Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет во 2026 година
Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет во 2026 година
Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 20 до 29 април 2026 година во Скопје. Овој значаен меѓународен спортски настан ќе се реализира во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија. Договорот за организација на првенството беше официјално потпишан од страна на министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска и претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ. Министерот Ристовски истакна дека организацијата на ова првенство претставува признание за заложбите спортот да биде во секојдневието на младите преку училишниот систем. - Горд сум што Македонија ќе биде домаќин на еден ваков значаен светски спортски настан. Ова првенство е признание за нашата заложба спортот да биде составен дел од животот на младите. Овој настан е една поширока платформа која ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и интернационалната соработка. Ваквите меѓународни првенства се силен поттик и инспирација за учениците да се вклучат во спортските активности, да се натпреваруваат, да негуваат вистински вредности и да растат како личности. Верувам дека нашите млади ракометари ќе го искористат овој момент како мотивација за уште поголеми спортски успеси – порача Ристовски. Претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ ја истакна важноста на едно вакво големо спортско натпреварување во ракомет како спорт што е особено популарен во балканскиот регион. - Ракометот е најпопуларен спорт во Македонија. Идејата Скопје да биде домаќин на ова престижно првенство се роди за време на Светската гимназијада што се одржа на Златибор. Министерот Борко Ристовски и неговиот тим го посетија настанот и беа импресионирани од високото ниво на организација во училишниот спорт. Убеден сум дека ќе се создаде прекрасен амбиент и ќе се испрати јасна порака дека еден ваков настан гради мост меѓу образованието, спортот и културата – рече Танасковиќ. Посочувајќи го значењето, но и одговорноста да се организира ваков голем настан, претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска истакна дека Светско училишно првенство во ракомет ќе биде вистински спортски празник за градот и за државата. - Организацијата на Светско училишно првенство е огромен настан за нас како Федерација за училишен спорт и упатувам голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за поддршката што ни ја дадоа да го добиеме и да го организираме овој училишен ракометен мундијал. Голема е важноста и одговорноста што ја носи организацијата на вакво натпреварување со толку млади спортисти, млади ракометари и идни ракометни ѕвезди. Верувам дека ова натпреварување ќе биде мотив за натпреварувачите, но воедно, мотив и за сите млади спортисти да продолжат да работат и да напредуваат – рече Мицковска. На првенството се очекува да настапат околу 1000 млади ракометари и ракометарки - средношколци на возраст до 18 години од целиот свет.
Општина Гази Баба ќе постави спомен-плоча во чест на жртвите од поплавите во 2016 година
Општина Гази Баба ќе постави спомен-плоча во чест на жртвите од поплавите во 2016 година
По девет години од катастрофалните поплави, градоначалникот Бобан Стефковски најави иницијатива за поставување спомен-плоча во чест на жртвите. Оваа иницијатива доаѓа во пресрет на десетгодишнината од трагедијата, која ќе се одбележи следната година. Во својата изјава, Стефковски истакна дека 6 август 2016 година е ден што засекогаш го променил животот на жителите од населените места Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто, Брњарци, Црешево и Смилковци. Тој нагласи дека трагедијата, иако донесе болка и загуба, истовремено ја покажала и големината на човечноста и солидарноста на граѓаните. Спомен-плочата ќе биде поставена следната година, 2026, кога општината ќе одбележи и 50 години од своето постоење. Според градоначалникот, оваа плоча ќе биде вечен паметник не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста. Тој ги повика сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива.
Димитриеска-Кочоска: Историски високи приходи во Буџетот за јули
Димитриеска-Кочоска: Историски високи приходи во Буџетот за јули
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денес објави дека Буџетот на Република Македонија постигнал историски високи приходи во месец јули. Според нејзината објава, Царинската управа и Управата за јавни приходи забележале највисока месечна наплата досега. Во јули споредено со истиот месец лани: Приходите од даноци и придонеси бележат раст 7,4%. Приходите од акцизи бележат раст од 5,7%. Приходите од увозни давачки бележат раст од 19,2%. Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека овие резултати се први видливи знаци на фокусот на Владата кон финансиската стабилност и одржливиот економски раст, уште во првата година од нивниот мандат.
Средба на Николоски со шпанскиот амбасадор: Авиолиниите Скопје-Мадрид и Скопје-Барселона се одлична можност за подoбрување на соработката меѓу двете држави
Средба на Николоски со шпанскиот амбасадор: Авиолиниите Скопје-Мадрид и Скопје-Барселона се одлична можност за подoбрување на соработката меѓу двете држави
Билатералните односи меѓу Македонија и Шпанија дополнително ги зајакнуваме преку отворање на авиолинијата Скопје-Мадрид и претходно воспоставената линија Скопје-Барселона, истакнаа на денешната средба вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз. Двете авиолинии, информираше вицепремиерот, се дел од владината програма за развој на ависообраќајот преку кои се отвораат нови перспективи меѓу двете земји и двата народи. На средбата, исто така беа разменети и мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот, притоа вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е влезена во инвестициски циклус во развој на патната и железничка мрежа со посебен акцент на коридорите кои треба да го придвижат регионалниот економски развој. На средбата беа потецнирани и можностите за инвестирање во земјава, преку реализација на инвестиции во сектори од заеднички интерес. На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е на добро ниво и дека истата дополнително може да се зацврстува особено во делот на економијата.
Раст на извозот во првото полугодие од 2025 година
Раст на извозот во првото полугодие од 2025 година
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија. Во периодот јануари – јуни 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, кои учествуваат со 47.3 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.4 % во вкупната размена.
Царинската управа разоткри мрежа на шверц на цигари - против пет сторители поднесена кривична пријава
Царинската управа разоткри мрежа на шверц на цигари - против пет сторители поднесена кривична пријава
Царинска управа преку Секторот за контрола и истраги, откри и спречи криминална шема поврзана со акцизна стока – цигари. Против пет лица, меѓу кои еден возач и еден сопственик на транспортна компанија, до Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела: криумчарење и прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама. Во моментот кога првоосомничениот, возач на транспортна компанија се обидел да направи примопредавање на цигарите во количина од 171 штека за што требало да му бидат исплатени кеш средства од 3.735 евра од нарачател на делото, истите се приведени од мобилен царински тим, а цигарите и девизите се запленети. По преземени предистражни дејствија од Одделението за истраги, при што извршени се и претреси на домовите како и форензичка анализа на мобилните уреди на сторителите, поднесена е кривична пријава до ОЈО. Истрагата покажа дека организираната мрежа на повеќе наврати го повторува делото – штеки цигари се купувани од грчки фри шоп и истите без да се пријават и за нив да се платат давачки, нелегално се внесувале во државата. Делото го вршат преку користење на товарно моторно возило - цистерна натоварена со нафта.
УЈП со значителен раст на приходите во јули
УЈП со значителен раст на приходите во јули
Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година. Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега. По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Владата го зголеми буџетот за наука и обезбеди бесплатен пристап до научни списанија
Владата го зголеми буџетот за наука и обезбеди бесплатен пристап до научни списанија
Буџетот за наука е двојно зголемен во однос на минатата година и сега изнесува околу 650-660 милиони денари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.Тој нагласи дека оваа сума сè уште не е доволна. Како дел од заложбите за стимулирање на науката, Владата преку Министерството за образование и наука, најави дека ќе обезбеди бесплатен пристап на сите млади и искусни научници до две клучни бази на научни списанија. „Ако во минатото пристапот до овие списанија беше скап и тешко достапен, сега државата целосно ќе ги покрие трошоците“, истакна Мицкоски. Со оваа мерка, според премиерот, ќе се поттикнат младите научници да публикуваат свои научни трудови, што пак би придонело за напредок на домашните универзитети на меѓународната Шангајска листа за рангирање на универзитети. Мицкоски изрази очекување дека во текот на овој мандат, македонските универзитети ќе се придвижат кон првите илјада универзитети на Шангајската листа.
Продолжува процесот за набавка на нови хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“
Продолжува процесот за набавка на нови хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска изјави дека набавката на новите хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ е во тек, иако се соочува со бројни правни предизвици. Оваа набавка, која беше потпишана од претходната влада, продолжува со исплата на договорите, при што е веќе уплатена втората рата во вредност од над 70 милиони евра. Министерството за одбрана ангажираше адвокатска компанија која работи на решавање на сите правни проблеми поврзани со договорот. Според министерот, новите хеликоптери ќе бидат опремени со дополнителна опрема што ќе им овозможи да се користат за гаснење на сите видови пожари. Мисајловски најави и скорешна работна посета на Италија, каде што делегацијата од Министерството за одбрана ќе има можност да ја види на лице место состојбата со производството на хеликоптерите.
Започна изградбата на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“
Започна изградбата на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“
Денес беше официјално означен почетокот на изградбата на нова, повеќенаменска спортска сала во касарната „Гоце Делчев“, која ќе биде дел од комплексот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски. Ова е прв објект од ваков тип што се гради на територијата на Академијата по повеќе од 30 години, а неговата цел е да им обезбеди модерен простор за физичка подготовка на питомците и припадниците на Армијата. Салата, исто така, ќе биде достапна и за учениците од општина Аеродром, со што ќе се зајакне соработката меѓу институциите и локалната заедница. Министерството за спорт е инвеститор на проектот, чија вредност изнесува 64.780.000 денари. Оваа инвестиција се очекува значително да ги подобри условите за обука, придонесувајќи за развој на дисциплината, издржливоста и тимската работа, кои се клучни за воената професија.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk