Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува целосно посветена на стратегијата за изградба на дата центри и дигитализација на земјата. Тој откри дека во моментов се водат преговори со 5 до 6 потенцијални инвеститори, меѓу кои е и голема мултинационална компанија.
Според премиерот, податочните центри и вештачката интелигенција се глобален тренд и ја претставуваат „новата нафта“ во светската економија, а Македонија мора да го препознае тој момент доколку сака да фати чекор со развиените земји.
Мицкоски појасни дека Владата планира да ги создаде потребните инфраструктурни услови за овие инвестиции. Конкретно, стратегијата предвидува изградба на гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија, која потоа ќе се користи директно за напојување на новите дата центри.
Тој ги отфрли критиките за евентуална тајност и нагласи дека секоја странска или стратешка инвестиција ќе се реализира исклучиво јавно и транспарентно пред граѓаните. Во однос на проектот во Пехчево, премиерот прецизираше дека се работи за приватна иницијатива и нацрт-урбанистички план со кој државата нема директна поврзаност.
Премиерот се осврна на коментарите од опозицијата, оценувајќи ги како резултат на тотално непознавање на технологијата и современите економски текови. Тој посочи дека глобалните компании како Nvidia, Amazon, SpaceX и OpenAI тежат трилиони долари токму поради инвестициите во оваа технологија.
Мицкоски заклучи дека ова е патот за економски развој, зголемување на Бруто домашниот производ (БДП) и создавање услови за враќање на младите луѓе во татковината, додавајќи дека процесот е неповратен на глобално ниво. Зајакнување на оперативната соработка, побрза размена на податоци, олеснување на трговијата и унапредување на безбедноста на границата беа во фокусот на билатералната средба помеѓу царинските управи на Македонија и Косово што се одржа во Приштина.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, порача дека границата треба да биде што е можно поедноставна за легалната трговија и патниците, а истовремено да претставува силна и ефикасна бариера против секој вид криминал.
За време на разговорите е посветено внимание на целосното функционирање на концептот One-Stop Shop на граничниот премин Блаце - Хани и Елезит, чија цел е скратување на процедурите и забрзување на протокот на стоки и патници.
Двете страни разговараа за дополнително унапредување на размената на податоци преку системот SEED, усогласување на царинските процедури, како и подобрување на граничната инфраструктура и капацитетите на премините.
Во рамки на состанокот се разменети искуства околу процесите на дигитализација и усогласување со европските царински системи и стандарди. Посебен акцент е ставен врз зајакнувањето на соработката во областа на царинското разузнавање, со цел побрзо откривање и спречување на царински измами, криумчарење и сите форми на прекуграничен криминал. Во текот на месец јули, Македонија оствари висока покриеност на потрошувачката со сопствено производство на електрична енергија. Според податоците што ги објави министерката за енергетика Сања Божиновска, домашното производство достигнала 460,8 гигават-часови, со што се обезбедени дури 94,7 проценти од вкупните потреби за струја во земјава.
Забележителна промена има и во структурата на производствените капацитети, каде што приватните и останатите домашни производители преземаат поголем удел, учествувајќи со 55,3 проценти во јули, додека АД ЕСМ учествува со 44,7 проценти.
Континуираниот раст на инвестициите во фотонапонски централи дополнително ја менува енергетската слика во државата. Новите вложувања во системи за складирање енергија и батерии ќе овозможат уште поефикасно искористување на струјата произведена од сонцето. Со ова, соларната енергија директно придонесува кон зајакнување на енергетската независност и стабилизирање на домашниот енергетски пазар.
Покрај зголеменото производство, регистриран е и значаен напредок во оптимизацијата на мрежата. Загубите на електрична енергија се намалени од 17,7 проценти во јануари, на 9,7 проценти во јули. Вршителот на должност директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, заедно со тимот државни земјоделски инспектори реализираше теренска посета на Струмичкиот регион, каде што официјално е во тек интензивниот откуп на ајварската пиперка од новата реколта.
За време на посетата се обиколени повеќе откупни пунктови со цел да се изврши детален увид во текот на откупот, почитувањето на законските прописи и условите под кои се врши приемот на пиперката од земјоделците.
Според утврдениот договор меѓу откупувачите и производителите, ајварската пиперка оваа сезона се откупува по точно дефинирани цени според класата. За пиперката од прва класа е договорена цена од 40 денари за килограм, додека за прва-втора класа и индустриска класа цената изнесува 30 денари за килограм. Пиперката што е класифицирана во најниската категорија се откупува за 15 денари по килограм.
Најголемиот дел од откупените количини се насочени кон погоните на домашната преработувачка индустрија за производство на традиционален ајвар. Одреден дел од откупената пиперка е наменет за извоз на пазарите во Хрватска, Србија, Бугарија и други европски земји.
Од Државниот инспекторат за земјоделство најавуваат дека нивните екипи и во следниот период ќе останат присутни на терен низ Струмичкиот регион. Контролите на сите откупни пунктови ќе бидат засилени со цел да се обезбеди доследно почитување на законските одредби, целосна транспарентност во мерењето и класификацијата, како и директна заштита на интересите и трудот на земјоделските производители. Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика, во јуни се издадени вкупно 296 одобренија за градење, што претставува зголемување од 39 проценти во споредба со истиот месец од претходната година.
Предвидената вредност на објектите според овие одобренија изнесува над над 103,5 милиони евра, што е за 31 процент повеќе во однос на јуни лани.
Анализирано по намена, од вкупниот број издадени дозволи за градење, дури 200 односно 67,6 проценти се наменети за објекти од високоградба. За објекти од нискоградба се издадени 26 одобренија (8,8 проценти), додека 70 одобренија (23,6 проценти) се за проекти за реконструкција.
Гледано по региони, најголем број од одобренијата за градење во овој месец се издадени во Полошкиот Регион, каде што се евидентирани вкупно 70 дозволи.
Податоците за структурата на инвеститорите покажуваат дека кај 218 објекти или 73,6 проценти како инвеститори се јавуваат физички лица. Деловните субјекти се инвеститори на 78 објекти, односно во 26,4 проценти од случаите.
Во извештајниот период за јуни е предвидена изградба на вкупно 754 станови, кои ќе зафаќаат вкупна корисна површина од 64.266 квадратни метри.