Денес беше официјално означен почетокот на изградбата на нова, повеќенаменска спортска сала во касарната „Гоце Делчев“, која ќе биде дел од комплексот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски. Ова е прв објект од ваков тип што се гради на територијата на Академијата по повеќе од 30 години, а неговата цел е да им обезбеди модерен простор за физичка подготовка на питомците и припадниците на Армијата. Салата, исто така, ќе биде достапна и за учениците од општина Аеродром, со што ќе се зајакне соработката меѓу институциите и локалната заедница. Министерството за спорт е инвеститор на проектот, чија вредност изнесува 64.780.000 денари. Оваа инвестиција се очекува значително да ги подобри условите за обука, придонесувајќи за развој на дисциплината, издржливоста и тимската работа, кои се клучни за воената професија. Проектот за изградба на автопатската делница Букојчани – Кичево, клучен сегмент од европскиот патен Коридор 8, влегува во финална фаза пред отпочнување на градежните работи. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ја заврши претквалификацијата за избор на изведувач, со што девет фирми се квалификуваа за поднесување понуди за проектот вреден околу 11,5 километри. Како што соопштија од ЈПДП, тендерот за претквалификација е спроведен согласно процедурите за набавки на ЕБОР. По успешното завршување на овој процес, деветте претквалификувани компании добија покана за поднесување понуди. Крајниот рок за доставување на понудите е 30 септември 2025 година, по што ќе следи детална евалуација и избор на најповолниот изведувач за градежните работи. Постоечката делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана е пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Сепак, поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно - диманички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки. Активностоте, пак за автопатската делница од Гостивар до Букојчани се во тек, Бехтел и Енка веќе работат на изградбата, а засилена градежна активност има и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, сите дел од Коридорот 8. Со ова ќе има целосно автопатско поврзување од главниот град Скопје до туристичкиот центар Охрид. Соединетите Американски Држави донесоа значајна одлука за намалување на царините за производи од Македонија, симнувајќи ги од досегашните 33% на 15%. Овој чекор ја изедначува Македонија со царините кои САД ги применува кон земјите членки на Европската Унија. Ова намалување ја става Македонија во значително поповолна позиција во однос на некои еврпски држави. За споредба, царините за Србија изнесуваат 35%, додека за Босна и Херцеговина се 30%. Изненадувачки, Швајцарија се соочува со високи царини од 39%. Премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека ова е само прва фаза од преговорите. „Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме во пауза поради годишните одмори. Очекувам втора половина во август да продолжиме со преговорите и очекувам уште намалување“, изјави Мицкоски. Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, исто така ја поздрави одлуката на САД, нагласувајќи дека ова претставува важен поттик за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и јасен сигнал за градење на поамбициозно трговско партнерство. „Иако преговорите за сеопфатен договор за тарифна либерализација сè уште се во тек, оваа одлука е конкретен доказ за заедничката посветеност на отворање нови можности за нашите извозници, компании и економијата во целина“, истакна Муцунски. Тој додаде дека владата останува целосно посветена на финализирање на договор што ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери и ќе создаде долгорочни придобивки за двете економии. Во трансформаторската станица „Дуброво“ пристигна нов, клучен 400/110 kV трансформатор, инвестиција вредна 4,8 милиони евра од страна на МЕПСО, соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Оваа инвестиција значително ќе ја зајакне стабилноста и сигурноста на македонскиот електропреносен систем во наредните три до четири децении. „Трансформаторската станица 'Дуброво' е клучна за македонскиот електропреносен систем, бидејќи го поврзува нашиот најголем производствен капацитет, РЕК Битола, со најголемиот потрошувачки регион – Скопје“, изјави министерката Божиновска. „Трансформаторската станица 'Дуброво' е клучна за македонскиот електропреносен систем, бидејќи го поврзува нашиот најголем производствен капацитет, РЕК Битола, со најголемиот потрошувачки регион – Скопје“, изјави министерката Божиновска. Таа потенцираше дека „Дуброво“ е еден од најважните енергетски јазли во регионот, со оглед на тоа што тука се вмрежуваат и 400 kV интерконективни далекуводи со соседните Бугарија и Грција. Пристигнувањето на новиот трансформатор е дел од стратешките инвестиции на МЕПСО, чија цел е модернизација и зајакнување на енергетската инфраструктура на државата. Овој чекор се очекува да придонесе за непречено снабдување со електрична енергија и поголема отпорност на системот кон потенцијални пречки. Македонија добива значајно зајакнување на воздушната поврзаност со Европа, откако министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, утрово објави потпишување на договор за пет нови авиолинии од Меѓународниот Аеродром Скопје. Овој потег, како што истакна министерот, ќе донесе повеќе туристи, подобри бизнис можности и нови опции за патување за граѓаните. Новите редовни линии ќе започнат со работа кон крајот на годината: Од ноември: Скопје-Стокхолм и Скопје-Мадрид. Од декември: Скопје-Бари, Келн-Скопје и Прага-Скопје. Со овие пет нови линии, вкупниот број на новоотворени дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром во последната година достигна 16, што претставува значителен напредок во регионалната и меѓународната поврзаност на земјата. Министерот Николоски, исто така, ги презентираше и позитивните резултати од работењето на аеродромите во првата половина од годината. Скопскиот и Охридскиот аеродром заедно достигнале милион и петсто илјади превезени патници. Конкретно, Скопскиот аеродром бележи раст од 5%, додека Охридскиот аеродром оствари уште позначаен раст од 11%. Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша извршна наредба со која се воведуваат дополнителни царини од 40% за Бразил, со што вкупниот износ на царини се искачува на 50%. Одлуката е донесена како одговор на, како што е наведено, „невообичаени и вонредни закани за националната безбедност, надворешната политика и економијата на Соединетите Американски Држави“ кои произлегуваат од неодамнешните политики, практики и дејствија на Владата на Бразил. Целта е да се одговори на политиките и дејствијата на бразилската влада кои, според наредбата, им штетат на американските компании, на правата на слободен говор на американските граѓани, на американската надворешна политика и на американската економија. Во наредбата се наведува дека „политички мотивираното прогонување, заплашување, вознемирување, цензура и гонење на поранешниот бразилски претседател Болсонаро и илјадници негови поддржувачи од страна на Владата на Бразил се сериозни кршења на човековите права кои го поткопуваат владеењето на правото во Бразил. Соединетите Американски Држави и Европската Унија денеска објавија постигнување на долгоочекуваниот и сеопфатен трговски договор, со кој се става крај на долготрајните трговски тензии и се отвора нова ера на економска соработка. Договорот, кој е резултат на интензивни преговори, цели кон ребалансирање на трговскиот биланс и создавање попредвидлива и стабилна трговска средина. Централен дел од договорот е воведувањето 15% царина за повеќето стоки од ЕУ во САД, вклучувајќи автомобили, автоделови, фармацевтски производи и полупроводници. Ова претставува значително намалување од претходно најавените повисоки царини од страна на САД, што ги смири стравувањата од ескалација на трговска војна. За возврат, ЕУ ќе ги укине сите царини за американски индустриски стоки извезени во ЕУ, отворајќи голем простор за американски производи на европскиот пазар. Дополнително, двете страни се согласија на „нула за нула“ царини за одредени стратешки производи, како што се сите авиони и нивни компоненти, одредени хемикалии, генерички лекови, опрема за полупроводници, но и некои земјоделски производи и критични суровини. Во однос на царините за челик и алуминиум, САД ќе ги задржат актуелните 50% царини за увоз од ЕУ, но најавени се понатамошни преговори за намалување и воведување систем на квоти. Сепак, статусот на царините за европско вино и жестоки пијалаци сè уште не е дефиниран. Договорот вклучува и значајни обврски за инвестиции. Европската Унија се обврза да инвестира дополнителни 600 милијарди долари во САД во текот на актуелниот претседателски мандат, што е надополнување на веќе постоечките годишни инвестиции од над 100 милијарди долари од европски компании во САД. На енергетски план, ЕУ ќе купи 750 милијарди долари вредност на американски енергетски извоз (течен природен гас, нафта и нуклеарно гориво) до 2028 година. Оваа обврска е насочена кон зајакнување на енергетската доминација на САД и намалување на зависноста на ЕУ од други извори. Истовремено, ЕУ ќе купи и воена опрема од САД во вредност од стотици милијарди долари. Експресниот пат Градско-Прилеп, на делниците Градско-Дреново и Дреново-Фариш, веќе е во активна употреба и значително го скратува времето на патување, соопшти министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Според министерот, десетици илјади возила веќе поминале по овој патен правец, што ја потврдува неговата важност за регионот. „Општините од Пелагонискиот крај се веќе многу поблиску до Скопје и останатите места“, изјави Николоски. Тој додаде дека патувањето до Грција е значително олеснето, а исто така и движењето на север кон Србија. Оваа подобрена инфраструктура, според министерот, веќе дава позитивни резултати во развојот на бизнисот и туризмот, овозможувајќи им на граѓаните полесно патување. Министерот Николоски најави дека активно се работи и на автопатот Прилеп-Битола. Овој проект, кога ќе биде завршен, драстично ќе го скрати времето на патување. „За многу брзо време, од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина“, истакна Николоски.