Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Индустрискиот промет се намалил за 20.9% во август во споредба со јули
Индустрискиот промет се намалил за 20.9% во август во споредба со јули
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека прометот во индустријата, во август 2025 година бележи намалување од 3.9% во споредба со истиот месец минатата година (август 2024). Според податоците, најголем пад е забележан во сегментите на Трајни производи за широка потрошувачка со намалување од 14.6%, по што следат Капитални производи со пад од 5.6% и Интермедијарни производи, освен енергија со намалување од 5.5%. Единствен сегмент кој бележи пораст се Нетрајните производи за широка потрошувачка со минимално зголемување од 0.8%. Во однос на претходниот месец, прометот во индустријата е значително намален – за 20.9% во споредба со јули 2025 година. Прометот на домашниот пазар во август 2025 година бележи пораст од 3.4% во однос на август 2024 година, додека на странските пазари прометот е намален за 5.8% на годишно ниво. И покрај падот во август, кумулативните податоци за првите осум месеци од годината се позитивни – вкупниот промет во индустријата во периодот јануари – август 2025 година бележи пораст од 6.7% во однос на истиот период лани. ДЗС посочува дека најголемо влијание врз вкупното опаѓање на прометот во индустријата во август 2025 година, во однос на истиот месец лани, имаат одделите за Производство на електрична опрема со пад од 13.8%, потоа Производство на метали со намалување од 13.4%, како и Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место со пад од 13.3%.
Stellantis ќе инвестира 13 милијарди долари во САД, планирани се над 5.000 нови работни места
Stellantis ќе инвестира 13 милијарди долари во САД, планирани се над 5.000 нови работни места
Автомобилскиот гигант Stellantis објави план за инвестирање на 13 милијарди долари во Соединетите Американски Држави во текот на следните четири години. Оваа инвестиција, која е најголема во 100-годишната историја на компанијата во САД, има за цел да го зголеми американското производство за 50% и да отвори повеќе од 5.000 нови работни места. Инвестицијата ќе поддржи лансирање на пет нови возила, а ќе се реализира во фабрики низ Илиноис, Охајо, Мичиген и Индијана. „Оваа инвестиција во САД – најголема во историјата на компанијата – ќе го поттикне нашиот раст, ќе ја зајакне нашата производствена база и ќе донесе повеќе американски работни места во државите што ги нарекуваме дом“, изјави Антонио Филоса, извршен директор на Stellantis и главен оперативен директор за Северна Америка. Само во Илиноис, Stellantis планира да реинвестира над 600 милиони долари, кадешто ќе започне производство на два нови модели на Jeep – Cherokee и Compass. Се очекува да се отворат околу 3.300 нови работни места до 2027 година.
МЕПСО доби грант од 600.000 евра за дигитализација на електропреносната мрежа
МЕПСО доби грант од 600.000 евра за дигитализација на електропреносната мрежа
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска беше потпишан грант-договор во вредност од 600.000 евра меѓу АД МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD). Со овој договор започнува значаен проект за модернизација и дигитализација на електроенергетската преносна мрежа во земјата. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека овој чекор ја приближува земјата до сигурна и отпорна енергетска иднина. „Овој проект значи понапредна, поефикасна и попаметна мрежа – стабилно снабдување со електрична енергија, помали загуби, подобра интеграција на обновливите извори и посилна отпорност на целиот систем“, изјави министерката Божиновска. Според Министерството, партнерството со AFD и RTE International докажува дека земјата се движи кон примена на иновации, одржливост и европски стандарди во енергетиката. Проектот за дигитализација ќе се фокусира на дигитализација на трафостаниците, користење на напредни симулатори и вештачка интелигенција и јакнење на техничките капацитети на МЕПСО.
Николоски: Од Гостивар до Скопје ќе се патува за 40 минути со воз во 2029 година
Николоски: Од Гостивар до Скопје ќе се патува за 40 минути со воз во 2029 година
Министерот за транспорт, Александар Николоски, при неговата посета на Општина Гостивар најави дека Владата усвои грант од Европската Унија наменет за целосна рехабилитација, сигнализација и електрификација на железничката пруга која се протега од Скопје, преку Јегуновце, Тетово, Гостивар, до Кичево. Министерот посочи дека грантот ќе биде искористен за изработка на целокупната потребна документација, вклучувајќи префизибилити студија, физибилити студија, еколошка студија и проектна документација. „Според барањата на ЕУ, целокупната документација треба да се заврши за околу 18 месеци. Се надевам дека во 2027 година ќе имаме избран изведувач којшто би работел на проектот“, изјави Николоски. Според плановите, проектот за рехабилитација на пругата треба да заврши до 2029 година. По неговото завршување, возовите би требало да сообраќаат со брзина од 120 километри на час, што значи значително скратување на времето за патување. „Очекуваме дека од центарот на Гостивар до центарот на Скопје ќе се патува за околу 40 минути, а од Тетово до Скопје за некаде околу 20 минути“, нагласи министерот.
Ќе се реконструира железничката станица во Скопје - со зачувување на основниот изглед на објектот
Ќе се реконструира железничката станица во Скопје - со зачувување на основниот изглед на објектот
Меѓународната железничка станица во Скопје ќе добие целосна реконструкција и нов модерен лик. Проектот за проектирање на обновата денеска беше официјално најавен како заедничка соработка меѓу ЈП Македонски железници Инфраструктура, Архитектонскиот факултет и Градежниот факултет. Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека реконструкцијата ќе се реализира со посебен акцент на зачувување на основниот изглед на објектот, кој е направен според проектот на прочуениот архитект Кензо Танге, но ќе бидат додадени нови современи и модерни архитектонски елементи. „Заедно со Архитектонскиот и Градежниот факултет ќе се направи Основен проект за целосна реконструкција со посебен акцент на зачувување на основиот изглед направена по проектот на Кензо Танге, но притоа со нови современи и модерни елементи во архитектурата,“ изјави директорот Ивановски. Ивановски потенцираше дека новата железничка станица треба да биде пуштена во употреба истовремено со брзата пруга на Коридор 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје. Тој најави дека проектирањето нема да биде избрзано и ќе трае најмалку една година, со цел да се добие проект со фази кој треба да трае во следните 50 до 100 години. Финансирањето ќе се бара од државниот буџет, заеми од ЕБРД или ЕИБ, при што не се исклучува можноста станицата да влезе во рамките на стратешко партнерство со Велика Британија. Деканите на факултетите ја поздравија соработката, нагласувајќи го значењето на проектот. Деканот на Архитектонски факултет, проф. д-р Анета Христова Поповска, посочи дека целта е Транспортниот центар да се претвори во „социјален хаб“ кој ќе претставува додадена вредност за градот. Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, истакна дека нивното учество е гарант за квалитетот на работите и обезбедување на сите европски стандарди.
Инфлацијата во Германија достигна 2,4% во септември - највисоко ниво за 2025 година
Инфлацијата во Германија достигна 2,4% во септември - највисоко ниво за 2025 година
Инфлацијата во Германија забележа раст втор месец по ред, достигнувајќи 2,4% во септември, што е највисоко ниво од почетокот на годината, објави денеска Државниот завод за статистика на Германија. Според конечните податоци, годишната стапка на инфлација се зголемила на 2,4% во септември, во однос на 2,2% во август. На месечно ниво, потрошувачките цени се зголемени за 0,2%. Претседателката на Destatis, Рут Бранд, истакна дека по периодот на намалување на инфлацијата од почетокот на годината, сега е регистрирано зголемување втор месец по ред. Клучни фактори за растот: - Повисоки цени на услугите: Цените на услугите продолжија да растат со натпросечно темпо, достигнувајќи 3,4% во септември (наспроти 3,1% во претходниот месец). Ова се должи на повисоките реални плати кои вршат притисок врз трошоците за услуги. - Забавено опаѓање на цените на енергијата: Енергетските цени паднаа за само 0,7% на годишно ниво, што е значително помало намалување во споредба со претходните месеци (2,4% во август). Ова покажува дека намалувањето на цените на енергијата има сѐ помал ефект врз ублажувањето на инфлацијата. - Зголемување на цените на горивата: За прв пат од мај 2024 година, цените на горивата се зголемени за 1,1% на годишно ниво. - Храна: Цените на храната се зголемени за 2,1% на годишно ниво, што е забавување во однос на август (2,5%). Основната инфлација (која ги исклучува цените на енергијата и храната) исто така се забрзала на 2,8% во септември, во однос на 2,7% во август.
Кина одлучи да воведе пристанишни такси за американските бродови
Кина одлучи да воведе пристанишни такси за американските бродови
Кина одлучи да воведе специјални пристанишни такси за бродовите поврзани со Соединетите Американски Држави, како директна контрамерка на одлуката на Вашингтон да наметне такви давачки за кинеските пловила од 14 октомври. Министерството за трговија на Кина денеска соопшти дека овој потег е неопходен чин со цел да се заштитат легитимните права и интереси на кинеските претпријатија и да се одржи рамноправна конкуренција на меѓународниот пазар за бродоградба и транспорт. Кинеското министерство нагласи дека американската одлука, која произлегува од истрагата „Section 301“ насочена кон кинескиот поморски, логистички и бродоградежен сектор, сериозно ги прекршува правилата на Светската трговска организација (СТО) и го нарушува принципот на еднаквост и взаемна корист од Кинеско-американскиот договор за поморски транспорт. „Практиката на САД е типичен чин на унилатерализам“, се вели во соопштението.
Расте македонската економија - БДП во 2024 година со реален раст од 3.0%
Расте македонската економија - БДП во 2024 година со реален раст од 3.0%
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија во 2024 година забележал реален раст од 3.0% во однос на претходната 2023 година. Номиналната вредност на БДП за 2024 година изнесува 964.087 милиони денари, што претставува номинално зголемување од 6.8% во однос на 2023 година. Најголемо учество во додадената вредност со 17.9% во структурата на БДП во 2024 година имаат секторите: Трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и Сервисни дејности со храна. Финалната потрошувачка во 2024 година во структурата на БДП учествува со 82.4%. Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2024 година e 61.7%. Вредноста на инвестициите во основни средства во 2024 година изнесува 226.482 милиони денари. Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 53.6%, машините и опремата со 35.7%, а останатите инвестиции со 10.7%.
Бројот на странски туристи во Македонија се зголемил за 11,6% во август
Бројот на странски туристи во Македонија се зголемил за 11,6% во август
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави зголемување на бројот на туристи во Македонија. Во август, бројот на туристите достигнал 226.179, кои оствариле вкупно 846.221 ноќевање. Според анализата на ДЗС, во август, 52% од вкупниот број туристи биле странски посетители, додека домашните туристи учествувале со 48%. Сепак, домашните туристи се задржуваат подолго – тие оствариле дури 73.4% од вкупниот број ноќевања, наспроти 26.6% од странските туристи. Податоците за периодот јануари – август 2025 година покажуваат дека вкупниот број на туристи е зголемен за 6.8% во однос на истиот период лани. Клучна улога во овој раст имаат странските туристи, чиј број се зголемил за 11.6%. Истовремено, кај домашните туристи е забележано мало намалување од 1.4%. Слична е состојбата и со ноќевањата во првите осум месеци од годината. Вкупниот број ноќевања бележи раст од 1.0%, при што ноќевањата на странските туристи пораснале за 8.1%, додека кај домашните има намалување од 4.0%. Во однос на земјите од каде што дошле најмногу странски туристи во август, листата е предводена од Турција со 49.093 посетители, Србија со 10.309 туристи, Романија со 5.202 туристи и Холандија со 5.075 туристи.
Нови цени на нафтените деривати - бензините поевтинуваат за 1 денар, дизелот за 0,5 денари
Нови цени на нафтените деривати - бензините поевтинуваат за 1 денар, дизелот за 0,5 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%. Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,00 (денари/литар). - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 68,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 67,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,661 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 14.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk