Во периодот од 01.01.2025 година заклучно со минатиот месец 30.09.2025 година во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без притоа да имаат возачка дозвола. Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола. Од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во овој временски интервал изречени се 1.634 мерки за возачи кои учествувале во сообраќајот спротивно одредбите во членот 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно возеле без возачка дозвола, додека пак на територија на Секторот за внатрешни работи Велес 1.466 возачи управувале возило без возачка дозвола, на подрачје на СВР Штип изречени се 1.238 мерки, а на територија на СВР Охрид 1.086 санкции. Во првата недела од месец октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Од МВР апелираат до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас. Скопската полиција утрово, по брза акција, лиши од слобода двајца млади скопјани, Ф.Ц. (23) и И.Ц. (24), поради сомнение дека се сторители на подметнат пожар во скопската населба Аеродром, во кој изгореа три возила. Инцидентот се случил на 08.10.2025 година, околу 02:20 часот, на паркинг просторот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“. Пожарот зафатил две товарни возила („Ивеко“ и „Рено“) со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје и едно патничко возило („Опел“) со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Е.С. од Прилеп. Противпожарната бригада на Град Скопје успеала да го изгасне пожарот во 02:50 часот. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од Полициската станица Аеродром и Единицата за интервентна полиција презеле мерки за пронаоѓање на сторителите. Двајцата осомничени, Ф.Ц. и И.Ц., биле лишени од слобода на булеварот „АСНОМ“. Тие се задржани во полициска станица и се очекува против нив да бидат поднесени соодветни пријави, откако ќе се утврдат мотивите и причините за подметнувањето на пожарот. Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Н.Ј.(47) и Т.И. (58), двете од Скопје поради основано сомнение за сторени кривични дела „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“ и „малтретирање во вршење на службата“. МВР во координација со ОЈО во изминатите два дена обезбеди докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица. Двете приватни установи, во периодот од 2022 година до денес, не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи, односно сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Сите недоследности и неправилности се констатирани во записник од извршениот вонреден инспекциски надзор, а за услугата која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од 2.232.000 денари. При извршените претреси во двете установи, од кои едната на улицата „Рудо" во Бутел, а другата на улица „Козара" во Центар, утврдено е дека двете осомничени, како лица што постапуваат во службено својство, вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување. Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица. За грижа и нега на лицата немале обезбедено соодветен број редовно вработени стручни кадри. Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба или по две лица спиеле на ист единечен кревет. На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар. По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување. Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Шуто Оризари претстави низа капитални проекти и социјални мерки, истакнувајќи ја оваа општина како клучен дел од неговата визија за современо, рамномерно развиено и функционално Скопје. Поголеми капитални проекти се изградба на Културен дом „Есма Реџепова” и нов фудбалски стадион. Културниот дом „Есма Реџепова“ ќе биде изграден на местото на старото матично. Според Ѓорѓиевски, домот ќе биде посветен на театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности. Со именувањето, како што потенцираше кандидатот, се оддава посебна почит кон големата Есма Реџепова – амбасадор на ромската култура. Во областа на спортот, новиот фудбалски стадион ќе биде современ комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални и осветлување, наменет за спортување и развој на младите, но и за локални, регионални натпревари и општествени настани. Дополнително, Ѓорѓиевски најави и обнова на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, преку целосна реконструкција на терените и уредување на зелените површини, со цел центарот повторно да стане средиште на рекреацијата. Други проекти од програмата предвидуваат финансиска помош и хуманитарни пакети за социјално загрозени семејства и поединци, психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација и формирање на прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација, како помош за бездомниците повторно да се интегрираат во заедницата. По добиени сознанија за можен нехуман третман на стари лица – корисници на услуги за вон-семејна заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во координација со Министерството за внатрешни работи, Единица за економски и компјутерски криминал, презема дејствија за расчистување на случајот. Откако се прибрани доволно информации кои ги потврдуваат основите на сомнение, вчера се извршени претреси на четири локации поврзани со две приватни установи за социјална заштита на стари лица. Денеска се вршат претреси на уште две поврзани локации. До овој момент, две лица се лишени од слобода. На лице место, покрај претставниците од МВР и обвинителството, присуствуваат и инспектори од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, како и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во акцијата се вклучени и претставници од Центрите за јавно здравје, доктори од Итната медицинска помош и од Институтот за судска медицина и криминалистика. Институциите продолжуваат со активности за утврдување на сите правно релевантни факти и евентуална одговорност во случајот. Според најновите податоци објавени од Евростат за 2024 година, електричните и хибридните автомобили заземаат значаен удел во трговијата со автомобили на Европската Унија, иако кај увозот е забележан мал пад во процентуална застапеност во однос на претходната година. Во 2024 година, 43% од вкупниот увоз на автомобили во ЕУ биле електрични или хибридни, што претставува пад од 1% во споредба со 2023 година. Во исто време, уделот од вкупниот извоз изнесувал 28%, што е зголемување за 1% во однос на претходната година. Во ЕУ се потрошени 42,4 милијарди евра на увоз на хибридни и електрични автомобили од земји надвор од ЕУ во 2024 година, што е намалување за 12% во однос на 2023 година (€48,3 милијарди). Извозот на истите производи во земји надвор од ЕУ се намалил за 8%, на 57,3 милијарди евра. Вкупната вредност на производството на автомобили во ЕУ изнесувала 322 милијарди евра во 2024 година (намалување од €337 милијарди во 2023). Кина е главниот партнер за увоз на електрични автомобили во ЕУ, со 55% од сите увезени електрични автомобили, проследена од Јужна Кореја (16%), Јапонија и САД (двете со по 9%). Главни 3 дестинации за извоз на електрични автомобили од ЕУ биле Обединетото Кралство (31%), САД (23%) и Норвешка (11%). Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информира дека Владата еднострано го раскинала Договорот за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Лавинчеви“, во атарот на селото Страчинци, општина Гази Баба, склучен со „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје. Одлуката, според Меџити е донесена поради сериозни пропусти. Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Според Меџити, активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така, концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години. Меџити рече дека вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврдил дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите. Со оваа одлука престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки. „Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање нема да толерираат несовесно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме одговорно и одржливо управување со нив, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе бидат на прво место“, изјави Меџити. Дури 1.158 парчиња часовници со потпис на заштитени трговски марки „Ролекс“, „Бос“, „Армани“ и „Томи Хилфигер“ се запленети при контрола на стока пријавена за транзит на граничниот премин Богородица. Случајот е откриен од мобилен царински тим, кој поради сомневање изврши детален преглед, при што се пронајдени часовници чија пријавена вредност согласно фактура издадена од фирма од Кина изнесува 60.852 денари. Поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост, стоката е задржана, при што е започната постапка за утврдување на оригиналноста на производите. Царинските службеници на граничните премини и мобилните царински тимови годинава заклучно со септември открија 63 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, при што се запленети речиси 78 илјади производи со потпис на познати трговски марки. Од нив, во 37 случаи веќе е утврдено дека станува збор за фалсификати на вкупно 27.329 производи. „Годинава заклучно септември откривме 63 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, што е за над 40 проценти раст во однос на минатата година кога во овој период, се откриени 44 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост. Половина од случаите, или точно 32 случаи, годинава се откриени од нашите мобилни царински тимови. Овие резултати јасно ги потврдуваат нашите напори во борбата против трговија со фалсификати,“ - истакна директорот Бобан Николовски. Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки кои го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и преку зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Македонија. Фармацевтската компанија Реплек АД објави одлични финансиски резултати за првите девет месеци од 2025 година. Сегментот Фармација остварил приходи од 26 милиони евра во периодот од 1 јануари до 30 септември 2025 година, што претставува раст од 18% во споредба со истиот период минатата година. Извозот останува главниот двигател на растот, сочинувајќи 75% од вкупните приходи. Извозните приходи достигнале 19,74 милиони евра, со раст од 18% на годишно ниво. Домашниот пазар придонел со 6,25 милиони евра, исто така бележејќи раст од 18%. На годишното Собрание во април 2025 година, усвоена е одлука за исплата на дивиденда во бруто износ од 400 денари по акција, која беше исплатена во јуни. Ова претставува раст од 33% во однос на дивидендата исплатена за 2023 година. Во насока на обезбедување одржлив раст, Реплек интензивно инвестира во стратешки проекти: - Модернизација на производство: Пуштена е во употреба нова линија за серијализација и пакување за зголемување на капацитетот и усогласеност со меѓународните стандарди. - Дигитална трансформација: Од 1 октомври 2025 година, компанијата успешно премина на глобалната ERP платформа SAP S/4HANA за поголема транспарентност и ефикасност. - Регионално проширување: Реплек го започна своето регионално проширување со отворање претставништва во Босна и Херцеговина и Србија кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, пазари кои веќе оствариле првични продажби. - Проширено портфолио: Во текот на 2025 година се лансирани пет нови производи, а се очекува портфолиото со нови лекови дополнително да се збогати до крајот на годината.