Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Нова потенцијална инвестиција на холандската компанија PWT Group BV во ТИРЗ
Нова потенцијална инвестиција на холандската компанија PWT Group BV во ТИРЗ
Дирекцијата за Технолошки Индустриски Развојни Зони (ТИРЗ) објави дека холандската компанија PWT Group BV, специјализирана за производство на висококвалитетни запчаници и менувачи, покажува интерес за потенцијална инвестиција во Македонија. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес оствари работна средба со високи претставници на холандскиот бизнис сектор: Питер ван дер Легте, извршен потпретседател на ВДЛ Груп, Аврам Стојчевски, генерален директор на ВДЛ Ван Хоол Македонија, и Питер ван дер Веген, генерален менаџер на PWT Group BV. Во фокусот на разговорите е разгледување на моменталната состојба на компаниите и истражување на понатамошните можности за инвестирање и проширување на нивното присуство во рамки на Технолошките Индустриски Развојни Зони. Директорот Димовски ја нагласи важноста на континуираната поддршка за сите компании во ТИРЗ, потенцирајќи ги атрактивните можности и стабилната бизнис клима што ги нуди Македонија. Тој истакна дека Владата и институциите активно работат на подобрување на условите за инвестирање, очекувајќи позитивен ефект врз националната економија. Питер ван дер Веген од PWT Group BV, долгогодишен партнер на ВДЛ групацијата, изјави дека Македонија претставува атрактивна дестинација за инвестирање поради нејзината стабилна бизнис клима. Тој појасни дека производите на PWT Group BV, кои вклучуваат надворешни и внатрешни запчаници, менувачи и пињонски вратила, се користат во најсложените апликации ширум светот, исполнувајќи исклучително високи барања за квалитет. Компанијата PWT Group BV, која користи ултрамодерни машини и најнови CNC техники, е специјализирана за тешки механички процеси. Нивните производи наоѓаат примена во бројни индустрии, вклучувајќи ја рударската, челичната, нафтената и гасната индустрија, како и индустријата за одржлива енергија. Од страна на менаџментот на ВДЛ Ван Хоол беше изразено задоволство од досегашната соработка. Тие ги презентираа своите тековни активности и идните планови, нагласувајќи ги стратешките цели за континуиран раст, унапредување на производствените процеси и креирање на нови работни места.
Македонскиот пазар на струја е стабилен - МЕМО со раст од 40% и подготовки за спојување со Грција
Македонскиот пазар на струја е стабилен - МЕМО со раст од 40% и подготовки за спојување со Грција
Македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен, конкурентен и активно се подготвува за целосна интеграција со европскиот пазар, беше истакнато на панел-сесијата во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD). Управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), Зоран Ѓорѓиевски, пред експертите и колегите од регионот истакна дека пазарот започнат во мај 2023 година, бележи значителен напредок и зголемена ликвидност. Ѓорѓиевски наведе дека бројот на активни учесници во тргувањето достигнал 38, вклучувајќи ги речиси сите домашни производители и снабдувачи, како и повеќето регионални трговци. До септември 2025 година, на пазарот се истргувани околу 1 TWh електрична енергија, што претставува над 21% од националната потрошувачка и импресивен раст од над 40% во однос на 2024 година, што јасно укажува на зголемена ликвидност и доверба. Постигнатите цени, според Ѓорѓиевски, реално ги одразуваат состојбите и овозможуваат Македонија да има своја референтна пазарна цена. Во контекст на европската интеграција, Ѓорѓиевски нагласи дека Македонија е во финална фаза на транспонирање на регулативата од Electricity Integration Package, по што следува сертификација од Секретаријатот на Енергетската заедница. Со новиот Закон за енергетика, МЕМО повторно е назначен како Номиниран оператор на пазарот (NEMO) за следните четири години, обезбедувајќи институционална стабилност. Клучни проекти на МЕМО се активното работење на подготовките за воспоставување Market Coupling (пазарно спојување) со Република Грција, како и финализирање на подготовките за Intraday Market, кој се очекува да биде оперативен до крајот на вториот квартал во 2026 година. Паралелно, МЕМО го развива системот за Гаранции за потекло на електрична енергија, воспоставен во април 2025 година, чија следна цел е целосно членство во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB) во Брисел и поврзување со европскиот хаб. „Регионалната интеграција не е само технички процес, туку прашање на доверба и заедничка визија. МЕМО останува посветен на изградба на модерен, поврзан и конкурентен пазар кој ќе ја зајакне позицијата на Македонија во европската енергетска слика“, заклучи Ѓорѓиевски. На форумот, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и ОН, присуствуваат над 500 учесници од 70 земји.
„Алкалоид“ дел од водечкиот фармацевтски настан CPhI во Франкфурт - планирани се повеќе од 400 средби со деловни партнери
„Алкалоид“ дел од водечкиот фармацевтски настан CPhI во Франкфурт - планирани се повеќе од 400 средби со деловни партнери
Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата, CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients). Настанот годинава се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт и собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи. Тимот на „Алкалоид“ е составен од 35 претставници од различни организациски сектори, кои за време на трите саемски дена планираат повеќе од 400 деловни средби. Агендата вклучува состаноци со постојни партнери, добавувачи и нови потенцијални соработници. Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, истакна дека CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања. „За „Алкалоид“, CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување. CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери.“ изјави Мукаетов. Тој додаде дека „Алкалоид“ уште во раните 2000-ти години ги препознал можностите што ги нуди овој собир за вмрежување, градење партнерства и следење на клучните трансформации во генеричката фармацевтска индустрија. CPhI, во текот на своето три и пол децениско постоење, прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, обединувајќи стотина илјади експерти и компании кои придонесуваат кон напредокот на глобалниот фармацевтски синџир.
Турција купува од Велика Британија дваесет „Eurofighter Typhoon“ авиони во вредност од 8 милијарди фунти
Турција купува од Велика Британија дваесет „Eurofighter Typhoon“ авиони во вредност од 8 милијарди фунти
Турција потпишаа договор со Велика Британија вреден 8 милијарди фунти за набавка на 20 борбени авиони „Eurofighter Typhoon“. Овој договор е потпишан во Анкара за време на првата посета на британскиот премиер Кир Стармер на Турција, кадешто се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Оваа зделка ќе поддржи 20.000 работни места низ цела Велика Британија во следните години, а ќе влее милијарди фунти во британската економија и ќе ги одржи производствените линии. Според Стармер, овој значаен договор со Турција е победа за британските работници, победа за британската одбранбена индустрија и победа за безбедноста на НАТО. Производството на секој авион е поделен со партнерите на европскиот конзорциум, при што повеќе од една третина (37%) од секој авион се произведува во Велика Британија.
ДЗС: 65,5% од енергијата е увезена, лигнитот и хидроенергијата со двоцифрен пад во 2024 година
ДЗС: 65,5% од енергијата е увезена, лигнитот и хидроенергијата со двоцифрен пад во 2024 година
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави податоци за енергетскиот биланс во 2024 година, кои укажуваат на висока енергетска зависност од увоз и значителен пад на домашното примарно производство. Според ДЗС, 65,5% од вкупната потребна енергија во Македонија е обезбедена од увоз. Вкупната потребна енергија за 2024 година изнесува 2.541.849 тони нафтени еквиваленти (toe), при што најголемо учество во оваа потрошувачка имаат нафтените продукти со 44,7%, а потоа цврстите горива со 24,9%. Во исто време, бруто-примарното производство има значителен пад од 10,6% во споредба со претходната 2023 година, достигнувајќи 842.142 toe. Најголемо намалување е евидентирано кај клучните енергетски извори – лигнитот со пад од 20,9% и хидроенергијата со намалување од 15,8%. Значителен пораст во овој сегмент е соларната електрична енергија, каде е забележано значајно зголемување од 140%. Кога станува збор за финалната потрошувачка, во 2024 година изнесувала 1.859.697 toe. Во структурата на потрошувачката, сообраќајот доминира со учество од 47,6%, што значи дека речиси половина од целата финална енергија се троши за транспорт. По него следат домаќинствата со 26,1%, индустријата со 16,9% и останатите сектори со 8,4%. Од аспект на обновливите извори, нивното учество во бруто-производството на електрична енергија е 39,4%, додека во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија изнесува 35,4%. Потрошувачката на електрична енергија по глава на жител на годишно ниво во домаќинствата изнесува 1.727 KWh.
Премиерот Мицкоски уверува дека нема да има енергетска криза во Македонија
Премиерот Мицкоски уверува дека нема да има енергетска криза во Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека граѓаните не треба да стравуваат од нова енергетска криза со недостиг на гас по последните санкции на САД и ЕУ кон Русија. Како што потенцираше премиерот, Владата е подготвена и навремено ги антиципирала можните проблеми. Одговарајќи на новинарско прашање дали постои опасност од енергетска криза и дали државата има план за справување, Мицкоски беше дециден: „Не, нема да има. Мислам дека сме подготвени и ова одамна го антиципиравме и заедно работиме со дел од портфолијата во рамките на Владата за да тоа не се случи.“ Премиерот исто така, потсети на претходни случувања како пример за справување со предизвиците, нагласувајќи дека и при ремонтните активности на гасоводот, потпишани од претходната Влада, земјата не останала без гас и топланите работеле. „Сите овие работи ги антиципираме, но нормално е дека за работи коишто се тековно работење на Владата, не треба да ја оптеретуваме јавноста со такви ситници.“ - заклучи Мицкоски.
Бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,88% во однос на одлуката од 20.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,990%, кај дизелот за 4,345%, кај екстра лесното масло за 3,773% и кај мазутот зголемувањето е за 0,554%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3996%. Од 28.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,50 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 68,00 (денари/литар). - Масло за горење Екстра лесно 1 - 67,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,057 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,010 ден/кг и сега ќе изнесува 36,057 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Профитот на Porsche се намали од 4 милијарди евра на само 40 милиони евра
Профитот на Porsche се намали од 4 милијарди евра на само 40 милиони евра
Porsche AG објави значителен пад на профитот во првите девет месеци од 2025 година, а како причина е наведено стратешкото преструктуирање и вонредните трошоци. Профитот на компанијата се намали на само 40 милиони евра (споредено со 4 милијарди евра од претходната година), а оперативната маргина на продажба се спушти на 0,2%. Причината за овој пад се вонредните расходи од околу 2,7 милијарди евра за флексибилизација на портфолиото на производи и активностите поврзани со батерии. Porsche планира да воведе нови модели на погон со внатрешно согорување и plug-in хибриди. Како резултат на доцнењето во развојот на електрични автомобили, лансирањето на одредени целосно електрични модели е одложено. Во однос на продажбата, испораките на возила се намалија за 6,0% на 212.059 возила. Сепак, компанијата забележа рекордни испораки во САД. Продажбата на Macan порасна најмногу, за 18%. Електричните возила и plug-in хибридите достигнуваа 35,2% од вкупните глобални испораки, а во Европа тој удел изнесува 56%. До крајот на годината, Porsche очекува вкупни трошоци од околу 3,1 милијарди евра поврзани со стратешкото преструктуирање и американските увозни царини. Прогнозата за приходите останува помеѓу 37 и 38 милијарди евра.
Бруто-домашното производство на електрична енергија во вкупната потрошувачка на електрична енергија учествува со 93.2% во август
Бруто-домашното производство на електрична енергија во вкупната потрошувачка на електрична енергија учествува со 93.2% во август
Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави податоците за енергетскиот биланс во август, кои покажуваат дека домашното производство на електрична енергија покрива висок процент од бруто-домашната потрошувачка, додека е забележано значително намалување на потрошувачката на природен гас и нафтени продукти. Вкупната бруто-произведена електрична енергија во август 2025 година изнесува 381.301 МWh. Домашното производство учествува со 93,2% во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија. Вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува 409 092МWh електрична енергија, 20.185 мил. нм3 природен гас, 267 987 тони јаглен и 110 475 тони нафтени продукти. Потрошувачката на природен гас е намалена за 40,1%. Ова намалување директно се поврзува со намалената активност на когенеративните постројки. Потрошувачката на нафтени продукти исто така бележи пад од 7,5%.
САД воведе санкции за руските нафтени компании „Росфнет“ и „Лукоил“
САД воведе санкции за руските нафтени компании „Росфнет“ и „Лукоил“
САД воведе дополнителни санкции против Русија поради, како што се наведува, несериозниот пристап на Москва кон мировниот процес за завршување на војната во Украина. Овие најнови мерки имаат за цел да го зголемат притисокот врз рускиот енергетски сектор и да ја намалат способноста на Русија да обезбеди приходи за воената индустрија и економијата. „Сега е време да се запре убивањето и за итно примирје“, изјави министерот за финансии, Скот Бесент. „Со оглед на одбивањето на претседателот Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, Министерството за финансии ги санкционира двете најголеми руски нафтени компании што ја финансираат воената машина на Кремљ.“ Бесент додаде дека Министерството е подготвено да преземе дополнителни мерки доколку е потребно за поддршка на напорите на претседателот Трамп за ставање крај на уште една војна, и ги охрабри сојузниците да се приклучат и да ги почитуваат овие санкции. Оваа одлука директно ги таргетира двете најголеми руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, како и голем број на нивни подружници во Русија.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk