Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Царина и Централен регистар воведоа е-размена на податоци за царински долг – хартиените потврди се исфрлаат од употреба
Царина и Централен регистар воведоа е-размена на податоци за царински долг – хартиените потврди се исфрлаат од употреба
Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато. Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, денеска официјално го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма. „Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите кои ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа“ - изјави директорот Бобан Николовски. Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис. Директорката на Централниот регистар, Стамнова, вели дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти.
Приведени 39 албански државјани за нелегално работење во градежна фирма
Приведени 39 албански државјани за нелегално работење во градежна фирма
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на 15.10.2025 година, во голема акциска контрола во тетовското село Стенче, општина Брвеница, биле приведени 39 државјани на Република Албанија поради злоупотреба на туристичкиот престој и непријавена работа. Акцијата е спроведена во периодот од 12:00 до 18:30 часот од страна на полициски службеници од СВР Тетово, во содејство со Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија. Контролата била извршена на локација каде правно лице, во сопственост на Е.З.М. од Тетово, изведувало градежни активности. На терен се затекнати 39 работници од Албанија, на возраст од 20 до 65 години, кои извршувале работни задачи. Приведени се откако е констатирано дека не биле пријавени како работници согласно законските прописи и го злоупотребиле туристичкиот престој, престојувајќи во земјата спротивно на целта. Приведените лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Од МВР најавија дека, по целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави како за приведените странски државјани, така и за сопственичката на правното лице, Е.З.М. од Тетово, која ги ангажирала работниците.
Царинска управа: Кривична пријава за царинска измама со увоз на додатоци за исхрана
Царинска управа: Кривична пријава за царинска измама со увоз на додатоци за исхрана
Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „царинска измама“ против увозник, шпедиции и лиценцирани застапници, кои со непријавувањето на стоката во соодветната тарифна ознака го оштетиле државниот буџет за износ од 622.492 денари. Како што информираат од Царинската управа, измамата се однесува на увоз на додатоци на исхрана извршен во периодот од октомври 2022 до мај 2023 година. Осомничените, во договор со увозникот, ја пријавувале стоката под погрешна тарифна ознака, со што се пресметувале пониски царински давачки од реалните. Царинската измама е откриена при контрола спроведена од инспектори од Одделението за контрола на трговски друштва. По откривањето на делото, случајот е предаден на Одделението за истраги, кое поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство. Покрај кривичната одговорност, против сторителите се донесени и решенија за дополнителна наплата на должните давачки.
Владата ја раскина концесијата за рудникот „Пискупштина“ во Струга поради незаконско експлоатирање
Владата ја раскина концесијата за рудникот „Пискупштина“ во Струга поради незаконско експлоатирање
Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Ова доаѓа како дел од засилените мерки на Владата против несовесното и незаконско користење на природните ресурси. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласи дека Владата нема да толерира незаконско експлоатирање и дека заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Во случајот „Пискупштина“, одлуката за раскинување е донесена откако инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за енергетика и рударство утврдил дека концесионерот вршел експлоатација надвор од границите на дозволеното поле. Ова претставува директно и сериозно прекршување на договорот и законот, потврдено по жалби од жителите на селото Пискупштина. Ова е втор случај на еднострано раскинување на концесија за само неколку недели, со што се испраќа јасна порака до сите концесионери. Претходно беше раскината и концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба. За „Лавинчеви“, раскинот е поради долгогодишен прекин на активностите. Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% (односно 25.000 тони годишно) и не исплатила концесиски надоместок во период од три години. Покрај овие два случаја, Владата констатирала и престанок на важењето на уште четири концесии поради истечен рок. „Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, истакна министерката Божиновска.
МВР: Во септември се поднесени кривични пријави за 93 лица за недозволена трговија со дрога
МВР: Во септември се поднесени кривични пријави за 93 лица за недозволена трговија со дрога
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше за засилената активност во борбата против недозволената трговија со дрога во текот на месец септември. Според објавените податоци, во септември се поднесени кривични пријави против вкупно 93 лица за сторени кривични дела поврзани со недозволена трговија со наркотични дроги и психотропни супстанции. Како резултат на преземените мерки и активности, полицијата во текот на минатиот месец запленила значителна количина на наркотици, вклучувајќи над 38 килограми марихуана и други наркотични супстанци. Од МВР истакнуваат дека борбата против криминалот и недозволената трговија со дрога останува врвен приоритет и најавуваат продолжување на засилените контроли и акции низ целата држава.
