Регулаторната комисија за енергетика, донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,62 % во однос на одлуката од 9.09.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,075%, кај дизелот за 0,414%, кај екстра лесното масло за 0,058% и кај мазутот намалувањето е за 1,145%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3613%. Од 16.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 – 75,50 денари за литар. - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 – 77,50 денари за литар. - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 денари за литар. - Маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 денари за литар. - Мазут М-1 НС – 36,740 денари за литар. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,408 ден/кг и сега ќе изнесува 36,740 ден/кг. Од РКЕ истакнуваат дека намалувањето е резултат на пад на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и на понискиот курс на денарот во однос на американскиот долар. Меѓународниот аеродром Скопје уште еднаш е прогласен за еден од најдобрите во Европа, освојувајќи ја престижната награда за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ (Easiest Airport Journey in Europe). Наградата, која е дел од програмата Airport Service Quality (ASQ), беше доделена на свечена гала-церемонија во Гуангжу, Кина. Ова е десетти пат како ТАВ Македонија, компанијата што раководи со аеродромот, го добива ова признание од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI). Наградата се доделува врз основа на анкети спроведени меѓу самите патници, кои го оценуваат квалитетот на аеродромските услуги. Неџат Курт, генерален менаџер на ТАВ Македонија, изјави: „Ова е повеќе од чест – тоа е потврда дека упорноста, посветеноста и љубовта кон нашата работа носат резултати. Ова признание е за целиот аеродромски тим и за сите патници кои секојдневно ни ја укажуваат својата доверба“. Наградата ја потврдува континуираната посветеност на аеродромот да ги подобрува своите услуги. Во минатото, аеродромот веќе беше наградуван како „Најдобар аеродром во Европа“ во категоријата до 2 милиони патници (2012, 2013, 2015, 2018), а потоа и во поголемата категорија од 2 до 5 милиони патници (2019, 2020, 2021, 2022, 2023, 2024). Во време кога над 73% од македонските работници примаат плата под просекот, фрапантни се податоците за платите на најбогатите, алармира претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Во јули највисоката исплатена нето-плата во земјава изнесувала над 320.000 евра, ССМ побара одговорност и истакна дека оваа плата е еквивалентна на платите на 817 работници со минималец. Трите највисоки плати заедно надминуваат 700.000 евра, што е плата за 1790 работници со минимална плата за еден месец. „Но, уште позагрижувачки се податоците дека во мај има 0 (нула) работници кои примиле минимална плата и 0 (нула) кои примиле просечна плата, што фрла дополнителен сомнеж на состојбите со платите во Македонија“, изјави Трендафилов. Синдикатот посочува на големата неправда и дискриминација во даночниот систем. Според нив, додека работниците со минимални и просечни плати плаќаат 38% придонеси, газдите со милионски примања над највисоката основица од 16 просечни бруто-плати, плаќаат само 10% персонален данок. Полицијата вчера спровела координирана акција во неколку објекти во Тетово, при што е уапсена 41-годишна жена од скопското село Бојане, под сомнение за посредување во проституција. Акцијата се одвивала од 12:00 до 14:00 часот, а била спроведена од полициски службеници од СВР Тетово, во содејство со Државната пазарна инспекција, Управата за јавни приходи и Државната трудова инспекција. При контролата на угостителски објект на улицата „Јане Сандански“, во 14:00 часот, лишена од слобода е Г.Ш.(41) од скопското село Бојане. Таа била затекната во објектот, а постои основано сомнение дека сторила кривично дело по член 191 од Кривичниот законик. Во објектот бил затекнат и управителот Г.Н.(59) од Тетово. Од двајцата се одземени мобилни телефони. Г.Ш. е задржана во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Сектор за криминалистички истраги - Единица за недозволена трговија со дрога, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.А.(42) и Б.А.(40), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. Во периодот од 2020 до 2025 година, пријавените набавувале семки од растението канабис и во дворовите од нивните куќи во с.Огњанци, скопско, одгледувале стебла, кои ги береле, сушеле, а потоа ги пакувале во зипер ќеси и ги продавале на уживатели на подрачјето на град Скопје по цена од 500 денари за една зипер ќеса. На 06.09.2025, со судска наредба, полициски службеници извршија претреси во домовите на пријавените. Притоа, во домот и дворот на Б.А.(42) се пронајдени и одземени марихуана и осум стебла од растението канабис. Додека, во домот и дворот на Б.А.(40) се пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, дробилка и четири стебла од растението канабис.