Министерството за внатрешни работи објави тендер за нови униформи и за замена на старите, непрактични и нефункционални униформи со нови, модерни, квалитетни и функционални по терк на европските полиции. Министерството оствари технички дијалог со 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози. Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови, да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани. Новата униформа во себе ќе содржи елементи како виндјакна, теренска јакна, летни и зимски теренски панталони, кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми. Тендерот е објавен на електронскиот систем за е-набавки и на него можат да учествуваат сите заинтересирани компании. Управата за јавни приходи (УЈП) објави јавен повик до угостителите и трговците на мало, потсетувајќи ги на нивните обврски да ги коригираат даночните пријави и да го пријават скриениот промет. Според податоците на УЈП, од јануари до август 2025 година, извршени се над 3.700 теренски контроли, при што кај околу една третина од субјектите биле откриени неправилности, како што се неиздавање фискални сметки и непријавен готовински промет. Во рамките на оваа акција, УЈП испратила известувања до повеќе од 1.000 даночни обврзници кои претходно биле санкционирани. Тие се повикани да ги коригираат своите даночни пријави, да го пријават скриениот промет и да го платат данокот што го должат. „Ако не се испочитуваат повиците, УЈП ќе ги примени сите механизми за процена на скриениот промет, наплата на данокот и други санкции“, изјавија од Управата. Оттаму додаваат дека оваа акција не е „лов на грешки“, туку има за цел воспоставување ред и намалување на сивата економија. УЈП го нагласува сериозниот карактер на повикот и апелира сите обврзници да ги исполнат своите даночни обврски во дадениот рок. Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед. Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста. Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни. „Фич“ очекува економијата да оствари раст од 3,2% за целата 2025 година и просечно 3,4% во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3%. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите. Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7% од БДП во 2024 година, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија. Според Фич, ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок. „Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60% од БДП на среден рок. Потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици. Царинската управа на Република Македонија продолжува да ги интензивира своите напори за унапредување на трговската соработка со САД. Растот на трговската размена и привлекувањето нови инвестиции од страна на американски компании се клучни цели во рамките на новата трговска стратегија на Царинската управа. Во тој контекст, целосно се применуваат најновите измени на Законот за царинска тарифа, што резултира со ослободување на увозот на производи со потекло од САД од сите царински давачки. Оваа важна мерка беше потврдена од страна на директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, кој се сретна со Барнабас Биркланд, економско аташе на амбасадата на САД, и Јордан Дамчевски, економски советник во амбасадата. На средбата, Николовски истакна дека оваа иницијатива е од витално значење за зголемување на трговскиот обем и создавање поволни услови за американски инвеститори да се насочат кон македонскиот пазар. „Оваа посета е значајна можност за унапредување на соработката, особено во реализацијата на заедничките приоритети - спроведување ефективни трговски политики кои ќе го зголемат обемот на трговската размена и ќе привлечат нови инвеститори од САД“, изјави директорот Николовски. Тој додаде дека заедно со САД се работи на економска трансформација преку подобрена трговска политика, борба против криминалот и корупцијата, како и создавање подобра бизнис-клима која ќе обезбеди стабилен и одржлив економски раст. Економскиот аташе на САД, Биркланд, ја потврди важноста на добрата соработка и истакна дека Амбасадата на САД продолжува да негува одлични релации со Царинската управа. Соработката меѓу двете институции ќе продолжи и во иднина, со цел понатамошно унапредување на економските врски. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2023 година, 2.6% од домашните претпријатија во деловниот сектор се странски филијали, односно претпријатија контролирани од странство. Тоа претставува 1.783 претпријатија кои работат под странска контрола. Странските филијали имаат значајно влијание на македонската економија, со тоа што ангажираат 22.8% од вкупно вработените и генерираат 34.6% од вкупната бруто-додадена вредност. Најголемо учество во додадената вредност на овие претпријатија имаат секторите: Преработувачка индустрија (37.7%), Информации и комуникации (17.0%) и Трговија на големо и трговија на мало (12.2%). Од податоците произлегува дека странските филијали се најмногу контролирани од европски земји, со што 90.6% од нив потекнуваат од Европа. Од тие, земјите членки на Европската унија (ЕУ) контролираат 57.5% од филијалите, во кои се ангажирани 63.9% од вработените и кои учествуваат со 64.2% во вкупната додадена вредност. Меѓу економски најзначајните странски филијали во Македонија се оние под контрола на Австрија (16.9% учество во додадената вредност), Холандија (11.2%), Германија (10.1%) и Обединетото Кралство (9.1%). По пожарот кој целосно изгоре неколу погони на фабриката, компанијата Макпрогрес објави дека целиот тим е успешно вратен и целосно прилагоден на новата ситуација во фабриките Винчини, Сончева Долина, Фантазија, Натура, Дониа и Винчини Чоколадна Фабрика. „Навистина сме горди што ги преземаа сите предизвици како вистински шампиони,“ изјавија од Макпрогрес, додавајќи дека поддршката која ја добија од вработените и заедницата била од огромно значење. Компанијата истакна дека цела Македонија застанала зад Винчини, домашнен бренд кој е гордост не само на Виница, туку и на целата држава. Овој момент, според нив, ја дефинира иднината на брендовите на Макпрогрес и ќе биде поттик за понатамошен раст и развој. „Ова е феномен! Да се види како цела Македонија застана зад еден домашен бренд и мал град како Виница. Тоа од сега натака ќе го дефинира нашиот бренд и нашата приказна“, се наведува во објавата. На 18.09.2025 година, во 22:50 часот, полициски службеници од полициската станица за граничен надзор, при изведување на контрола на магистралниот пат Струга-ГП Ќафасан, кај село Франгово, го лишија од слобода Џ.Б. (40) од Скопје. Скопјанецот се сомничи дека со своето возило „Ауди“ со скопски регистарски ознаки извршувал криумчарење на мигранти. Во близина на возилото, полицијата забележала четири женски лица кои се обиделе да избегаат, но веднаш биле фатени. При контрола било утврдено дека станува збор за државјанки на Непал, три на возраст од 22 години и една на 34 години. Мигрантите, како и возачот, се предадени во Основното јавно обвинителство Струга за понатамошна постапка. По целосното документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави. Секторот за внатрешни работи Куманово во соработка со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против М.П.(43) од Куманово, вработена во МВР - Одделение за управни работи Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353, против Ф.Т. (29) од Куманово, вработен како контролор во станица за технички прегледи во Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ по член 378 и „употреба на исправа со невистината содржина“ по член 380, против Б.П.(35) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ по член 278-б, против Д.З.(34) од Куманово поради постоење основи на сомнение за „давање лажен исказ“ по чл.367 и „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама “ член 278-б и против К.П.(39), М.П.(37) , Д.М. (36), Д.С.(35), С.С.(40), М.М.(37) и М.М.(24), сите од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ по член 278-б од Кривичниот законик. М.П. и Ф.Т. во текот на 2024 година се договориле Ф.Т. да наоѓа сопственици на моторни возила кои сопствениците со странски регистарски таблички ги управуваат на територија на државата и во соработка и договор со Б.П ги наоѓале сопствениците и за половина од цената што треба да jа платат на име царински и други давачки за увоз на половни моторни возила М.П. ги регистрирала и внесувала во електронскиот систем на регистрирани моторни возила без да ги платат давачките за увоз на половни моторни возила, за сообраќајна дозвола, административни такси, такса за користење на регионални и локални патишта и надомест за издавање на регистарски таблички. Ф.Т., користејќи го своето работно место, а откако претходно се договорил со Б.П. Д.З., К.П., М.П., Д.М., Д.С., С.С., М.М., и М.М., изготвувал електронски табели налик на табелата која се издава од Бирото за метрологија при издавање на хомологација за возила увезени од странство, во кои внесувал податоци за возилата.