Македонија добива Национален центар за вештачка интелигенција вреден 6 милиони евра
Македонија добива Национален центар за вештачка интелигенција вреден 6 милиони евра
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ), најавувајќи го како капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Македонија. Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со значајна финансиска поддршка од Европската Унија, конкретно преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC. Тој е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација, а носител на проектот е ФИНКИ. „Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија. Со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски. Центарот ќе функционира како придружна единица на европската ВИ фабрика „Pharos“ со седиште во Грција. Оваа врска ќе им овозможи на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи директен пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори. Проектот „Везилка“ има јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на вештачката интелигенција во пет клучни области: - Јазик и култура: Системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство. - Здравство: Анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги. - Енергетика: Оптимизација на производството и потрошувачката на енергија. - Јавна администрација: Автоматизација на процеси и зголемена транспарентност. - Земјоделие: Примена на паметни технологии за современо и одржливо производство. Покрај истражувачката функција, „Везилка“ ќе биде и центар за обука и развој на човечки капитал преку организирање тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на ВИ.
Српски државјани осудени за криумчарење на 2.300 штеки цигари, добија протерување од земјава во времетраење од пет години
Српски државјани осудени за криумчарење на 2.300 штеки цигари, добија протерување од земјава во времетраење од пет години
Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба со Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) против двајца државјани на Република Србија за кривично дело „Криумчарење“. Како што соопшти Јавното обвинителство, двајцата обвинети на 1 октомври влегле во земјава преку граничниот премин „Блаце“, избегнувајќи ја царинската контрола и пренеле 2.300 штеки (23.000 кутии) цигари со косовски бандероли. Вкупната вредност на непријавената акцизна стока изнесува 3.220.000 денари. Криумчарењето било извршено со товарно возило во сопственост на правно лице од Србија, при што цигарите биле скриени во импровизирани бункери во приколката. Криумчарената стока била откриена од полициски службеници на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, каде што го забележале и контролирале камионот. Во моментот на контролата, во истото возило биле товарани и цигари со македонски бандероли. Согласно постигнатата спогодба, која е потврдена од Судот: - На обвинетите им е изречена парична казна од по 4.000 евра за секој, која треба да ја платат веднаш. - Изречена им е и казна протерување од земјата во времетраење од пет години. - Дополнително, одземени се сите криумчарени цигари, камионот со приколка, 1.300 евра кои биле пронајдени кај нив, како и два мобилни телефони.
Царинската управа спречи криумчарење на 11 златни монети
Царинската управа спречи криумчарење на 11 златни монети
На граничниот премин Богородица е спречено криумчарење на 11 златни монети со вкупна тежина од 71 грам и со вкупна вредност од 567 илјади денари. Од страна на Одделението за истраги, против едно лице до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Криумчарење“, казниво по Кривичниот законик. Осомничената, македонска државјанка, патувала со автобус на релација Истанбул – Тетово. Златните монети ги сокрила во жолта торбичка ставена во својата чанта, со намера да избегне царинска контрола и да избегне плаќање давачки кон државата во износ од 149 илјади денари. Обидот за криумчарење бил навреме откриен и спречен од страрна на царинските службеници, по што случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги. По преземање предистражни дејствија, поднесена е кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
Орце Ѓорѓиевски вети нова поликлиника во општина Кисела Вода
Орце Ѓорѓиевски вети нова поликлиника во општина Кисела Вода
Кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вети дека општина Кисела Вода ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината. Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот. Обезбедена е градежна парцела за изградба на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории. Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје.
Во август се издадени 280 одобренија за градење, над 63% се објекти од високоградба
Во август се издадени 280 одобренија за градење, над 63% се објекти од високоградба
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во август 2025 година се издадени 280 одобренија за градење, што претставува зголемување од 1.8% во споредба со истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.241.279 илјади денари, што е за 8.0% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 179 (63.9%) се наменети за објекти од високоградба, 31 (11.1%) за објекти од нискоградба и 70 (25.0%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 280 објекти, на 166 (59.3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 114 (40.7%) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 646 станови со вкупна корисна површина од 64.251 м2.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk