Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Од полноќ нови цени на нафтените деривати во Македонија
Од полноќ нови цени на нафтените деривати во Македонија
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,49% во однос на одлуката од 22.09.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,678% и кај дизелот за 0,070%, додека кај екстра лесното масло има зголемување за 0,278% и кај мазутот зголемувањето е за 1,867%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5170%. Од 30.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС 95 - 75,50 (денари/литар). - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС 98 - 77,50 (денари/литар). - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 69,50 (денари/литар). - Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут М-1 НС - 37,591 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менуваат. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,644 ден/кг и сега ќе изнесува 37,591 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.9.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Bosch планира да укине 13 илјади работни места до 2030 година
Bosch планира да укине 13 илјади работни места до 2030 година
Bosch објави нови намалувања на работните места, како дел од напорите да се затвори големиот финансиски јаз. Одлуката доаѓа во време кога глобалниот автомобилски пазар продолжува да покажува забавен развој, дополнет со одложувања во прифаќањето на нови технологии, како што се електричната мобилност, автоматизираното возење и водородните решенија. Bosch веќе долго време се соочува со глобален финансиски јаз од околу 2,5 милијарди евра на годишно ниво во својот автомобилски сектор, што е резултат на големите ценовни притисоци, конкуренцијата и значителните инвестиции потребни за идни технологии. И покрај овие предизвици, компанијата е посветена на намалување на трошоците низ сите свои операции, со акцент на подобрување на продуктивноста преку користење на вештачка интелигенција, оптимизација на снабдувачките синџири и намалување на материјалните и капиталните трошоци. Меѓутоа, овие напори подразбираат неизбежни структурни и персонални прилагодувања. Bosch потврди дека околу 13.000 работни места ќе бидат укинати глобално, со посебен фокус на локациите во Германија. Локацијата во Фојербах ќе биде најтешко погодена, со предвидени намалувања на работни места од околу 3.500 до 2030 година. Ова вклучува затворање на фабриката за Power Solutions, која се соочува со проблеми поради глобалниот пад на побарувачката за дизел мотори и спорото воведување на водородни технологии. Друга погодена локација се Швибердинген, каде ќе бидат укинати околу 1.750 работни места во различни оддели како што се Power Solutions, Electrified Motion и Mobility Electronics. Дополнително, Bosch планира да го укине производството на технологија за конектори во фабриката во Вајблинген до крајот на 2028 година, што ќе влијае на околу 560 работни места. Во Билх, Bosch очекува да ги намали работните места за околу 1.550 до 2030 година, со што ќе бидат погодени одделите за продажба, набавка, администрација, како и развој и производство на електрични погонски системи. Слично на тоа, локацијата Хомбург ќе има намалување на работните места за околу 1.250 до 2030 година, при што ќе се консолидираат оперативните активности на Power Solutions одделот во источниот дел на фабриката.
Turkish Airlines ќе купи 75 нови авиони од Boeing
Turkish Airlines ќе купи 75 нови авиони од Boeing
Турскиот национален авиопревозник, Turkish Airlines, потпиша договор со Boeing за набавка на вкупно 75 нови авиони од моделите Boeing 787-9 и 787-10, кои ќе бидат доставени помеѓу 2029 и 2034 година. Компанијата продолжува со преговори за набавка на мотори од Rolls-Royce и GE Aerospace, а по успешните преговори со CFM International, се очекува да бидат потпишани и договори за 737-8/10 MAX авионите. Како дел од својата „Vision 2033“, која ја нагласува 100-годишнината на авиокомпанијата, Turkish Airlines има за цел да ја прошири својата флота на над 800 авиони, при што ќе го зголеми уделот на авиони од следната генерација на 90% до 2033 година и на 100% до 2035 година. Ова дополнително ќе ја зајакне оперативната ефикасност, додека ќе се одржи просечен годишен раст од 6%. Новиот договор ќе помогне во понатамошното зајакнување на Истанбул како стратешки хаб за патнички и товарни летови, а истовремено ќе ги прошири можностите на Turkish Airlines за понуда на повеќе дестинации и за привлекување на туристи.
Швајцарската компанија Баумер ги разгледува можностите за нова инвестиција во Македонија
Швајцарската компанија Баумер ги разгледува можностите за нова инвестиција во Македонија
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска оствари работна средба со менаџментот на фабриката Баумер која работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1. На средбата се разговараше за досегашните активности на фабриката, како и плановите за во иднина и потенцијалната нова инвестиција, по што беше реализирана и обиколка низ производствениот погон. Димовски нагласи дека дирекцијата за ТИРЗ ја поддржува секоја нова инвестиција која ќе донесе поголем економски раст за државата и ќе отвори нови работни места. „Како институција активно работиме за уште поголем развој на постоечките компании во рамки на зоните, но и за нови потенцијални инвестиции кои дополнително ќе влијаат позитивно на националната економија. Оваа Влада, уште од самиот почеток како главни цели ги постави економскиот раст, новите инвестиции и новите работни места, а со досегашните резултати по повеќе од една година, верувам дека можеме уште повеќе.“ - изјави Димовски. Директорот на фабриката, Соња Стефановска, посочи дека според резултатите кои се постигнати од страна на компанијата во изминатиот период, постојат можности за потенцијално зголемување на производните капацитети и воведување на нови технологии со што ќе се отворат и нови работни места. Швајцарската компанија Баумер произведува напредна сензорска технологија, енкодери, мерни инструменти од областа на електрониката. Компанијата е присутна со 39 подружници низ 19 земји од светот, а во Македонија е присутна од 2019 година, кога официјално го отвори производствениот капацитет во ТИРЗ Скопје 1, каде се наоѓа и истражувачкиот центар во кој работат инженери од областа на електрониката, информатиката и машинската технологија.
КХВ издаде дозвола на Раде Кончар Трансформатори и Електрични постројки за преземање на Раде Кончар Апаратна Техника
КХВ издаде дозвола на Раде Кончар Трансформатори и Електрични постројки за преземање на Раде Кончар Апаратна Техника
Комисијата за хартии од вредност, на 67-мата седница која се одржа на 25 септември, донесе Решение со кое на Раде Кончар Трансформатори и Електрични постројки ТЕП ДООЕЛ Скопје му се издава дозвола за давање понуда за преземање на Раде Кончар Апаратна Техника АД Скопје. Понудата за преземање се однесува на сите 151.709 обични акции со право на глас издадени од Раде Кончар - Апаратна техника АД Скопје, освен 51.557 обични акции со право на глас кои се во сопственост на преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички со него и 2.964 обични акции на кои им е регистрирано ограничување на правото на глас кои се во сопственост на Друштвото за производство и трговија Раде Кончар - Трансформатори и Електрични постројки - ТЕП ДООЕЛ Скопје. Според податоците наведени во Проспектот Преземачот се обврзува да ги откупи сите 151.709 обични акции со право на глас по цена од 2.435,00 денари по акција. Рокот за прифаќање на понудата започнува од денот на првото објавување на понудата за преземање, a ќе заврши 28 календарски дена по започнувањето на рокот за прифаќање на понудатa за преземање. Согласно Понудата за преземање, преземачот не утврдил најмала количина на обични акции на кои се однесува понудата за преземање која треба да биде прифатена, за понудата за преземање да се смета за успешна.
Продолжува растот на продажбата на хибридни и електрични автомобили во ЕУ
Продолжува растот на продажбата на хибридни и електрични автомобили во ЕУ
Од почетокот на годината до август, новите регистрации на автомобили во Европската Унија бележат минимален пад од 0.1% во споредба со истиот период во 2024 година. Според податоците на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA), уделот на батериски електрични автомобили (BEV) во вкупниот пазар достигна 15.8%, што претставува пораст во однос на 12.6% од минатата година. Сепак, ова сеуште е под темпото што е потребно за успешна транзиција кон електрични возила. Најпопуларна категорија остануваат хибридните електрични автомобили, кои продолжуваат да имаат најголем пазарен удел од 34.7%. Во првите осум месеци од 2025 година, во ЕУ се регистрирани вкупно 1.132.603 нови батериски електрични автомобили и сочинуваат 15.8% од пазарот. Големите пазари како Германија (+39.2%), Белгија (+14.4%) и Холандија (+5.1%) бележат раст во продажбата на електрични автомобили, додека Франција бележи пад од 2%. Регистрациите на хибридни електрични автомобили продолжуваат да растат, со вкупно 2.485.069 единици во првите осум месеци на 2025 година. Голем раст е забележан во Франција (+30.5%), Шпанија (+29.3%), Германија (+10.1%) и Италија (+9.4%). Овие автомобили сочинуваат 34.7% од вкупниот пазар на автомобили во ЕУ. Регистрациите на плуг-ин хибридни електрични автомобили (PHEV) продолжуваат да растат, достигнувајќи 631.783 единици во истиот период. Пазарниот раст е највисок во Шпанија (+99.9%), Германија (+61.2%) и Италија (+62.6%), што доведе до зголемување на уделот на оваа категорија на 8.8%, во споредба со 6.9% во 2024 година. Во исто време, продажбата на бензински и дизел автомобили продолжува да опаѓа. Бензинските автомобили бележат пад од 19.7%, сите големи пазари забележуваат намалување: Франција (-33.5%), Германија (-25.2%), Италија (-17.6%) и Шпанија (-13.1%). Во целокупниот пазар, уделот на бензинските автомобили падна на 28.1% од 34.9% минатата година. Дизел автомобилите имаат удел од 9.4% во 2025 година. Промените на годишно ниво покажуваат пад од 16.3% на бензинските автомобили и 17.5% на дизел автомобилите.
Македонија со повеќе произведена отколку потрошена електрична енергија во јули
Македонија со повеќе произведена отколку потрошена електрична енергија во јули
Државниот завод за статистика објави дека во јули, Македонија забележа значителен пораст во производството на електрична енергија, со вкупно произведени 458.478 MWh, што е за 8.8% повеќе од бруто-домашната потрошувачка. Според податоците, вкупната потрошувачка по видови енергенти во јули 2025 изнесува: - 421.489 MWh електрична енергија. - 25.599 милиони nm3 природен гас. - 357.665 тони јаглен. - 112.946 тони нафтени продукти. Државниот завод за статистика наведува дека бруто-домашното производство на електрична енергија целосно ја покрива бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, односно учествува со 100%. Дополнително, 99.9% од вкупната потрошувачка на јаглен се користи за производство на електрична енергија.
Анализа на АВМУ: Колкави се приходите во телевизиите и радијата?
Анализа на АВМУ: Колкави се приходите во телевизиите и радијата?
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа третиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци. Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на известувањето на радиодифузерите за Локалните избори 2025, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, доделените дозволи за радио емитување, активностите на полето на меѓународната соработка. На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2024 година. Анализата содржи податоци за економското работење на радиодифузерите, односно податоци за вкупните приходи, вкупните трошоци, финансискиот резултат од работењето и просечниот број на вработени. Вкупните приходи во индустријата во 2024 година изнесувале 3.219,21 милиони денари, додека вкупните трошоци 2.994,12 милиони денари. Вкупните приходи на МРТ биле значително повисоки отколку во претходните години и изнесувале 1.365,55 милиони денари, додека вкупните трошоци изнесувале 1.266,52 милиони денари. Јавниот сервис работел со добивка во износ од 87,81 милион денари, што е најдобар финансиски резултат остварен во последните шест години. Приходите што ги оствариле сите комерцијални телевизии заедно изнесувале 1.607,39 милиони денари, додека вкупните трошоци изнесувале 1.503,13 милиони денари. Вкупните приходи на пазарот на радијата изнесувале 246,27 милиони денари, а трошоците на радиостаниците изнесувале 224,47 милиони денари. Просечниот број вработени лица во редовен работен однос во 36-те комерцијални телевизии изнесувал 887 лица, додека кај радиостаниците изнесувал 186 лица.
Средба на Николоски и Казидакис, во фокусот е изградбата на брза пруга на коридорот 10
Средба на Николоски и Казидакис, во фокусот е изградбата на брза пруга на коридорот 10
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Атина оствари работна средба со вицепремиерот на Владата на Грција, Костис Казидакис. Ова е прва средба на двајцата вицепремиери со која се истакна важноста и промоцијата на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти. На средбата беа потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите. Беа презентирани стратешките приоритети на Владата во инфраструктурата и се потенцира важноста од поефикасно регионално поврзување како предуслов за забрзан економски развој на регионот. Се истакна силната одлучност на двете Влади за изградба на брзата пруга на коридорот 10, регионален проект кој ќе овозможи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа. На средбата се презентираа усовите за инвестирање во земјата како и можноста за поголема економска и трговска соработка меѓу бизнис заедницата на двете земји. На средбата заклучија дека соработката и реализацијата на проектите од регионално значење ќе продолжи во следниот период во насока на зголемување на ефикасноста на транспорот и меѓуграничната соработка.
Владата потпиша договор за соработка со Обединетото Кралство за модернизација на железничката инфраструктура
Владата потпиша договор за соработка со Обединетото Кралство за модернизација на железничката инфраструктура
Министерот за транспорт Александар Николоски најави важен чекор напред во развојот на железничката инфраструктура во земјава. На редовна седница на Владата е разгледана и усвоена информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство, Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited - CIL). Овој договор за соработка претставува значаен потег за модернизација на македонската железничка мрежа, со посебен фокус на развојот на брзата железница и товарниот железнички сообраќај. Како дел од договорот, двете страни ќе соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во областите како што се сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, модернизација на депоата и железничкиот возен парк. "Овој договор е продолжување на веќе успешната соработка помеѓу нашата влада и владата на Обединетото Кралство, која започна во контекст на партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти," изјави министерот Николоски. "Со оваа соработка, ќе имаме можност да ја унапредиме нашата железничка инфраструктура и да го зајакнеме транспортниот сектор во Македонија." Договорот е важечки пет години, со можност за продолжување на уште пет години, и ќе има значајно влијание врз развојот на железничката инфраструктура и економскиот раст на земјата.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk