Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Финансии

ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот
ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со компаративна анализа за состојбата со минималната плата во регионот, потенцирајќи ја драстично лошата позиција на македонските работници.Македонија е убедливо на дното со минимална плата од 397 евра, додека соседните земји најавуваат или веќе вовеле значително повисоки износи. ССМ ја истакнува разликата во пристапот кон минималната плата во земјите од Западен Балкан: - Косово: Минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази до јули 2026 година. - Албанија: Од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе достигне 500 евра, со државни субвенции за осигурување на приватниот сектор (барање што го имаше и ССМ). - Србија: Со одлука на Владата, минималната плата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе биде 550 евра. - Босна и Херцеговина: Минималната плата за 2025 година е 511 евра. Во Република Српска се воведува скалеста минимална плата, која се движи од 512 евра за неквалификувани до 743 евра за ВСС работници. - Црна Гора: Минималната плата е 600 евра за работници до средно образование и 800 евра за високо образование. ССМ ја обвинува Владата за игнорирање на барањата на работниците, посочувајќи дека според најавите, минималната плата во Македонија нема да се менува до март 2026 година, кога се планира само законско усогласување кое нема да надмине 1.600 денари (околу 26 евра). Од таму додаваат дека и покрај стагнацијата на работничките плати, функционерските плати остануваат зголемени за 78-79%. Тие го критикуваат фактот што за време на расправата за Буџетот за 2026 година, народните избраници со плати над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра добро живеат. ССМ потсетува дека веќе организираше низа протести за зголемување на минималната плата и најавува дека тие ќе продолжат. Предупредуваат дека работодавачите со нивниот игноратски однос ќе предизвикаат генерален штрајк.
ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги објави резултатите од дводневната анкета спроведена меѓу работниците и граѓаните, која јасно ја отсликува потребата од драстично зголемување на минималната плата во земјата. Со репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, анкетата спроведена на 11 и 12 ноември, покажува дека огромното мнозинство работници бараат минималната плата да биде во опсег од 600 до над 700 евра. На прашањето колку треба да изнесува минималната плата, 45,2% од испитаниците сметаат дека таа треба да се зголеми на 600 евра, додека 42% одговориле дека износот треба да биде над 700 евра. Само 12,8% сметаат дека минималната плата треба да изнесува 500 евра. Потребата за итност е нагласена со фактот што дури 99,5% од анкетираните бараат минималната плата да се зголеми до крајот на тековната година. ССМ преку анкетата утврдил и висока подготвеност за синдикална акција доколку не се исполни нивното барање. Доколку не дојде до зголемување, 52,8% од испитаниците се подготвени да протестираат, а 47,2% се спремни да штрајкуваат. Заклучокот на синдикатот е дека сите испитаници сметаат дека треба да се преземат и протести и штрајкови. Во своето соопштение, ССМ заклучува дека барањето за раст на минималната плата не е желба на поединци, туку неопходна потреба на работниците во Македонија. Оваа анкета ќе послужи како основа за идните активности на ССМ во преговорите со социјалните партнери.
Министерството за финансии утре ќе исплати 18,48 милиони евра за втората емисија на граѓански обврзници
Министерството за финансии утре ќе исплати 18,48 милиони евра за втората емисија на граѓански обврзници
Министерството за финансии соопшти дека утре, 14 ноември, ќе изврши исплата на главницата и каматата од втората емисија на граѓански обврзници. Вкупно 18,48 милиони евра ќе бидат слеани на сметките на граѓаните кои инвестираа во овој финансиски инструмент. Исплатата се однесува на обврзниците издадени на 7 ноември 2023 година со рок на достасување од две години и годишна каматна стапка од 5%. Утре ќе бидат исплатени главницата во износ од 17,6 милиони евра и каматата во износ од 880 илјади евра, колку што изнесуваше и исплатата на каматата за првата година. Граѓанската обврзница беше воведена во 2023 година со цел збогатување на понудата на финансискиот пазар и проширување на изворите за финансирање на економските политики на државата. Досега се издадени две емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра, при што во првата емисија беа запишани 23,5 милиони евра, а во втората 17,6 милиони евра. Министерството за финансии информира дека по анализата на финансискиот пазар и трендовите, веќе се работи на подготовка на проспект за нова емисија на граѓански обврзници, во насока на диверзификација на понудата на финансиските инструменти за инвестирање.
Царинската управа со рекордни резултати: Во октомври слеани 196 милиони евра во Буџетот
Царинската управа со рекордни резултати: Во октомври слеани 196 милиони евра во Буџетот
Царинската управа во октомври повторно забележа рекордна наплата на приходи, соопшти директорот Бобан Николовски.Во државниот Буџет се слеани 12,05 милијарди денари (околу 196 милиони евра), што претставува зголемување од 11,4 милиони евра споредено со истиот период лани. Според Николовски, најзначаен раст е регистриран во наплатата на приходите од царина, кои бележат зголемување од импресивни 16,6 проценти. Како причини за ваквите високи резултати, тој ги истакна засилените контроли, поголемата институционална соработка и партнерскиот однос со компаниите. Приходите од наплата на давачки при увоз на возила се зголемени за 11 проценти. „Од почетокот на годинава, заклучно октомври, наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, за 89,4 милиони евра повеќе споредбено со лани.“ - изјави Николовски. Царинската управа интензивно работи и на спречување на криминалот. Заклучно со октомври, Управата поднела вкупно 174 кривични пријави. Од нив, 89 кривични пријави се однесуваат на сторени кривични дела поврзани со возила.
Од полноќ бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Од полноќ бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%. Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 74,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 76,50 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 72,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,427 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Животните трошоци се зголемени за 4,5% во однос на минатата година
Животните трошоци се зголемени за 4,5% во однос на минатата година
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека индексот на трошоците за живот во октомври 2025 година, во однос на истиот месец лани, бележи зголемување од 4,5%, додека индексот на цените на мало бележи годишно зголемување од 2,8%. Во однос на претходниот месец, е намален за 0,2%. Поевтинување има во групата Транспорт за 6,1%, како и помали намалувања кај Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3% и Образованието, Рекреацијата и културата за 0,1%. Зголемување на трошоците за живот во октомври е забележано во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, како и Облека и обувки за 1,2%, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3%, Домување, вода, електрика, гас и други горива, Ресторани и хотели за 0,2% и Здравје за 0,1%. Трошоците за живот во групата Разновидни стоки и услуги остануваат непроменети. Индексот на цените на мало во октомври 2025 година, во однос на септември, изнесува 98,7.
ССМ: Цените со раст, платите во место – Минималната кошница достигна 65.544 денари
ССМ: Цените со раст, платите во место – Минималната кошница достигна 65.544 денари
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармира за економската состојба, предупредувајќи дека граѓаните тонат во сиромаштија поради драматичната разлика меѓу постојаниот раст на цените и стагнацијата на платите. На годишно ниво инфлацијата изнесува 4,5 проценти, но цените на храната и основните производи продолжуваат силно да го исцрпуваат семејниот буџет. Во споредба со октомври лани, цените на храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за 7 проценти. Најголем удар има кај овошјето со скок од 21%, месото и маслото се поскапи за речиси 10%, лебот и житариците за 5,5%, а кафето, чајот и какаото – дури за 26%. Синдикалната минимална кошница за октомври достигнала 65.544 денари, што е зголемување од 7% во однос на истиот месец минатата година (61.249,00 денари), или за 4.295,00 денари повеќе, но без реално зголемување на платите оваа бројка е само уште еден доказ дека граѓаните тонат во сиромаштија. Од ССМ порачуваат дека „Крајно време е надлежните да сфатат дека со оваа скапотија тешко се живее! Работниците се исцрпени, платите не стигнуваат ниту за основни потреби. Наместо да бидеме пример во регионот, остануваме на дното!“. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потенцира дека државата ризикува да биде на опашката во регионот: „Мислам дека можевме да бидеме лидери во регионот со зголемување на плати, веројатно ќе бидеме на опашката, бидејќи сите најавија драстично зголемување и на минималната и на сите останати плати во регионот“. Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, најави дека се бара ново, повисоко ниво на минимална плата: „Владата мора да се соочи со реалноста и да ја натера бизнис-заедницата да ги зголеми платите. И во јавниот и во приватниот сектор! Нашето барање за 500 евра минимална плата веќе е застарено – ќе излеземе со ново, повисоко барање кое ќе одговара на реалните трошоци на животот.“
Премиерот Мицкоски со проекции за инфлацијата: На годишно ниво меѓу 3,5 и 4%, а следната година 2-3%
Премиерот Мицкоски со проекции за инфлацијата: На годишно ниво меѓу 3,5 и 4%, а следната година 2-3%
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги изнесе своите очекувања во однос на инфлацијата, најавувајќи дека за месец октомври се очекува таа да биде нешто поголема, движејќи се во рамките на 4 до 4,5 проценти. Како причина за очекуваното октомвриско зголемување, премиерот го наведе ефектот на ниската база од истиот месец минатата година, кога биле преземени мерки за нејзино намалување од страна на Владата. Мицкоски даде проекција за движењето на инфлацијата на подолг рок: - Годишна инфлација: Очекувањата се да се движи меѓу 3,5 и 4 проценти. - Следната година: Се планира стапката да се намали и да се движи меѓу 2 и 3 проценти.
Нови проекции на Народна банка: Зголемување на БДП до 3,5%, додека инфлацијата ќе има раст од 3,9%
Нови проекции на Народна банка: Зголемување на БДП до 3,5%, додека инфлацијата ќе има раст од 3,9%
Народната банка (НБ) го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. На редовната седница на Извршниот одбор одржана на 4 ноември 2025 година, беше одлучено каматните стапки да останат непроменети, во согласност со тековните економски услови и најновите макроекономски проекции. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека стапките на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И покрај забавувањето на годишната стапка на инфлација во септември на 4%, таа и натаму е во фокусот на монетарната политика. Според најновите проекции, се очекува инфлацијата за целата 2025 година да изнесува 3,9% во просек, а на среден рок да се сведе на 2% до 2028 година. Ова намалување се очекува да произлезе од закотвените инфлациски очекувања и намалените притисоци од увозните цени. Економскиот раст во првата половина на 2025 година достигна 3,2%, а новите проекции на НБ упатуваат на забрзување на растот на бруто-домашниот производ (БДП) на 3,5% во 2025 година и 4% на среден рок. Инвестициите се очекува да бидат главниот двигател на растот. На девизниот пазар, состојбата е стабилна. Нивото на девизните резерви на крајот на октомври изнесува 4.842,9 милиони евра, што се оценува како соодветно. Банкарскиот сектор покажува солидна поддршка за економската активност. До крајот на 2025 година, Народната банка очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%.
УЈП: Двоцифрен раст на даноците и на социјалните придонеси во октомври
УЈП: Двоцифрен раст на даноците и на социјалните придонеси во октомври
Управата за јавни приходи (УЈП) објави позитивни резултати за остварените приходи во октомври, бележејќи раст и кај даноците и кај социјалните придонеси во споредба со истиот месец лани. Вкупните приходи од даноци во октомври 2025 година достигнале 14,3 милијарди денари (околу 233,48 милиони евра). Ова претставува раст од 11,6% во однос на октомври 2024 година, кога биле собрани 12,8 милијарди денари (околу 209,0 милиони евра). Апсолутниот раст изнесува 1,5 милијарди денари повеќе (околу 24,48 милиони евра). Приходите од социјални придонеси забележале уште поголем пораст. Во октомври 2025 година, собрани се 11,2 милијарди денари (околу 182,76 милиони евра). Во однос на октомври 2024 година, кога биле 9,8 милијарди денари (околу 159,9 милиони евра), растот изнесува 14,9%. Разликата во апсолутна бројка е 1,4 милијарди денари повеќе (околу 22,86 милиони евра).
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk