безбедност претставуваат напад врз демократијата, а не само врз него туку и врз новинарите. На состанок посветен на партнерството за отворена власт, тој истакна дека станува збор за удар врз правото на слобода и врз темелите на државата. Мицкоски посочи дека тој, како тогашен претседател на најголемата опозициска партија, бил жртва на системот за следење граѓани, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и други јавни личности. „Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“, изјави Мицкоски. Според него, партнерството за отворена власт е одговор на ваквите проблеми. Тој истакна дека таму каде што има светлина, нема простор за сенки, а отворените и отчетни институции не оставаат место за злоупотреба и загрозување на слободите и демократијата.