Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Најнови

Поднесени кривични пријави за загрозување на животната средина поради отпадот во Скопје
Поднесени кривични пријави за загрозување на животната средина поради отпадот во Скопје
СВР Скопје денеска (28.10.2025) поднесе кривична пријава против две раководни лица од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради сомненија за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје против С.Р. (38), во својство на в.д. директор, и А.С. (55), како управител за отпад во претпријатието. Тие се сомничат дека го сториле кривичното дело од член 230 став 1 од Кривичниот законик. Според пријавата, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на нивната основна дејност за редовно собирање и транспортирање на отпадот во Скопје. Се сомничат дека со пропуштање на целосниот надзор и со непрописно управување со отпадот, овозможиле во текот на месец октомври да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на контејнерите. Ова, пак, предизвикало значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата, и го довело во опасност животот и здравјето на граѓаните од можна појава на заразни или други болести. Сомненијата се утврдени и констатирани со вонредни инспекциски надзори извршени од овластени локални инспектори за животна средина, кои постапувале по насоки на Јавното обвинителство. Како дополнителен доказ служи и експертско мислење од ЈЗУ Институт за јавно здравје, кое го потврдува влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања.
Турција купува од Велика Британија дваесет „Eurofighter Typhoon“ авиони во вредност од 8 милијарди фунти
Турција купува од Велика Британија дваесет „Eurofighter Typhoon“ авиони во вредност од 8 милијарди фунти
Турција потпишаа договор со Велика Британија вреден 8 милијарди фунти за набавка на 20 борбени авиони „Eurofighter Typhoon“. Овој договор е потпишан во Анкара за време на првата посета на британскиот премиер Кир Стармер на Турција, кадешто се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Оваа зделка ќе поддржи 20.000 работни места низ цела Велика Британија во следните години, а ќе влее милијарди фунти во британската економија и ќе ги одржи производствените линии. Според Стармер, овој значаен договор со Турција е победа за британските работници, победа за британската одбранбена индустрија и победа за безбедноста на НАТО. Производството на секој авион е поделен со партнерите на европскиот конзорциум, при што повеќе од една третина (37%) од секој авион се произведува во Велика Британија.
ДЗС: 65,5% од енергијата е увезена, лигнитот и хидроенергијата со двоцифрен пад во 2024 година
ДЗС: 65,5% од енергијата е увезена, лигнитот и хидроенергијата со двоцифрен пад во 2024 година
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави податоци за енергетскиот биланс во 2024 година, кои укажуваат на висока енергетска зависност од увоз и значителен пад на домашното примарно производство. Според ДЗС, 65,5% од вкупната потребна енергија во Македонија е обезбедена од увоз. Вкупната потребна енергија за 2024 година изнесува 2.541.849 тони нафтени еквиваленти (toe), при што најголемо учество во оваа потрошувачка имаат нафтените продукти со 44,7%, а потоа цврстите горива со 24,9%. Во исто време, бруто-примарното производство има значителен пад од 10,6% во споредба со претходната 2023 година, достигнувајќи 842.142 toe. Најголемо намалување е евидентирано кај клучните енергетски извори – лигнитот со пад од 20,9% и хидроенергијата со намалување од 15,8%. Значителен пораст во овој сегмент е соларната електрична енергија, каде е забележано значајно зголемување од 140%. Кога станува збор за финалната потрошувачка, во 2024 година изнесувала 1.859.697 toe. Во структурата на потрошувачката, сообраќајот доминира со учество од 47,6%, што значи дека речиси половина од целата финална енергија се троши за транспорт. По него следат домаќинствата со 26,1%, индустријата со 16,9% и останатите сектори со 8,4%. Од аспект на обновливите извори, нивното учество во бруто-производството на електрична енергија е 39,4%, додека во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија изнесува 35,4%. Потрошувачката на електрична енергија по глава на жител на годишно ниво во домаќинствата изнесува 1.727 KWh.
Уапсени двајца полициски службеници кои се осомничени за грабеж на златарница во Гостивар
Уапсени двајца полициски службеници кои се осомничени за грабеж на златарница во Гостивар
Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар покренаа истражна постапка против двајца полициски службеници од ОВР Кичево, осомничени за учество во големото разбојништво на златарница во Гостивар, од каде што на 10 октомври беа одземени 18 килограми злато. Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, а Јавното обвинителство до судот поднесе предлог за одредување мерка притвор. Според информациите од МВР и Обвинителството, двајцата полициски службеници се соизвршители во кривичното дело „разбојништво“. Тие, заедно со други засега непознати лица, на 10.10.2025 година влегле во златарницата во Гостивар и со употреба на сила и закана со огнено оружје го извршиле грабежот. Осомничените се договориле и направиле план за грабежот со другите лица за кои интензивно се трага. Учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На денот на разбојништвото, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот. Двете возила што биле искористени за грабежот подоцна биле пронајдени: едното запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, а другото напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар. Обвинителството побара притвор за осомничените поради опасност од бегство, можност за попречување на постапката со прикривање докази и влијание врз сведоците, како и опасност од повторување на делото. МВР во координација со ОЈО Гостивар продолжува со мерки и активности за пронаоѓање и на другите инволвирани лица и целосно расчистување на случајот.
Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје повторно на протест поради неисплатена септемвриска плата
Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје повторно на протест поради неисплатена септемвриска плата
Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, ДООЕЛ „Флораком“ и ДООЕЛ „Луна“ денеска повторно излегоа на протест, изразувајќи незадоволство поради неисплатената плата за месец септември. Тие извршија блокада на две клучни точки во Скопје – раскрсницата пред Зоолошката градина и булеварот „Илинден“ кај Матично. Од синдикатите најавуваат дека доколку платата не биде исплатена во текот на денот, протестите ќе продолжат и во наредните денови со построги мерки. „Доколку од страна на раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, односно директорот, не биде исплатена и денес платата за вработените од овие три фирми, ја известуваме јавноста дека протестите ќе продолжат и наредните денови со блокада на влезовите на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје во периодот од 06:45 до 09:00 часот“, се вели во соопштението. Покрај основната плата за септември, вработените алармираат дека не им се исплатени и регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за заминување во пензија итн. Вработените најавуваат дека ќе ги искористат сите законски права и ќе поднесат и поединечни тужби за да го добијат она што им следува согласно Колективниот договор и Законот.
Премиерот Мицкоски уверува дека нема да има енергетска криза во Македонија
Премиерот Мицкоски уверува дека нема да има енергетска криза во Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека граѓаните не треба да стравуваат од нова енергетска криза со недостиг на гас по последните санкции на САД и ЕУ кон Русија. Како што потенцираше премиерот, Владата е подготвена и навремено ги антиципирала можните проблеми. Одговарајќи на новинарско прашање дали постои опасност од енергетска криза и дали државата има план за справување, Мицкоски беше дециден: „Не, нема да има. Мислам дека сме подготвени и ова одамна го антиципиравме и заедно работиме со дел од портфолијата во рамките на Владата за да тоа не се случи.“ Премиерот исто така, потсети на претходни случувања како пример за справување со предизвиците, нагласувајќи дека и при ремонтните активности на гасоводот, потпишани од претходната Влада, земјата не останала без гас и топланите работеле. „Сите овие работи ги антиципираме, но нормално е дека за работи коишто се тековно работење на Владата, не треба да ја оптеретуваме јавноста со такви ситници.“ - заклучи Мицкоски.
Бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,88% во однос на одлуката од 20.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,990%, кај дизелот за 4,345%, кај екстра лесното масло за 3,773% и кај мазутот зголемувањето е за 0,554%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3996%. Од 28.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,50 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 68,00 (денари/литар). - Масло за горење Екстра лесно 1 - 67,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,057 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,010 ден/кг и сега ќе изнесува 36,057 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Уапсен скопјанец за две разбојништва во филијали за брзи кредити
Уапсен скопјанец за две разбојништва во филијали за брзи кредити
Полициски службеници од СВР Скопје вчера, на 26.10.2025 година, го лишија од слобода Б.А. (25) од Скопје, под сомнение за извршување на две разбојништва во филијали на финансиски друштва (брзи кредити) во градот. МВР соопшти дека 25-годишникот се сомничи дека на 15.08. и 18.08.2025 година, со закана со пиштол, одзел парични средства од две подружници на финансиски друштва, кои се наоѓаат на подрачјата на ЕВР Центар и Бит Пазар. Лицето било задржано во полициска станица, каде во службен разговор ги признало извршените дела. Во координација со Јавен обвинител, против Б.А. е поднесена кривична пријава по итна постапка, а судија на претходна постапка му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Профитот на Porsche се намали од 4 милијарди евра на само 40 милиони евра
Профитот на Porsche се намали од 4 милијарди евра на само 40 милиони евра
Porsche AG објави значителен пад на профитот во првите девет месеци од 2025 година, а како причина е наведено стратешкото преструктуирање и вонредните трошоци. Профитот на компанијата се намали на само 40 милиони евра (споредено со 4 милијарди евра од претходната година), а оперативната маргина на продажба се спушти на 0,2%. Причината за овој пад се вонредните расходи од околу 2,7 милијарди евра за флексибилизација на портфолиото на производи и активностите поврзани со батерии. Porsche планира да воведе нови модели на погон со внатрешно согорување и plug-in хибриди. Како резултат на доцнењето во развојот на електрични автомобили, лансирањето на одредени целосно електрични модели е одложено. Во однос на продажбата, испораките на возила се намалија за 6,0% на 212.059 возила. Сепак, компанијата забележа рекордни испораки во САД. Продажбата на Macan порасна најмногу, за 18%. Електричните возила и plug-in хибридите достигнуваа 35,2% од вкупните глобални испораки, а во Европа тој удел изнесува 56%. До крајот на годината, Porsche очекува вкупни трошоци од околу 3,1 милијарди евра поврзани со стратешкото преструктуирање и американските увозни царини. Прогнозата за приходите останува помеѓу 37 и 38 милијарди евра.
Министерот Љутков најави голем проект за конзервација и ревитализација на Виничко Кале
Министерот Љутков најави голем проект за конзервација и ревитализација на Виничко Кале
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска е во посета на Општина Виница во ќе се започне со конкретни инвестиции и проекти од областа на културата. Со тоа како што рече Љутков покажуваме дека и помалите општини заслужуваат системска поддршка и внимание, особено кога станува збор за заштита и промоција на културното и историското наследство. На археолошкиот локалитет Виничко Кале, каде е откриено едно од најзначајните богатства на македонската археологија со ретка уметничка и духовна вредност, познатите теракотните икони, министерот најави почеток на голем проект за истражување, конзервација и ревитализација на локалитетот. „Во 2026 година Министерството за култура и туризам, преку своите институции: Националниот конзерваторски центар и Археолошки музеј од Скопје заедно со локалниот Музеј „Теракота“ од Виница, ќе започне со реализација сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за јавноста“, рече Љутков. Целта е, како што истакна министерот, Виничко Кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа не значи само зачувување на наследството, туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk