Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Трамп најави 100% царина за Кина како одговор на кинеските извозни контроли
Трамп најави 100% царина за Кина како одговор на кинеските извозни контроли
Американскиот претседател Доналд Трамп објави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека Соединетите Американски Држави ќе воведат 100% царина за Кина, како одговор на Пекинг за најавата на извозни контроли врз речиси сите производи. Според Трамп, Кина испратила писмо до државите во кое најавува воведување на големи извозни контроли, почнувајќи од 1 ноември 2025 година, за секој производ што го произведува, како и за некои производи што не се произведени од нив. Трамп го опиша потегот на Кина како агресивна позиција и нешто непознато во меѓународната трговија. Тој смета дека ова е план разработен од Кина пред неколку години и дека ги погодува сите земји, без исклучок. Како одговор на ова, Трамп најави: - Почнувајќи од 1 ноември 2025 година (или порано, во зависност од понатамошните дејствија на Кина), САД ќе воведат царина од 100% на Кина, која ќе биде дополнителна на сите веќе постоечки царини. - На истиот датум, САД ќе воведат контрола на извозот на секаков критичен софтвер.
Министерот Николоски најави изградба на експресен пат од Смоквица до Ново Село за поврзување на Коридорите 10 и 11
Министерот Николоски најави изградба на експресен пат од Смоквица до Ново Село за поврзување на Коридорите 10 и 11
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на митингот за локалните избори што се одржа во Валандово, го претстави планот за изградба на експресен пат кој стратешки ќе ги поврзе паневропските Коридори 10 и 11. „Еден проект којшто е визија, којшто лично премиерот го води, тоа е поврзување на Македонија со остатокот од светот преку паневропските коридори, коишто поминуваат низ Македонија,“ рече Николоски. Тој посочи на стратешката позиција на земјата, каде се сечат Коридорите 8 и 10 источно од Скопје, како и близината на Коридорот 11 (по реката Струма во Бугарија). „Планот е поврзување на коридорот 10 и коридорот 11. Тоа поврзување треба да се случи токму овде во Валандово, односно нашиот план е да се изгради експресен пат којшто ќе оди од Смоквица, преку Валандово, под Валандовско Брдо, ќе излегува на другата страна кај Куклиш, обиколница на Струмица, до Ново Село и на тој начин да се поврземе со Петрич и со другиот автопат којшто оди по реката Струма,“ објасни министерот Николоски.
РКЕ ја издаде првата лиценца за батериски системи, компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ ќе складира електрична енергија од обновливи извори
РКЕ ја издаде првата лиценца за батериски системи, компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ ќе складира електрична енергија од обновливи извори
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го означи почетокот на нов инвестициски циклус во енергетиката, издавајќи ги првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори. Лиценците се издадени на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2.600 kW. Овие системи се инсталирани во склоп на две веќе изградени и функционални фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ). Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција кон создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. „Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар,“ посочи Бислимоски. Од РКЕ очекуваат голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на вакви системи за складирање, познати како „сториџи“. Дополнително, се очекува и интерес од компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Бислимоски нагласи дека складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите се зголемуваат, се очекува да влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот. Батериските системи, исто така, ќе можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на мрежата и одржување на параметрите во пропишани граници. Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредени во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци.
Во август се издадени 280 одобренија за градење, над 63% се објекти од високоградба
Во август се издадени 280 одобренија за градење, над 63% се објекти од високоградба
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во август 2025 година се издадени 280 одобренија за градење, што претставува зголемување од 1.8% во споредба со истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.241.279 илјади денари, што е за 8.0% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 179 (63.9%) се наменети за објекти од високоградба, 31 (11.1%) за објекти од нискоградба и 70 (25.0%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 280 објекти, на 166 (59.3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 114 (40.7%) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 646 станови со вкупна корисна површина од 64.251 м2.
Започна примената на американските санкции врз српската нафтена компанија „НИС“
Започна примената на американските санкции врз српската нафтена компанија „НИС“
Компанијата НИС (Нафтена Индустрија Србија) денеска ја извести јавноста дека Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) не ѝ ја продолжило специјалната лиценца која овозможуваше непречено оперативно работење. Од НИС истакнуваат дека приоритетите се редовно снабдување на домашниот пазар со нафтени деривати и зачувување на социјалната стабилност на вработените. Компанијата соопшти дека се обезбедени се доволни залихи на нафта за преработка во моментов и бензинските станици се уредно снабдени со сите видови нафтени деривати. Во случај на престанок на функцијата на странските платежни картички (Mastercard, Visa), плаќањето ќе биде можно со домашната картичка „Дина“, готовина или со методот „ИПС покажи“. Како директна последица на оваа одлука, хрватската компанија ЈАНАФ (Јадрански нафтовод) објави дека престанува можноста за натамошна реализација на Договорот за транспорт на сурова нафта, почнувајќи од 8 октомври 2025 година. САД воведе санкции против српската компанија НИС поради тоа што рускиот нафтен гигант Гаспром Нефт е мнозински сопственик со околу 56 проценти од акциите, додека државата Србија има удел од околу 30 проценти. Ова се дел од западните санкции насочени кон Русија поради војната во Украина.
Реплек пушти во употреба нова вертикална картонета за двојно зголемување на капацитетот
Реплек пушти во употреба нова вертикална картонета за двојно зголемување на капацитетот
Фармацевтската компанија Реплек го означи пуштањето во употреба на нова вертикална картонета од реномираниот италијански производител САМ (GB Group). Оваа значајна инвестиција претставува дел од стратегијата за модернизација на производствените процеси и се случува токму во годината кога компанијата го прославува својот 80-годишен јубилеј. Новата технологија овозможува двојно зголемен капацитет за вертикално картонирање на производите, што директно ќе придонесе за поголема ефикасност и оптимизација на производствената линија. Како што информираат од Реплек, инвестицијата ќе овозможи и целосна контрола на квалитетот во реално време. „Оваа инвестиција е дел од стратешката програма за модернизација на производствените процеси и овозможува двојно зголемен капацитет за вертикално картонирање, поголема ефикасност и целосна контрола на квалитетот во реално време“, стои во објавата на компанијата. Особено значајно за овој проект е фактот што иницијативата потекнала од тимот – вработените кои секојдневно работат со технологијата и процесите.
Германското индустриско производство опадна за 4,3% во август
Германското индустриско производство опадна за 4,3% во август
Индустриското производство во Германија забележа остар пад во август, според прелиминарните податоци објавени од германскиот Завод за статистика (Destatis). Производството е намалено за 4,3% на месечно ниво. Овој значителен пад доаѓа по ревидираното зголемување од 1,3% во јули 2025 година. Во споредба со август 2024 година, производството е пониско за 3,9%. Најголемо намалување има кај автомобилската индустрија, најголемата индустриска гранка во Германија, каде производството опадна за 18,5% во однос на претходниот месец. Destatis делумно го објаснува ова нагло намалување во комбинација на годишни фабрички затворања поради одмори и промени во производството. Исто така, значителено намалување има во следниве сектори: - Производството на машини и опрема, каде има пад од 6,2% по силниот раст во јули. - Фармацевтската индустрија има намалување од 10,3%. - Производството на компјутерски, електронски и оптички производи има пад од 6,1%. Тешката индустрија забележа благ пораст од 0,2% во август 2025 во споредба со јули 2025. Сепак, во тримесечната споредба (јуни до август 2025), производството во овие гранки е пониско за 2,7% во однос на претходните три месеци. Во градежништвото има мал пораст од 0,6%.
Над половина од ЕУ увозот на електрични возила доаѓа од Кина
Над половина од ЕУ увозот на електрични возила доаѓа од Кина
Според најновите податоци објавени од Евростат за 2024 година, електричните и хибридните автомобили заземаат значаен удел во трговијата со автомобили на Европската Унија, иако кај увозот е забележан мал пад во процентуална застапеност во однос на претходната година. Во 2024 година, 43% од вкупниот увоз на автомобили во ЕУ биле електрични или хибридни, што претставува пад од 1% во споредба со 2023 година. Во исто време, уделот од вкупниот извоз изнесувал 28%, што е зголемување за 1% во однос на претходната година. Во ЕУ се потрошени 42,4 милијарди евра на увоз на хибридни и електрични автомобили од земји надвор од ЕУ во 2024 година, што е намалување за 12% во однос на 2023 година (€48,3 милијарди). Извозот на истите производи во земји надвор од ЕУ се намалил за 8%, на 57,3 милијарди евра. Вкупната вредност на производството на автомобили во ЕУ изнесувала 322 милијарди евра во 2024 година (намалување од €337 милијарди во 2023). Кина е главниот партнер за увоз на електрични автомобили во ЕУ, со 55% од сите увезени електрични автомобили, проследена од Јужна Кореја (16%), Јапонија и САД (двете со по 9%). Главни 3 дестинации за извоз на електрични автомобили од ЕУ биле Обединетото Кралство (31%), САД (23%) и Норвешка (11%).
Владата го раскина договорот за концесија на каменоломот во Страчинци
Владата го раскина договорот за концесија на каменоломот во Страчинци
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информира дека Владата еднострано го раскинала Договорот за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Лавинчеви“, во атарот на селото Страчинци, општина Гази Баба, склучен со „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје. Одлуката, според Меџити е донесена поради сериозни пропусти. Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Според Меџити, активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така, концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години. Меџити рече дека вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврдил дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите. Со оваа одлука престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки. „Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање нема да толерираат несовесно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме одговорно и одржливо управување со нив, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе бидат на прво место“, изјави Меџити.
Реплек АД ги зголеми приходите на 26 милиони евра во првите девет месеци
Реплек АД ги зголеми приходите на 26 милиони евра во првите девет месеци
Фармацевтската компанија Реплек АД објави одлични финансиски резултати за првите девет месеци од 2025 година. Сегментот Фармација остварил приходи од 26 милиони евра во периодот од 1 јануари до 30 септември 2025 година, што претставува раст од 18% во споредба со истиот период минатата година. Извозот останува главниот двигател на растот, сочинувајќи 75% од вкупните приходи. Извозните приходи достигнале 19,74 милиони евра, со раст од 18% на годишно ниво. Домашниот пазар придонел со 6,25 милиони евра, исто така бележејќи раст од 18%. На годишното Собрание во април 2025 година, усвоена е одлука за исплата на дивиденда во бруто износ од 400 денари по акција, која беше исплатена во јуни. Ова претставува раст од 33% во однос на дивидендата исплатена за 2023 година. Во насока на обезбедување одржлив раст, Реплек интензивно инвестира во стратешки проекти: - Модернизација на производство: Пуштена е во употреба нова линија за серијализација и пакување за зголемување на капацитетот и усогласеност со меѓународните стандарди. - Дигитална трансформација: Од 1 октомври 2025 година, компанијата успешно премина на глобалната ERP платформа SAP S/4HANA за поголема транспарентност и ефикасност. - Регионално проширување: Реплек го започна своето регионално проширување со отворање претставништва во Босна и Херцеговина и Србија кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, пазари кои веќе оствариле првични продажби. - Проширено портфолио: Во текот на 2025 година се лансирани пет нови производи, а се очекува портфолиото со нови лекови дополнително да се збогати до крајот на годината.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk