Компанијата Тесла (Tesla) го заврши третиот квартал од 2025 година со рекордни испораки на возила и историско високо ниво во секторот за складирање енергија, иако финансискиот извештај, покажа остар пад на профитот наспроти очекувањата на Волстрит. Тесла успеа да ги надмине своите претходни достигнувања во однос на производството и испораката: - Произведени се вкупно над 447.000 возила (447.450). - Испорачани се рекордни 497.099 возила, што претставува највисока квартална бројка досега. Најголем дел од испораките (481.166) отпаѓаат на моделите Model 3/Y. - Компанијата исто така постави нов рекорд во делот за складирање енергија, со 12.5 GWh инсталирани производи. И покрај растот на производството и испораката, се појавија предизвици во однос на профитабилноста. Нето профитот на Тесла забележа остар пад од околу 37% на годишно ниво. Приходите на компанијата достигнаа околу 28,1 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, делумно благодарение на напливот на продажби во САД. Оперативната маржа исто така се намали, што се припишува на пониските просечни продажни цени поради намалувањето на цените на возилата, како и зголемените трошоци. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, потпиша меѓудржавен Договор за авиосообраќај со министерот за воздухопловство на Велика Британија, Keir Mather. Според објавата на министерот Николоски, овој договор претставува значаен чекор во развојот на македонскиот авиосообраќај, отворајќи нови можности за економски развој и туризам. „Со Keir Mather, министерот за воздухопловство на Велика Британија, потпишавме меѓудржавен Договор за авиосообраќајот. Со овој договор создаваме услови за привлекување на бројни туристи од Велика Британија“, истакна Николоски. Како што посочи министерот, клучните придобивки од потпишувањето на Договорот се: - Отворање можност за воведување на нови директни авиолинии помеѓу двете земји. > Подобри конекции, нови дестинации и конкуретни цени за патниците. - Обезбедување голема безбедност и сигурност во авиосообраќајот. Потпишувањето на овој договор се очекува да го зголеми воздушниот сообраќај и да ги зајакне економските врски меѓу Македонија и Велика Британија. Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека е потпишан Меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток“, со кој се најавува голема инвестиција во наменската воена индустрија во Македонија. Според објавата на премиерот, почетната инвестиција од страна на „Бурсток“ ќе достигне до 150 милиони долари и ќе овозможи отворање на 1.000 нови, високоплатени работни места. „Денеска потпишавме меморандум за разбирање со Американско-британската компанија Бурсток којашто ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток,“ истакна Мицкоски. Премиерот, исто така, најави дека ова е само почеток на соработката, со очекувања инвестициите во воената наменска индустрија да достигнат повеќе од една милијарда долари. Компанијата „Бурсток“ има долгогодишно искуство во областите на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето, како и во обуката, консултантски услуги и управување со проекти. Како што информираше Мицкоски, таа е специјализирана и во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор. Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Македонија преку Mинистерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“. Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство. Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија. Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година. Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите. Овие постигнувања е резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење. Европската комисија во својата оценка нагласува дека Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди. Според податоците за енергетските биланси за 2023 година објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), Македонија останува високо зависна од увозот на енергија, додека бруто-примарното производство бележи значителен пад. Во 2023 година, вкупната потребна енергија изнесувала 2.707.695 тони нафтени еквиваленти (тое). Од оваа количина, дури 63.2% е обезбедена од увоз, што ја потврдува високата увозна зависност на земјата. Во структурата на вкупната потрошувачка, најмногу се застапени нафтените продукти со учество од 43.3% и цврстите горива со учество од 30.0%. Бруто-примарното производство во 2023 година изнесувало 942.472 тое, што претставува намалување од 9.3% во споредба со претходната 2022 година. Најголем негативен придонес кон овој пад има производството на лигнит (јаглен), каде е забележан пад од 19.3%. Сепак, кај обновливите извори на енергија има голем раст: Соларната електрична енергија со раст од 369.6% и хидроенергијата со раст од 20.6%. Финалната енергетска потрошувачка во 2023 година достигнала 1.793.862 тое, а најголем потрошувач останува секторот Сообраќај. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 13.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,270%, кај дизелот за 3,247%, кај екстра лесното масло за 3,963% и кај мазутот намалувањето е за 3,144%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5468%. Од 21.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,00 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 67,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 36,047 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,047 (денари/килограм). Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,614 ден/кг и сега ќе изнесува 36,047 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва. Мукаетов изјави дека Алкалоид е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите. „Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење.“ - истакна Мукаетов. Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи: „Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“ Трговскиот суфицит на еврозоната со остатокот од светот доживеа значителен пад во август 2025 година, достигнувајќи само 1 милијарда евра, што е пад од 2 милијарди евра во споредба со суфицитот од 3 милијарди евра регистриран во истиот месец минатата година (август 2024), објави Евростат. Според првичните проценки, падот е уште подраматичен во однос на претходниот месец (јули 2025), кога суфицитот изнесуваше 12,7 милијарди евра. Во август 2025 година, извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот изнесуваше 205,9 милијарди евра, што претставува намалување од 4,7% во споредба со август 2024 година. Истовремено, увозот од остатокот од светот исто така е намален, достигнувајќи 204,9 милијарди евра, што е пад од 3,8% во однос на истиот месец лани. Главната причина за намалувањето на трговскиот суфицит е влошувањето во клучни сектори: - Хемикалии: Суфицитот во овој сектор падна од 22,9 милијарди евра во август 2024 година на 18,0 милијарди евра во август 2025 година. - Машини и возила: Суфицитот во овој сектор падна од 9,0 милијарди евра во август 2024 година на 7,8 милијарди евра во август 2025 година. Во споредба со јули 2025 година, падот во овој сектор е особено остар, од 18,0 милијарди евра на 7,8 милијарди евра. Швајцарската прехранбена компанија Nestle објави план за забрзување на растот, кој вклучува намалување на работната сила за околу 16.000 вработени на глобално ниво во следните две години и значително зголемување на заштедите. Околу 12.000 вработени ќе бидат отпуштени од административниот сектор, со што се очекуваат годишни заштеди од 1,0 милијарди швајцарски франци до крајот на 2027 година, што е двојно повеќе од првичната цел. Дополнителни 4.000 отпуштања како дел од тековните иницијативи за зголемена продуктивност во производството и синџирот на снабдување. Во извештајот за продажбата во првите девет месеци од 2025 година, компанијата покажа позитивни трендови, со органски раст на продажбата од 3,3%. Сепак, извршниот директор на Нестле, Филип Навратил, нагласи дека се потребни побрзи и похрабри активности.